Македонија
Азизи: Одобрени 829 проекти од околу 15 милијарди денари за патишта, училишта, градинки
На 88 седница на Владата која се одржа вчера, 6 ресорни министерства вклучени во потпрограмата за капитални дотации на единиците на локалната самоуправа – позната како АА, доставија предлог одлуки до Владата за проектите на општините кои ги исполнуваат условите наведени во самиот повик.
Оваа потпрограма, како што објаснија од владините служби, претставува значаен инструмент за поддршка на општините и нивното институционално и инфраструктурно јакнење, во насока на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
„Во рамки на втората фаза, вкупно се одобрени 829 проекти во вредност од околу 15 милијарди денари, кои ќе се реализираат преку следниве министерства:
Министерство за транспорт и врски – над 8 милијарди денари
Министерство за животна средина и просторно планирање – околу 2, 5 милијарди денари
Министерство за образование и наука – околу 1,6 милијарди денари
Министерство за култура – 622 милиони денари
Министерство за социјална политика, демографија и млади – 520 милиони денари
Министерство за спорт – 544 милиони денари
Со ова продолжуваме континуирано да ја поддржуваме секоја општина која ги исполнила условите според јавниот повик, без разлика на политичката припадност на нејзиното раководство. За нас, единствено важни се граѓаните, нивната благосостојба и создавање подобри услови за живот во секој дел од државата“..
Во рамки на првиот јавен повик, беа доделени 4,1 милијарди денари за 274 проекти, дел од кои се веќе реализирани, а другите се во реализација, соопштија од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со букет цвеќе Ѓорѓиевски ја испрати Арсовска и ја презема градоначалничката функција
Со куса средба и букет свежо цвеќе заврши примопредавањето на должноста градоначалник на Град Скопје меѓу досегашната градоначалничка Данела Арсовска и новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски и подари букет со свежо цвеќе на Арсовска.
Претходно, тој од Градската изборна комисија на Скопје го доби уверението дека е избран за прв човек на македонската метропола. Данела Арсовска денеска го заврши својот четиригодишен мандат за кој беше избрана во 2021 година.
Македонија
Професори од четири европски држави во посета на Собранието
Во рамките на Еразмус+ проектот „Уметничко патување кон зелена иднина“ (Artistic Journey to Green Future), денес Собранието на Република Северна Македонија го посетија професори од сите нивоа на образование од Хрватска, Турција, Малта и Шпанија.
Посетата беше организирана во соработка со Фондацијата – Меморијален центар „Никола Кљусев“. Од страна на Нена Неновска – Ѓорѓиевска од Фондацијата, пратениците беа запознаени со активностите и целите на проектот, по што следеше дискусија за темите што ги обединуваат образованието, уметноста и заштитата на животната средина.
Гостите имаа можност, покрај организираната обиколка на зградата на Собранието, да се сретнат и да разменат искуства со пратениците Велика Стојкова Серафимовска и Тони Јаревски, членови на Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени.
Во отворен разговор, тие дискутираа за состојбите со животната средина, заштитата на водите, почвата и воздухот, како и за третманот на цврстиот отпад и другите предизвици во оваа област. Пратениците ги запознаа гостите и со работата на неформалната „Зелена група“ во Собранието, која се залага за унапредување на еколошките политики и зајакнување на јавната свест за климатските прашања.
Во текот на средбата беа поставени бројни прашања и споделени примери од практиките во различни европски земји, со заедничка порака дека одржливиот развој и заштитата на природата се заедничка одговорност.
Посетата претставува уште еден пример на успешна соработка меѓу образовните институции и Собранието, како и на важноста од интеркултурен дијалог и споделување на искуства во насока на зелена иднина.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Христо Смирненски 13
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( петок ) поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул.Христо Смирненски 13, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (потегот од Зур маркет до бул.Партизански Одреди).
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

