Македонија
Не сакам да бидам маша во сценарио за изборен пораз – Костадинов нема да се кандидира како независен за Струмица
Актуелниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов нема да се кандидира како независен кандидат за Струмица. Ова тој го објави и на социјалните мрежи.
Некогаш, за да си ги видиш луѓето околу себе, не треба повеќе од една реченица. Толку е доволно да го прочиташ пулсот. Да видиш кој што мисли, кој мисли како тебе, кој не мисли воопшто.
Да видиш која е вистинската состојба на партијата – има ли таму уште искрени луѓе или само спакувани кариери со фолија за замрзнување.
Кога споменав можност за независна кандидатура, без воопшто да одлучам, мислев дека ќе треба барем две недели за да се охрабрат и најголемите глумци да го покажат лицето.
Не. Не им требаа две недели. Им требаа помалку од 24 часа“, вели тој.
Секоја чест на исклучоците, додава Костадинов.
„На вистинските другари, чесните, лојалните, тие што навистина сакаат СДСМ да си го врати достоинството. А раководството? Раководството си донесе одлука и покрај мое убедливо водство на сите анкети. Но, во обид да го убијат разумот, почнаа да пуштаат анкети на фејсбук, со лајкови по групи, затоа што веќе не веруваат ни во анкетите што самите ги платиле.
Епа, жално.
Со такво раководство, многу е и една општина да се победи. Не, јас не одам како кандидат.
Јас се повлекувам во тишина, за да создадам нова визија за СДСМ – партија со авторитет, со план, со луѓе кои разбираат стратегија и знаат дека партијата е жив организам, а не штаб за оговарање.
И да не се лажеме не сум политички наивен.
Не сакам да бидам маша во сценарио за изборен пораз.
Брзо го загризаа тој наратив, но уште побрзо ќе го голтнат поразот.
Мојата стратегија ќе биде јасна – и ќе биде поделена во два дела:
Првиот – во септември. Вториот – по завршување на локалните избори.
До тогаш, правете си анкети по Фејсбук групи.
Дури и тоа нека помогне да се победи барем во една општина.
Јас ќе останам член со замрзнат статус – додека не ги видам резултатите.
После – ќе биде друга песна.
На првиот тест – паднавте.
Во октомври – играјте повнимателно.
Народот не е повеќе глупав.
Политиката е игра на мудрите, изгледа и мудрост и фали на партијата.
Со почит,
Костадин Костадинов
Политичар кој нема изгубено избори и знае кога е време да се повлече еден чекор, за да се врати достоинството на СДСМ“, порачува во напишаното Костадинов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улицата Леринска лоцирани околу број 3, општина Карпош.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни попладне
Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа) со услови за појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 14 до 18 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни попладне. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониски утрински температури.

