Македонија
Од 1 јули целосна забрана за движење во шумите

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по барање на ЈП Национални шуми – Скопје, согласно член 57, став 3 од Законот за шумите, даде согласност за воведување на целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште во периодот од 6:00 до 20:00 часот, на територијата со која стопанисува јавното претпријатие.
Забраната, како што е појасенот од страна на надлежните, се воведува со оглед на зголемената опасност од појава на шумски пожари на отворен простор.
„Целосната забрана за движење во шума стапува на сила од 01.07.2025 година и ќе трае до 31. 08. 2025 година.
Целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште не важи за:
Министерството за внатрешни работи, Министерство за одбрана, Шумската полиција, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, ЈП Национални шуми, субјектите што вршат шумскостопански активности, сеча, дотур и транспорт на дрво и дрвни сортименти, и лица коишто имаат писмено одобрение за движење во шумите со кои управува ЈП Национални шуми – Скопје.
Движењето ќе биде дозволено единствено со писмено одобрение издадено од подружниците на ЈП Национални шуми – Скопје за подрачјето со кое стопанисуваат/управуваат.
За спроведување на забраната одговорни се вработените од ЈП Национални шуми кои вршат дејност заштита, Шумската полиција и МВР.
За непочитување на оваа забрана на физичките лица кои ќе бидат затекнати дека се движат во шума и шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите, ќе им биде изречена парична казна од 1500 до 2000 евра“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Алиу: Се зајакнуваат капацитетите на болницата во Прилеп, промовирана нова медицинска опрема во вредност над 50 милиони денари

Министерот за здравство Азир Алиу, заедно со заменик министерот Јовица Андовски, денеска ја посетија Општата болница во Прилеп по повод промоција на нова медицинска опрема, во вредност над 50 милиони денари.
– Со новата медицинска опрема се зајакнуваат капацитетите на оваа јавна здравствена установа. Поголем дел од опремата е наменет за одделението за гинекологија и акушерство и опфаќа современи апарати и нови гинеколошки столови, со што се создаваат подобри услови за работа и третман. Првпат во Прилеп воведуваме лапароскопија и хистероскопија, што претставува голем напредок во гинеколошко-акушерската здравствена заштита. Со тоа, пациентките повеќе нема да имаат потреба да патуваат во други градови за вакви интервенции, информираше министерот Алиу.
За гинеколошкото одделение е обезбеден дигитален електрокаутер – современ апарат за безбедни и прецизни хируршки интервенции и контрола на крварења. По повеќе од 15 години, целосно се обновени и гинеколошките столови за прегледи и породување, кои овозможуваат повисок стандард на удобност и сигурност за родилките и персоналот.
-Покрај новата опрема, во тек е и постапка за вработување 124 лица на неопределено време, од кои 21 доктор, 49 медицински сестри, 34 болничари, 6 физиотерапевти и друг медицински и немедицински кадар. Овие инвестиции претставуват уште еден значаен чекор во континуираната заложба на Министерството за здравство за унапредување на здравствената заштита и обезбедување современи услови за третман и дијагностика на пациентите, истакна Алиу.
Македонија
Министерството за култура: Дозволата за градба кај куќата на Владо Малески ја издало раководството на СДСМ

Министерството за култура и туризам остро ги отфрли обвинувањата од СДСМ во врска со оштетувањето на заштитениот објект – куќата-музеј на Владо Малески во Струга, оценувајќи ги како „неточни, тенденциозни и политички мотивирани“.
Од Министерството посочуваат дека решението за рушење на соседниот објект и изградба на нов, во сопственост на лице од струшкото село Велешта, е издадено на 17 јули 2023 година, во период кога институциите биле под раководство на СДСМ.
„Ова јасно покажува дека токму претходната власт, наместо да го штити културното наследство, го занемаруваше и игнорираше“, стои во реакцијата.
Од Министерството информираат дека веднаш по добивањето на информациите, стручен тим од Завод и музеј – Охрид извршил увид, а на терен е и инспекциската служба од Управата за заштита на културното наследство, која ја проверува состојбата со објектот.
Во соопштението се нагласува дека ресорот останува „посветен на вистинската заштита и унапредување на културното наследство“, додека, како што наведуваат, СДСМ рушеше објекти, а ги рушеше и јазикот, културата и идентитетот. Министерството порача дека културното наследство не смее да биде жртва на политички манипулации и дневнопартиски интереси.
Вчера беше објавено дека поради изградба на објект во Струга, оштетени биле ѕидот и кровот на куќата-музеј на Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна, која е споменик заштитен како културно наследство. Од опозициската СДСМ обвинија дека тоа не е изолиран инцидент,туку резултат на системска незаинтересираност, институционална парализа и политичка неодговорност на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Јанков: Масовно излезете на 19 октомври и заокружете го бројот 9 за историска победа во Струмица

Петар Јанков, кандидат за градоначалник на општина Струмица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, денес се заблагодари за огромната поддршка која што ВМРО-ДПМНЕ ја добива од граѓаните во Струмица.
„Секојдневно сме меѓу вас, разговараме, добиваме огромна поддршка, благодарност за поддршката“, вели Јанков.
Јанков ги повика граѓаните на 19 октомври масовно да излезат, да го заокружат бројот 9, се со цел огромна победа во Струмица.
„Ве повикувам на 19 октомври масовно да излезете, да го заокружите бројот 9 и да извојуваме една голема победа во Струмица“, истакна Јанков.