Спорт
Почнува Вимблдон: Алкарас прв фаворит, останатите во сенка
Од специјалниот известувач од Лондон
Во понеделник во Лондон почнува 138-то издание на најстариот тениски турнир, кој, многумина тенисери, го сметаат и за неофицијално светско првенство. Во наредните две седмици, најдобрите светски тенисери и тенисерки ќе се обидат да триумфираат во некоја од петте категории: машка, женска, игра во двојки и микс двојки.
За главен фаворит се смета минатогодишниот победник Шпанецот Карлос Алкарас, што доколку се случи, би бил негов трет последователен триумф на Турнирот. За негов противник во финалето, највеќе се типува на победникот од полуфиналето, во кое се очекува да се сретнат Италијанецот Јаник Синер и Србинот Новак Ѓоковиќ.
Патот до финалето, и според ждребката е најлесен за Алкарас, бидејќи Стефанос Циципас, Андреј Рубљов, Даниел Медведев не се во форма која би му преставувала сериозна закана. Оттука и неговата изјава пред турнирот е полна со самодоверба:
„Доаѓам во Лондон со мисла дека навистина сакам да го освојам турнирот. Размислувам само за тоа да бидам подготвен и да се спремам на најдобар можен начин. Чувствувам дека имам многу самодоверба и едваи чекам да почне турнирот“.
За разлика од Алкарас, Синер и Ѓоковиќ можат да налетаат на некоја т.н. „попатна мина“ пред евентуалниот нивен судир во полуфиналето. Италијанецот, после освоениот Австралијан Оупен и незаборавното финале на Роланд Гарос, веќе не се смета за млада надеж, туку сите на него гледаат како на зрел тенисер, кој со самото тоа што на турнирот доаѓа како број еден на АТП листата, реало е и да очекува да го игра своето прво финале и да победи.
Србинот, поради годините, сите го сврстуваат во ветеран, кој полека треба да ја напушта сцената, но така не мисли и тој.
„Дали ова ќе биде мојот последен танц? Не сум сигурен. Мојата желба е да играм уште неколку години“ – самоуверено изјавил Ѓоковиќ на воведната прес конференција.
Домаќинот голема надеж полага во финалето да го види Британецот Џек Дрејпер, што му создава притисок, за кој прашање е дали ќе успее да го совлада, особено во евентуалните четвртфинале со Ѓоковиќ и полуфинале против Синер. Затоа малку кој верува во неговата изјава дадена пред турнирот дека не го интересира со кого сé се вкрстува на патот до финалето и дека само е фокусиран на првиот меч.
Во женска конкуренција, како и секоја година, неизвесноста, најверојатно, ќе биде присутна до самото финале, бидејќи нема изразит фаворит и лесно може да се повтори минатогодишното финале во кое триумфира Барбора Крејчикова од Чешка, како 31-носител на tурнирот.
Обложувалниците најмногу шанси ѝ даваат на првопласираната на ВТА листата, Bелорускината Арина Сабаленка, која е гладна за својот прв вимблдоснки триумф и Елена Рибакина од Казакстан која триумфира пред три години. Не би смеела да се заборави и Ига Швјонтек од Полска, која, за разлика од минатите години, растеретена од притисок, конечно може да го освои својот прв гренд слем на трева. И во женска конкуренција, домаќинот има свој адут, а тоа е Ема Радукано, која, ако дојде до третата рунда, пред преполните трибини на Централниот терен, на терен би ја предизвикала токму Сабаленка.
Оваа година вкупниот награден фонд е зголемен на рекордни 53,5 милиони фунти (62,6 милиони евра) што е зголемување од 7,1% во однос на 2024. Шампионите во машка и женска конкуренција ќе добијат по 3 милиони фунти (3,5 милиони евра), додека поразените ќе инкасираат половина од оваа сума.
Од најпрестижниот тениски турнир на светот ќе известуваат околу 400 новинари од педесетина земји, но, поради војната во Украина, не и од Русија и Белорусија, иако нивните тенисери во двете конкуренции се меѓу првите десет. Како и на претходните пет вимблдонски турнири, и оваа година Макфакс и Топспорт ќе имаат свој известувач од сите четиринаесет турнирски денови.
Ненад Живановски-Столиќ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Чудесна четвртина на Дончиќ, Лејкерси ги декласираа Клиперси
Лука Дончиќ одигра чудесна прва четвртина, го заврши натпреварот како најдобар стрелец и асистент, а Лос Анџелес Лејкерс ги победија Лос Анџелес Клиперс со 135:118. Натпреварот се играше во рамките на НБА Купот, во кој двата тима имаа резултат од 2:0 до овој натпревар.
