Македонија
Кочоска: Владата успеа за три последователни квартали да обезбеди стапка на раст од 3 проценти
Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ, беше дел од панелистите на трибината која што се одржа во општина Прилеп, на тема ,,Економски раст и дигитална трансформација“. Таа истакна дека по преземањето на Министерството за финансии бил затекнат катастрофален буџетски дефицит и необезбедени средства за основни обврски, но со ребаланс и одговорни политики успеале да стабилизираат финансии и да обезбедат економски раст. Таа нагласи дека е постигнат значителен раст на капиталните расходи, бруто-инвестициите и градежништвото, зголемени се платите во образованието и здравството, а бројот на вработени е значително зголемен.
,,Во периодот кога го преземавме или влеговме во министерството за финансии состојбата беше катастрофална, буџетскиот дефицит беше веќе 70% потрошен, или парите беа повеќе од 70% реализирани заклучно со 23 јуни, а во однос нели на целата година. Она што беше исто така вознемирувачко во тој момент беше состојбата на девизната сметка која што беше едвај 47 милиони евра притоа однапред знаејќи од претходната влада дека следи период а тоа е месец јули кога требаше да се сервисира една обврска за јавното претпријатие за државни патишта отприлика во тој износ што значи дека ќе останевме речиси и без средства на девизната смeтка“, рече Кочоска.
Кочоска истакна дека со навремен ребаланс и одговорен пристап, успеале да ги покријат сите необезбедени средства и да поттикнат економски раст. Таа потенцираше дека голем дел од законските обврски на претходната влада не беа обезбедени.
,,Успеавме преку прераспределби и делумно зголемување на буџетскиот дефицит да обезбедиме 4,1 милијарда денари за плати согласно колективни договори кои што требаше а не ги обезбедија, притоа и во време на избори се потпишуваа колективни договори без притоа да се има обезбедено средства за истото. 5.5 милијарди денари за пензии иако во тој период. Многу често коментираа дека имало доволно средства за пензиите заради нашата променета методологија биле потребно дополнително средства. Не беше точно“, вели Кочоска.
Кочоска истакна дека претходната влада немала предвидено доволно средства дури ни според својата методологија, недостигале 800 милиони денари за загарантираната минимална помош, милијарда и 700 милиони денари за здравството, 1 милијарда за ТИРЗ, 437 милиони за студентски оброк и 207 милиони за студентски стипендии. Таа додаде дека не биле обезбедени ниту 300 милиони денари за блок-дотации, ниту 330 милиони за изборни активности, а биле потребни околу 5 милијарди денари за гаранции и покривање на обврски на јавните претпријатија, кои се наоѓале во сериозна финансиска криза поради неодговорно управување.
,,Во еден многу краток временски период, Владата предводена од претседателот Христијан Мицкоски навистина успеа за три последователни квартали да обезбеди стапка на раст од 3% и тоа повеќе се должи на она што ние го најавувавме во континуитет, а тоа е дека ќе имаме посебно внимание посветено на инвестициите и бруто инвестициите забележаа раст од 18% односно тоа е ефектот од онаа наша мерка пред се 250 милиони евра кои што ги насочивме кон приватниот сектор преку развојната банка, коишто до овој момент се искористени половина од нив 125 милиони евра и во исто време раздвижување во делот на капиталните инвестиции“, кажа Кочоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара украденото да се врати кај народот
Опозициската СДСМ обвини дека власта спроведува, како што наведуваат, грабеж преку криминални тендери, во време кога во државниот буџет недостасуваат две милијарди евра.
Од партијата посочуваат дека 161 тендер биле доделени на една фирма, 51 тендер на, како што велат, омилената фирма на ВМРО-ДПМНЕ преку општините, девет милиони евра на фирма со двајца вработени, како и 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта на Северна Македонија.
Според СДСМ, станува збор за милионски суми и голем број тендери кои, како што тврдат, завршуваат кај исти фирми.
„Украденото мора да се врати кај народот“, наведуваат од партијата, додавајќи дека за тоа да се случи мора да има одговорност за криминалните тендери.
Од СДСМ сметаат дека одговорноста треба да започне од, како што ја нарекуваат, тендер коалицијата ВМРО–ЗНАМ и дека нема борба против криминалот и корупцијата без одговорност на врвот на власта.
Во соопштението се наведува дека наместо празни зборови за промоција, премиерот Христијан Мицкоски треба да ги повика обвинителите и судиите кои ги поставува и постапките да започнат од 161 тендер, потоа од 51 тендер и од тендерот во Поштата.
Македонија
(Фото) „Водовод“ отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров
Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје, известува, дека со цел да овозможи поголема достапност на услугите за своите корисници, отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров. По тој повод, директорот на претпријатието, Иван Митровски, изврши увид во функционирањето и подготвеноста на новоотворениот наплатен пункт.

„Со отворањето на овој наплатен пункт, на корисниците им се овозможува плаќање на месечните сметки, проверка на состојбата на долгот за потрошена вода и пријавување на состојбата на водомерите.

Наплатниот пункт е лоциран во постоечкиот објект на ЈП Водовод и канализација -Скопје, на улица Ѓорче Петров, до Тинекс маркетот, и ќе работи секој работен ден од 07:30 до 15:00 часот“, соопшти „Водовод“.

Од таму информираат дека наплатниот пункт во Сарај е затворен.
Македонија
Андоновски на средби со технолошки лидери во САД: разговарано за теми од клучно значење за развојот на безбедна дигитална инфраструктура
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посетата на Соединетите Американски Држави ја започна со работна средба со MITRE Corporation, една од највлијателните и најдоверливи институции што со децении работат директно за Владата на САД во областа на сајбер безбедноста и управуваат со повеќе FFRDC центри (Federally Funded Research and Development Centers).
На средбата се разговараше за теми од клучно значење за современата држава и развојот на безбедна дигитална инфраструктура, меѓу кои: вештачка интелигенција и нови технологии со фокус на доверливост и валидација, сајбер безбедност и национална сајбер-отпорност за заштита на критична инфраструктура и државни платформи, дигитално управување и менаџмент на податоци за институционална дигитална зрелост и интероперабилност, како и области со високи безбедносни стандарди – авијација, безбедност и здравствен систем.
Средбата вклучи разговори со Beth Meinert (виш потпретседател и генерален директор), како и со Yosry Barsoum и Shamik Das од MITRE Corporation. Разговорот беше насочен кон тоа како се гради доверба во дигиталната држава, како се поставуваат јасни правила за одговорност и безбедност, и како институциите можат да носат подобри одлуки базирани на податоци, стандарди и мерливи резултати. Министерот Андоновски имаше можност да го посети и иновацискиот центар за истражување на MITRE, известува Министерството за дигитална трансформација.

Во рамки на посетата, министерот Андоновски заедно со владината делегација, која ја сочинуваат Игор Јанушев, Генерален секретар на Владата, и Златко Перински, Министер за локална самоуправа, остварија средба и со претставници на Microsoft, при што разговараа со Коззета Гарет, General Manager for Cyber Security Services во Microsoft, за актуелни предизвици и можности за унапредување на сајбер безбедноста, зајакнување на отпорноста на јавните системи и поддршка на дигиталната трансформација.
Делегацијата во САД ќе присуствува и на Молитвениот појадок, како дел од официјалната агенда на посетата.

