Црна хроника
Уапсен полицаец од Гостивар: ги украл накитот и парите запленети при претреси, кои требало да ги чува, приведен е и златар
Вчера во 17.50 часот полициски службеници од ОВР Гостивар го лишиле од слобода полицискиот службеник, 51-годишниот Д.С. од Гостивар, поради основи на сомневање дека сторил кривично дело казниво по член 353 и 354 „злоупотреба на службената положба и овластување“ од КЗ.
Тој, од шкафот во полициската станица, каде чувал предмети одземени при претреси на кои присуствувал како вработен во крим-техника во ПС Гостивар, украл околу 25.000 евра и златен накит вреден околу 50.000 евра.
Увид во објектот на Полициската станица Гостивар извршил јавен обвинител од ОЈО Гостивар, во присуство на увидната екипа и раководството на ОВР Гостивар.
Исто така, во 20.30 часот на улица „18-ти Ноември“ во Гостивар полициски службеници од ОВР Гостивар го лишиле од слобода И.Ш.(32) од Гостивар, поради основи на сомнение дека сторил кривично дело ,,прикривање“ односно вршел откуп на украдениот златен накит.
По добиена судска наредба, биле извршени претреси во домови и помошни простории на Д.С. и И.Ш., при што биле пронајдени и одземени предмети поврзани со кривичните дела. Двајцата се задржани во полициска станица и по документирање на случајот, против нив ќе бидат изготвени соодветни поднесоци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Пронајдена дрога во тетовско, уапсени две лица
Вчера во 23:30 часот во с.Боговиње, тетовско, полициски службеници од Полициското одделение Камењане ги лишија од слобода Б.А.(20) и Ф.А(20) двајцата од с.Боговиње.
При преглед на патничко возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки, во кое се превезувале, била пронајдена и одземена марихуана.
По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.
Црна хроника
Уапсени двајца малолетници од Скопје, не застанале на полициска патрола, со мотоцикл удриле полицаец
Ноќеска во 00:45 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода и приведоа двајца 16-годишници од Скопје.
При вршење службени дејствија, околу 00:10 часот на бул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје, полициски службеници забележале мотоцикл без регистарски ознаки, кој го управувал еден од малолетниците, но тој не застанал на знак за запирање, по што со мотоциклот удрил во еден полициски службеник и му нанел повреди.
Набргу, по преземени мерки мотоциклот е запрен и тие се фатени, при што малолетниот сопатник агресивно се однесувал кон полициските службеници.
По целосно документирање на случајот, против двајцата ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Топ
Работник од Дебар загина по несреќа на градилиште, починал на пат кон болница
Работник од Дебар го загуби животот по несреќа на градилиште што се случила вчера претпладне.
Како што било пријавено во ОВР Дебар околу 11:35 часот од Итната медицинска помош, 40-годишниот С.К. од Дебар починал на пат кон болницата во градот. Според информациите, околу 11:15 часот тој паднал од зграда во изградба на улицата „Братство единство“ во Дебар, каде што бил ангажиран на работа.
По несреќата, повредениот бил пренесуван кон болницата, но им подлегнал на повредите за време на транспортот.
На местото на настанот излегле трудов инспектор и јавен обвинител, а по нивна наредба телото на починатиот е предадено на обдукција. Увид на локацијата извршила екипа од ОВР Дебар.

