Македонија
Прво изградба на болниците во Штип и Кичево, а потоа клинички центар во Скопје, порача Мицкоски
„Од првиот ден откако бевме избрани како Влада, здравството беше централна тема и ако се сеќавате мојот прв теренски настан и изјава беше токму од Клиничката болница во Штип“, порача премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање.
Тој рече дека состојбата во здравството која ја затекнала била хаотична.
„Она кое што го затекнавме во здравството навистина беше една алармантна состојба. Состојба во која што владеело буквално безредие и хаос, долгови натрупани“.
Мицкоски го искоментира и вчерашниот отчет за сработеното во Клиниката за детски болести каде што рече дека некои работи мора да се направат и со малку пари.
„Некогаш работите можат да се направат и без пари или јас би рекол со многу малку пари. Еве самите го споменавте вчерашниот ден и мојата посета на Клиниката за детски болести и она кое што на луѓето најмногу им остави впечаток е дека клиниката беше исчистена. Во која смисла исчистена? Најпрво од хигиенски аспект, но исчистена беше и од аспект на тоа дека беа исфрлени 50 тони дигитален отпад. И тоа е однесено да се рециклира со компанија. Просто беше неверојатно тоа што го гледавме, како изгледало претходно и како изгледа сега, балконите на клиниката биле натрупани со стари компјутери, принтери, тоа беше една хаотична слика. И тоа е една од тие 11 работи кои што ги направил директорот за тие 11 месеци“, вели Мицкоски и истакна дека вкупно проектите кои биле презентирани чинеле 40 милиони денари.
Премиерот Мицкоски посочи дека со кредитот од стратешкиот договор со Обединетото Кралство ќе се вложат над 200 милиони евра во здравството за изградба и реконструкција на клинички болници.
„Сакам да споменам дека повеќе од 200 милиони евра од кредитот ќе бидат инвестирање во довршување на штипската клиничка болница, изградба на Медицински факултет и студентски дом со 200 легла. Исто така изградба на болница во Кичево и целосна реконструкција на клиничката болница во Тетово и опремување за да можат да одговорат на потребите на пациентите“, кажа Мицкоски и додаде:
„Откако ова ќе биде завршено ќе преанализираме за потребите на оној фамозен Клинички центар кој што конечно треба да се изгради, иако ќе ве потсетам дека во 2017 година постоеше завршена постапка, избран изведувач за што сега сме и на арбитража, и тогашната Влада влезе и во нивен стил како што тие само знаат да го направат, го прекинаа договорот, го избркаа изведувачот и сега сме ние на арбитража и најверојатно поради таквото неодговорно однесување од владата на СДСМ и ДУИ, граѓаните ни криви ни должни ќе треба да плаќаат оштета, исто како што сега треба да го плаќаме оној солидарен данок 50 милиони евра зошто незаконски им бил одземен на фирмите од страна на претходната влада.“
Премиерот Мицкоски истакна дека здравството е главен приоритет на Владата.
„Факт е дека здравство било на маргините, факт е дека е најголем проблем за граѓаните, и исто така е факт дека е еден од нашите главни приоритети“, порача Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Единствена Македонија ќе ги поддржи кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг од локалните избори
Членот на Извршниот комитет на Единствена Македонија, Вилијам Михајловски, на денешната прес-конференција најави дека партијата ќе ги поддржи кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг од локалните избори, што ќе се одржат во недела, на 2 ноември.
„Со големо задоволство соопштувам дека Единствена Македонија одлучи во недела, во вториот круг, да ги поддржи кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. А што може да се очекува од една национална и патриотска партија како што е Единствена Македонија, која секогаш е на првата линија во одбрана на македонските национални интереси“, изјави Михајловски.
Тој истакна дека оваа одлука доаѓа по, како што рече, целосна медиумска блокада и исклучување на нивната партија од државното финансирање во првиот круг, но и дека Единствена Македонија не може да стои на страна во моментите кога, според него, се решава иднината на државата. Потсети дека партијата настапила самостојно со 29 кандидатски листи, но резултатот во првиот круг не бил на нивото што го посакувале.
Во обраќањето, Михајловски се повика на потребата од национално помирување и обединување, нагласувајќи дека изборите не се борба за поединци и партии, туку за државата.
Македонија
Почна поставувањето семафори на крстосницата кај „Васко Карангелевски“ во Аеродром
Денес екипи на ЈП „Улици и патишта“ – Скопје започнаа со градежните активности од првата фаза за поставување на светлосна сигнализација на крстосницата од улиците „Васко Карангелевски“ и „Ангел Димовски“ во населбата Аеродром.
„Работните активности се изведуваат по налог на Град Скопје, односно согласно основен сообраќаен проект за воведување на светлосни сигнали на оваа крстосница донесен од Град Скопје и според долгоочекуваната согласност од Министерството за внатрешни работи“, велат од „Улици и патишта“.
Во оваа фаза се врши рачен и машински ископ на земјан материјал за поставување темели на семафорски столбови и ископи за спроведување на електричната инсталација. По завршувањето на градежните работи, ќе следува монтажа на семафорската опрема и сигнализација.
Со поставувањето на новата семафоризирана крстосница, ќе се подобри проточноста на сообраќајот и значително ќе се зголеми безбедноста на учесниците во сообраќајот во овој дел од градот.
Македонија
Три нови битолски училишта ќе добијат фотоволтаици до крајот на учебната година
Општина Битола до крајот на учебната година ќе постави фотоволтаични системи на уште три згради на основните училишта во градот. Со оваа мерка, локалната самоуправа продолжува со активностите за зголемување на енергетската ефикасност и користење на обновливи извори на енергија во образовните установи.
Во текот на овие денови се вршат теренски проверки на состојбата на покривите на училиштата, како и проценка на можностите за најсоодветна позиција за поставување на соларните панели.
По завршувањето на анализите и објавувањето на тендерските постапки ќе следува и реализацијата, односно поставувањето на новите фотоволтаични соларни централи за производство на електрична енергија во три нови битолски училишта.
Со воведувањето на фотоволтаиците се очекува училиштата да остварат значителни заштеди во трошоците за електрична енергија и да придонесат кон намалување на јаглеродните емисии во општината.
Во моментов, на 10 објекти на основни и средни училишта во Општина Битола се поставени сончеви панели. Кон крајот на 2023 година, на објектот на училиштето и градинката во населбата Долно Оризари беше поставена првата фотоволтаична електрична централа во училиштата, по што во 2024 година беа поставени уште девет — три на средни и шест на основни училишта.

