Македонија
Мицкоски: Финансиската полиција за 9 месеци откри криминали од 30 милиони евра што е доказ дека расчистуваме со криминалот

Финансиската полиција за 9 месеци откри криминали од 30 милиони евра што е доказ дека расчистуваме со криминалот, и правиме чекор напред во градењето на темелите на промените, изјави премиерот Христијан Мицкоски по повод одбележување на денот на Управата на финансиската полиција.
„Кога ја презедовме одговорноста за управување со државата, знаевме дека ќе мораме да се соочиме со еден од најголемите предизвици – да ја вратиме правдата таму каде што била протерана, да изградиме институции што не се плашат, туку делуваат. Наша обврска е да воспоставиме систем кој ќе ги штити чесните, а ќе ги изведува пред лице на правдата оние што ја краделе државата. Денес, токму тука, испраќаме јасна порака – тоа време дојде“, рече Мицкоски.
Како што рече, сериозен е податокот што од 1 септември 2024 до 10 јуни 2025 година, Финансиската полиција поднела 36 кривични пријави, со кои е откриена штета или е утврдена и противправна имотна корист во висина од речиси 30 милиони евра. Овие пари се на граѓаните, и ова е пример како се штити имиџот на државата, рече премиерот.
Зад бројките, изјави Мицкоски, се кријат конкретни злоупотреби и поединци кои мислеле дека државата е нивен имот. И во таа битка за правда нема партиска припадност нема етничка припадност. Правдата е слепа, но достижна, додаде премиерот според кој бројките се најсилен доказ дека државата се буди и дејствува, нема веќе недопирливи и молк.
„Да не се заборави дека борбата против криминалот не е борба на една институција. Тоа е борба за душата на државата, за заедничката иднина. Каква иднина ќе оставиме за нашите деца, зависи од тоа сега што ќе го направиме. А Македонија е уморна од чекање и нема втора шанса, ова всушност е последната шанса. Ние не градиме само економија и патишта – ние градиме правда. Ние не зборуваме само за развој – ние зборуваме за ослободување од стравот, од неказнивоста, од мафијата во клучните сектори. На сите кои ја злоупотребиле довербата – им порачуваме: Ќе одговарате. На сите кои чесно работат во институциите – им порачуваме: Продолжете храбро. Вие сте чувари на државата. И на граѓаните – да знаете: Оваа Влада стои зад вас. Не зад криминалците. Не зад тајкуните. Туку зад секој човек што верува во правда“, додаде Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце се чека околу 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, поради летните одмори се бележи зголемена фрекфенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез од државата е околу 30 минути, додека на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре ќе се прска против комарци во Скопје

Од Градот Скопје известуваат дека утре (петок), во раните утрински часови ќе се изврши авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин.
Се известуваат пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Тошковски – Поклукар: Одлична соработка на полето на безбедноста, Словенија ја дава својата поддршка во секој чекор

Денеска во Охрид, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, оствари работна средба со делегација на Министерството за внатрешни работи на Словенија, предводена од министерот Боштјан Поклукар.
На средбата фокусот беше ставен на унапредувањето на меѓусебната соработка и продлабочување на одличните пријателските врски меѓу двете министерства и полиции во борбата против организираниот криминал, ситуацијата со илегалната миграција, внатрешната контрола и соработката помеѓу центрите за обука на полициските службеници. Македонската делегација на средбата предложи потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу Центарот за обука на МВР и словенечката полициска академија за зајакнување на соработката во областа на образованието и заедничките обуки на кадетите и полициските службеници од двете полиции.
Тошковски се заблагодари на министерот Поклукар за целата поддршка што Словенија и словенечкото министерство за внатрешни работи постојано ни ја даваат како министерство и држава, како во справување со пожарите минатата и оваа година така и целата поддршка што ни ја дадоа во справување со последиците од трагедијата која се случи во Кочани оваа година.
„Република Словенија и нивното министерство се едни од клучните партнери и поддржувачи во реформите кои ги правиме, преку користење на нивното знаење и искуство, како за новите закони за полиција и внатрешни работи. Отпочнуваме соработка и во нашата иницијатива за отворање на Регионална асоцијација на полициски академии, обуки за полициските службеници со цел професионализација, доедукација со цел креирање на ефикасна европска полиција“, образложи Тошковски.
ТПотенцираше дека преку министерот Поклукар, пријателската Словенија уште еднаш ја потврдува својата поддршка како еден од нашите најголеми поддржувачи во процесот на евроинтеграции, со тоа што се вложи со целиот негов тим да бидат на располагање на македонските полициски службеници и МВР во однос на исполнување на сите услови и критериуми зададени од Европската унија.
Словенечкиот министер за внатрешни работи Боштјан Поклукар го потенцираше пријателството и соработката што меѓу нашите народи и држави се пренесува и на министерствата за внатрешни работи и потенцираше дека и во иднина можеме да сметаме на нивната целосна поддршка како во искуство и знаење така и на конкретни проекти и ситуации со цел да придонесуваме кон поголема безбезбедност на регионот, нашите држави и нашите народи.
„Наша оценка е дека министерството за внатрешни работи и македонската полиција прават одлична работа и тоа секогаш сум го истакнувал и во Европа како член на советот на министри за внатрешни работи на Европа. Одличната идеја за Регионална асоцијација на полициски академии ќе ја поддржиме и учествуваме во неа за да креираме професионални полиции на Балканот за побезбеден регион за сите. Ние сме веќе сојузници заедно во НАТО и нашата поддршка ќе продолжи во секој ваш чекор кон приклучување во нашето европско друштво на нации каде е и вашето место“, потенцираше словенечкиот министер Поклукар.
Поклукар истакна дека Словенија целосно ја поддржува Македонија на интегративниот пат кон Европската Унија и ја изрази спремноста за помош на европскиот пат кој на крај носи огромни бенефити за граѓаните и функционирањето на институциите и изрази надеж дека заслуженото место на Македонија во ЕУ ќе дојде што поскоро.