Свет
Ајатолахот Хамнеи се огласи по нападот: САД не успеаја да постигнат ништо значајно
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, кој не е виден повеќе од една недела, го одржа својот прв говор по нападот на САД. Последен пат се обрати на јавноста во телевизиска изјава од непозната локација на 18 јуни.
Во својата изјава, ајатолахот Хамнеи рече дека САД „не успеале да постигнат ништо значајно“ со нападот врз нуклеарните постројки на Иран.
Тој рече дека американскиот претседател Доналд Трамп дал „некарактеристично надуена“ верзија за тоа што се случило.
„Беше јасно дека мораше да го стори тоа“, рече Хамнеи, додавајќи дека секој што слуша може да препознае како САД ги претеруваат работите за да ја искриват вистината.
„Нападнавме една од клучните американски бази во регионот, а тие се обидоа да го потценат тоа“, додаде тој.
Ајатолахот Хамнеи понатаму наведува дека иранскиот народ покажал единство – испраќајќи ја пораката дека „нашиот народ е еден глас“.
Тој исто така рече дека Трамп го повикал Иран да се предаде, но дека неговите изјави биле „премногу големи за устата на претседателот на Соединетите Американски Држави“.
„За голема земја и нација како Иран, самото споменување на предавање е навреда“, додаде Хамнеи.
Тој исто така рече дека Доналд Трамп случајно ја открил вистината – дека Американците биле против Исламската Република Иран од самиот почеток.
Врховниот лидер на Иран, исто така, тврдеше дека американската воена акција никогаш не била насочена кон нуклеарни прашања или збогатување на ураниум, туку дека вистинската цел била – „предавање“.
„Еден ден зборуваат за човекови права, следниот ден за правата на жените, потоа за нуклеарното прашање, потоа за ракети“, рече Хамнеи.
„Но, во суштина, секогаш се сведуваше на едно нешто – тие сакаат Иран да се предаде“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Земјите-членки на Одборот за мир ќе обезбедат повеќе од пет милијарди долари за Појасот Газа
Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека земјите-членки на новоформираниот Одбор за мир на првиот состанок в четврток же издвојат повеќе од пет милијарди долари помош за обнова на Појасот Газа.
Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ објави дека земјите-членки ветиле дека ќе испратат илјадници сили за стабилизација, одобрени од Обединетите нации и локалната полиција во палестинската енклава.
Тој наведе и дека првиот „формален состанок на групата“, ќе се одржи во Институтот за мир „Доналд Џ. Трамп“, кој Стејт департментот неодамна го преименува по претседателот.
Се очекува да присуствуваат делегации од повеќе од 20 земји, како и шефови на држави.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.