За потсетување, НБА Купот се игра како дел од сезоната, а неговите натпревари, сите освен финалето, се сметаат во односот на тимовите, на табелата во регуларниот дел од сезоната.
Натпреварувањето се игра прво во групи, шест групи од по пет тима, од кои победниците влегуваат во четвртфиналето. Вклучува и еден од најдобрите второпласирани тимови од групната фаза од секоја конференција.
Клиперс го пречекаа градскиот дуел со негативна серија од десет порази во последните 12 натпревари, а Лејкерс влегоа во пресметката со серија од четири последователни победи и осум победи во последните десет натпревари.
Лејкерс славеа предводени од суперѕвездата, Лука Дончиќ. Словенецот имаше одлична прва четвртина во која ги погоди своите први пет обиди за тројка. Четвртината ја заврши со постигнати 24 поени. На полувремето постигна 32 поени, а во втората половина малку запре. Средбата ја заврши со учинок од 43 коша, девет скока и 13 асистенции.
Леброн Џејмс исто така беше добар за Лејкерси, постигна 25 поени, имаше шест скока и шест асистенции. Остин Ривс додаде 31 поен и имаше девет асистенции.
За Клиперси, Џејмс Харден беше најдобар со 29 поени и девет асистенции за соиграчите, додека Кавај Ленард и Крис Дан додадоа по 19 поени. Ивица Зубац го заврши натпреварот со дабл-дабл, со по 10 поени и скокови.
НБА, резултати:
Вашингтон – Атланта 132:113
/Меколум 46 – Порзингис 22/
Филаделфија – Орландо 103:144
/Мекси 20 – Блек 31/
Спорт
Голманот на Челзи: Каде е Јамал? Ене го во џебот на Кукуреља
Челзи ја победи Барселона со 3:0 на домашен терен во петтото коло од Лигата на шампионите. Автоголот на Жил Кунде во 27-та минута, односно Естевао во 55-та и Лиам Делап во 73-та минута го решија победникот во натпреварот, во кој Барселона од 44-та минута играше без исклучениот капитен Роналд Араухо.
Покрај стрелците на головите (Естевао и Делап), брилијантните Каиседо и Енцо Фернандез во редот за врска, херој на победата на Челзи, беше левиот бек Марк Кукуреља.
Шпанецот совршено го бранеше колегата од репрезентацијата, Ламин Јамал, десното крило на Барселона.
„Каде е Јамал? Кукуреља го стави во џеб“, рече по мечот голманот на Челзи, Роберт Санчез и испрати уште една порака до младата ѕвезда на Барселона: „Сите се одлични додека не дојдат во Англија“.
Кога го прашаа дали Барселона била фаворит, тој одговори со насмевка: „Барселона фаворит? Ние сме фаворити“, заклучи Санчез, кој му аплаудираше на Кукуреља кога му беше врачена наградата за играч на натпреварот.
Кукуреља објасни како го запрел Јамал: „Се обидов да му ја направам играта што е можно потешка. Се обидов да го насочам кон средината, каде што е Каиседо. Не можев да го оставам сам на десната страна. Тоа е неговата послаба нога, но никогаш не можеш да бидеш сигурен со играчи како него“.
Foto/ EPA
Спорт
Сантос без Нејмар до крајот на сезоната
Фудбалскиот клуб Сантос, без Нејмар, ќе мора да ги води клучните битки за опстанок во елитната бразилска конкуренција.
Нејмар, во понеделникот го пропушти натпреварот против Интернационал. Во клубот беа сигурни дека станува збор за лесна повреда, но деталните медицински прегледи откриле проблем со менискусот, што значи дека сезоната за него заврши.
Нејмар ќе ги пропушти преостанатите три натпревари, а последното се игра на 7 декември.
Славниот Бразилец одигра три натпревари по ред, но по средбата со Мирасол почувствува болка. Токму затоа тој направи превентивна пауза за да биде подготвен за домашниот натпревар оваа недела против Спорт.
„Она што изгледаше како безопасна ситуација се претвори во сериозен проблем, пишува „Ас“.
Ова е четвртата повреда на Нејмар во 2025 година. Претходните три се случија во март, април и септември, и токму овие проблеми го спречија да добие континуитет во играта и да се врати во бразилската репрезентација.
Сантос, моментално се во зоната за испаѓање, еден бод зад безбедната зона. Секој исход освен победа над Спорт Ресиве би бил рамен на катастрофа. Потоа, Сантос гостува кај Хувентуде, а сезоната ја завршува дома против Крузеиро.
Foto/ EPA

