Спорт
Ракитиќ замина во пензија
Foto/ EPA-EFE
Иван Ракитиќ стави крај на кариерата, потврди за Нова ТВ новиот тренер на Хајдук, Гонзало Гарсија. Потврдено е дека Ракитиќ ќе стане дел од тимот на новиот спортски директор Горан Вучевиќ.
Наговестувањето за оваа одлука се случи пред десет дена кога Ракитиќ не се појави на почетокот на подготовките на Хајдук. Поранешниот хрватски репрезентативец имаше опција да го продолжи договорот за уште една сезона.
Последната сезона на Ракитиќ, во која Хајдук се бореше за титулата и заврши трет зад Риека и Динамо, беше негова прва во СуперСпорт ХНЛ. Под водство на тренерот Џенаро Гатузо, тој одигра 39 натпревари, постигна два гола и пет асистенции и беше еден од најдобрите играчи од средниот ред во лигата.
Хрватскиот играч од средниот ред, легенда на националниот тим и Барселона и икона на Севилја, ја започна својата кариера пред 20 години во вториот тим на Базел. Од 2007 година, тој беше член и на првиот тим на тој клуб, пред да замине во Шалке. По четири години во Шалке, замина во Ла Лига.
Пред и по дел од својата кариера во Барселона, за која одигра 310 натпревари и освои сè што е можно со неа, тој беше играч на Севилја. Како капитен и најдобар играч во финалето, тој ѝ помогна на Севилја да ја освои Лига Европа во 2014 година, а со нив стигна и до истиот трофеј во 2023 година. По кратка епизода во Ал-Шабаб, тој во 2024 година пристигна во Хајдук.
Ракитиќ го имаше своето деби за хрватската репрезентација во 2007 година против Естонија. Тој беше важен играч на многу големи натпреварувања. На Светското првенство во Русија во 2018 година, Ракитиќ го освои сребрениот медал со Хрватска, што е најголемиот успех на хрватскиот фудбал во историјата.
Роден во Швајцарија, Ракитиќ имаше можност да игра за швајцарската репрезентација, но одлучи да игра за Хрватска. Оваа одлука не беше лесна бидејќи предизвика тензии меѓу хрватската и швајцарската фудбалска асоцијација.
Ракитиќ подоцна изјави дека добивал закани со смрт поради неговата одлука да игра за Хрватска. Тој се пензионираше од националниот тим како еден од најдобрите играчи во историјата на националниот тим.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Јунајтед по пресврт до победа, Тотенхем и Нотингем Форест тонат во бездната
Три натпревари се одиграа во Премиер лигата во терминот од 15 часот, победија домаќините со идентичен резултат 2:1.
Манчестер Јунајтед стигнаа до три бода по пресврт во второто полувреме, против Кристал Палас, а важен детаљ беше директниот црвен картон за Максенс Лакроа во 56-та минута.
Французинот беше тој што му донесе предност на Палас во четвртата минута од играта, но подоцна се претвори во трагична фигура.
Судијата Крис Кавана досуди пенал за Јунајѕед, а по консултација со ВАР собара процени дека треба и да му покажа црвен картон на Французинот.
Најстрогата казна во 57-та минута рутински ја реализираше капитенот на домашниот тим, Бруно Фернандес.
Фернандес запиша и асистенција во 65-та, за Бенјамин Шеско. Словенецот го постигна четврти гол во последните пет натпревари.
Јунајтед сега се искачи на третото место со 51 бод, 10 зад лидерот Арсенал, додека Палас падна на 14-то место и има 35 бода.
Тотенхем и Нотингем Форест жестоко се борат за опстанок, загубија во пресметките со Фулам, односно Брајтон.
Фулам во лонндонската пресметка му го нанесе 13-от пораз на Тотенхем оваа сезона, втор под водство на Игро Тудор. Вилсон и Ивоби му донесоа голема предност на Фулам во првиот дел, во вториот Ришарлисон намали на 2:1, но Тотенхем немаше сила да избегне пораз.
Во Брајтон, конечниот резултат беше поставен по само 15 минути игра. Брајтон поведе преку Гомес во шестата минута, за Форест израмни Гибс-Вајт во 13-та, а две минути подцна ветеранот Велбек го постави конечниот резултат.
Тотенхем е 16-ти со 29, а Форест позиија подолу со 27 поени, Вест Хем на 18 место има 25 бодови.
Foto/ EPA
Спорт
Барселона без Левандовски против Атлетико
Напаѓачот на Барселона, Роберт Левандовски, ќе го пропушти натпреварот против Атлетико Мадрид.
Каталонскиот клуб потврди во официјално соопштение дека Левандовски претрпел силен удар во пределот на очите и дека се здобил со повреда, поради која нема да му биде достапен на Ханси Флик за натпреварот против Атлетико Мадрид.
Ова е огромен удар за Барселона, на која ќе ѝ биде потребна целата расположлива напаѓачка моќ за да се обиде да постигне четири гола и да се врати во двомечот против своите големи ривали.
Во првиот натпревар, Атлетико победи со 4:0 и со тоа им го нанесе најубедливиот пораз на Каталонците во ерата на Ханси Флик.
Од оваа недела е познато дека дури и повредениот Френки де Јонг нема да игра против Атлетико, кој ќе биде надвор од теренот до април, додека Ерик Гарсија нема да игра поради црвениот картон на првиот натпревар.
Натпреварот Барселона – Атлетико Мадрид е закажан за вторник во 21 часот.
Foto/ depositphotos
Спорт
Војната влијае и на фудбалот: Одложена „Финалисима“ во Катар
Поради актуелните конфликти во голем број азиски земји, „Финалисима“, натпреварот во кој требаше да се сретнат актуелните шампиони на Европа и Јужна Америка е одложен.
Натпреварот Шпанија-Аргентина беше закажан за 27 март во Катар, но бидејќи оваа земја е погодена од актуелната воена ситуација, беше објавено дека натпреварот е суспендиран.
Катар беше цел на ирански напади како една од земјите на Блискиот Исток на чија територија се наоѓаат американски воени бази.
Да потсетиме дека САД и Израел го нападнаа Иран во организирана воена операција и во тој процес го елиминираа верскиот лидер на оваа земја, ајатолахот Хамнеи, така што Иран одговори со воздушни напади врз ОАЕ, Катар, Бахреин, Јордан, Кувајт…
Сето ова ги принуди катарските власти да ги одложат сите фудбалски натпревари и турнири до понатамошно известување.
Foto/ depositphotos

