Македонија
(Видео) Тренчевска: Срамно, со ребалансот власта крати 30 милиони евра од социјални трансфери за да се луксузира
Додека граѓаните се соочуваат со поскапувања, зголемена сиромаштија и се полош животен стандард, владата одлучува во најголемиот буџет во историјата да скрати над 30 милиони евра од социјални трансфери и субвенции, истакна Јована Тренчевска, пратеничка на СДСМ.
„Нема власта пари за поголеми плати за работниците, нема пари за нови мерки за поддршка на стандардот, нема пари за детски додаток, за посебен додаток за децата со попреченост, за поголем образовен додадок, нема пари за повредените и семејствата на загинатите во Кочани.
Има пари само за нови луксузирања на функционерите на власта. И тоа е поразително.
Со овој ребаланс власта крати пари за најранливите – за детски додатоци, образовен додаток, додатоци за деца со попреченост, лични асистенти, заштитни друштва каде се вработени лица со попреченост, жртви на семејно насилство“, вели таа.
Според неа, лични асистенти на лица со попреченост и негуватели на услугата помош и нега во домот на стари лица, немаат добиено надоместок од април 2025 а сега дополнително се кратат пари за најранлиците.
„Истовремено, додека крати пари за народот власта ги зголеми за 30 милиони евра трошоците за сопствено луксузирање – за стоки и услуги за функционерите, за приватни авиони, папаја и манго.
Ова е срамно понижување на граѓаните, на ранливите, на оние на кои им е непходна помош и поддршка во ова тешко време. Владата избра да го штити својот луксуз, а не стандардот на народот“.
Загрижува, оддава таа, тоа што со овој ребалнст се гледа дека дупката во ПИОМ расте а наплатата на придонесите не оди добро. Тоа на долг рок значи загрозување на исплатата на пензиите на нашите пензионери.
Овој ребаланс како што оценува е потврда за како што рече, економскиот неуспех на Владата, за ингорантскиот однос на власта за потребите на граѓаните и социјално ранливите.
„Затоа СДСМ поднесува 160 амандмани. Овие амандмани се реални, праведни и изводливи, но потребно е да се прекине луксузирањето и расипништвото на власта и парите да се насочат кон оние на кои им се најпотребни. Ги повикуваме сите пратеници во Собранието, без оглед на политичката припадност – да ги поддржат овие амандмани. Не за папаја и манго – ДА за Кочани, за децата, за ранливите, за студентите, за пензионерите“, потенцира Тренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

