Македонија
Скандалозен тендер за возачки испити, СДСМ бара истрага и одговорност од Тошковски

СДСМ алармира за нов скандал во Министерството за внатрешни работи, овој пат поврзан со сомнителен тендер вреден милиони денари за лиценца за организирање возачки испити во Пелагонискиот регион.
Министерот Панче Тошковски, како што изнесува потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова, доделил тендер на новоформирана фирма „Супер Возач“, регистрирана само три месеци пред распишувањето на тендерот. Според Шукова, зад оваа фирма стои Филип Митрески, функционер на ВМРО-ДПМНЕ и советник во Советот на Општина Кичево, преку компанијата „Стрит рајд“, која е нејзин сопственик.
„Станува збор за класичен пример на партиска злоупотреба на институциите за лични и бизнис интереси. МВР под ВМРО-ДПМНЕ дели милионски тендери на луѓе блиски до партијата, а институциите стануваат алатка за испумпување народни пари“, изјави Шукова.
Со овој потег, како што посочуваат од СДСМ, на фирмата „Супер Возач“ ѝ е овозможен монопол од 5 години врз еден профитабилен бизнис – сите полагања за возачки испити во Битола, Прилеп и Ресен ќе се одвиваат преку оваа компанија блиска до власта.
„Фирмата е основана непосредно пред тендерот. Дали однапред било договорено кој ќе го добие? Како знаел функционер на ВМРО-ДПМНЕ дека токму за тоа ќе се распише тендер и токму таму да отвори фирма? Не веруваме во случајности“, додаде Шукова.
Од СДСМ потсетуваат дека ова не е изолиран инцидент, туку втор сериозен скандал по спорниот тендер за полициски униформи, кој исто така беше проследен со јавни реакции и обвинувања за корупција.
„Ова е моделот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ – партиски тендери, бизниси за блиските, а државните институции се користат како банкомати за партијата. Наместо борба против корупцијата, гледаме корупција во живо“, рече Шукова.
СДСМ бара итна реакција од надлежните институции:
– Државната комисија за спречување на корупцијата да отвори предмет.
– Основното јавно обвинителство да постапи по допрен глас.
– Институциите да не останат неми набљудувачи, туку да ја исполнат својата законска обврска.
„Македонија не смее да биде плен на организиран партиски грабеж. Граѓаните заслужуваат отчетност, одговорност и институции кои работат за нив. Одговорност мора да има и ќе има“, заклучи Шукова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Пожарот кај хотелот „Њу Стар“ локализиран, ЦУК бара итни мерки за дивата депонија во Визбегово

Пожарот кој избувна во близина на хотелот „Њу Стар“ во скопската населба Визбегово е локализиран, но на терен и понатаму дежураат две екипи на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје.
Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), во денешната интервенција биле ангажирани вкупно седум противпожарни возила и 20 пожарникари. Пожарот зафатил површина од околу 5000 квадратни метри, при што биле опожарени жито, еден магацин со градежни материјали, како и дворот на хотелот.
„Денеска, при повторно разгорување, пожарот се прошири до хотелот „Њу Стар“, како и до околните куќи, со што директно беа загрозени животите на граѓаните“, стои во објавата на ЦУК на Фејсбук.
Оттаму апелираат до сите надлежни институции и локалните самоуправи итно да се вклучат со конкретни чекори и да се стави крај на проблемот со дивите депонии, кои, според нив, претставуваат сериозна опасност по животната средина и јавното здравје.
ЦУК информира дека директорот Мухамед Али денеска испратил ново барање до надлежните институции со цел итно преземање активности за конечно решавање на овој проблем.
„Проблемот со оваа дива депонија трае подолг временски период и претставува реална закана за здравјето, безбедноста и добробитта на граѓаните, како и сериозна оперативна оптовареност за БППЗ, која често е ангажирана на истата локација“, посочуваат од ЦУК.
Оттаму потсетуваат дека во текот на изминатата недела директорот Али повеќекратно испратил официјални барања за интервенција, но засега нема конкретен одговор од надлежните.
Македонија
Мицкоски ја доби тужбата против Славјанка Петровска за клевета

Граѓанскиот суд во Скопје донел правосилна пресуда во корист на премиерот Христијан Мицкоски, утврдувајќи дека пратеничката од СДСМ и поранешна министерка за одбрана, Славјанка Петровска, јавно ширела невистини и клевети против него.
Како што информира премиерот преку објава на социјалните мрежи, судот ѝ наложил на Петровска не само да се извини, туку и да ја објави пресудата во медиумите.
„Ова е уште една потврда дека на лагата ѝ се кратки нозете. Судот потврди дека поранешната министерка и актуелна пратеничка ширела лаги и клевети против мене. Вистината мора да излезе на виделина“, напиша Мицкоски.
Тој ја искористи приликава и за поширока критика на политичката култура на неговите опоненти.
„Очигледно, лажењето како синдром на политичката култура на СДСМ не престанува да биде нивен заштитен знак. Со оваа пресуда се потврдува не само дека лажат, туку и дека не се промениле. Продолжуваат да го потценуваат народот“, порача премиерот.
Според Мицкоски, оваа судска победа не е лична, туку борба за вистината и достоинството на секој човек кој се спротивставува на политичките манипулации.
„Ова не е моја лична битка, ова е битка за принципи, за вистината, за достоинството на секој поединец кој не дозволува неказнето да му се лепат лаги“, стои во неговата објава.
Тој додава дека продолжува да работи со посветеност и дека „лагите ќе паднат, а вистината победува“.
Скопје
Град Скопје: Обвинителството го отвори првиот случај за дивоградбите во Чаир

Основното јавно обвинителство ја започна постапката по првата пријава за фалсификати поврзани со градби во Општина Чаир, информираа денеска од Град Скопје.
Според соопштението од прес-службата, истрагата се однесува на сомневања за фалсификување на документи и незаконска легализација, а се поврзува со поранешниот градоначалник на општината, Висар Ганиу.
„Основното јавно обвинителство ја започна постапката по првата пријава со фалсификатите. Таму веќе се водат уште две постапки претходно започнати за Висар Ганиу, првата за фалсификување на целата архивска книга со броеви и барања за легализации, а втората за уште еден случај каде што незаконски се легализирале објекти со соучесник“, стои во соопштението.
Од Град Скопје испратија и повик до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, со барање конечно да започне постапка против, како што велат, „организираната криминална банда“ во Чаир.
„Очекуваме и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да се одважи и да почне да постапува против организираната криминална банда во општина Чаир, која овозможувала градење незаконски на небезбедни згради со црни пари од нелегални извори“, велат од Град Скопје.
Во реакцијата се посочува и дека некои од лицата кои се појавуваат како сопственици на овие објекти сега се милионери, а официјално се прикажани како градители на зградите уште од пред 5, 6, 10, па и 11 години.