Спорт
Тенис на Вимблдон или трки на коњи во Аскот
Танталови маки за англиската аристократија
Од специјалниот известувач од Вимблдон
Во Велика Британија временските прилики се најчесто неприлики доколку планирате да организирате настан под отворено небо. Во текот на целата година, единствено периодот на крајот на јуни и јули месецот се погодни за тоа. Во август, веќе се вклучуваат радијаторите, а чадорот претставува задолжителен придружник во едната рака, ништо помалку важен од мобилниот кој го држите во другата.
Од тие причини, во овој краток временски период од 40-тина дена се сконцентрирани сите оупен еир спортски настани и музички фестивали. Поради тоа, секое лето тие и се поклопуваат во исти денови, така што публиката е во дилема каде да оди, односно што ѝ е позанимливо за гледање.
Традиционално во првите две седмици од јули се одржува тенискиот турнир во Вимблдон. Меѓутоа, во т.н. средишна недела од турнирот, на Силверстон се вози и познатата Гранд при трка на Велика Британија во формула еден. И втората седмица е вистинска мака за избор каде да се биде, бидејќи во два дена се поклопуваат тениските мечеви на Вимблдон, со коњичките трки во Аскот. Тешка дилема за бројниот обичен свет каде тие пеколни денови со температури од над триесетина степени (ако се погоди времето) да отиде да гледа спорт и прави пикник: дали на Хенман Хил на Вимблдон или на Виндзор енклоусер во Аскот.
2
Оваа мака е уште поизразена за малубројната аристократска свита. Како да се распоредат и кој во кој ден каде да биде: кој да оди во Ројал боксот на Вимблдон, а кој на Ројал енклоусер во Астон. Битен е тенисот, но уште побитни се коњичките трки. Може и обратно, но проблемот останува: сината крв мора да биде присутно и на двата настана.
Згора на тоа, ако непланирано им се појави и трет настан, како минатата година, кога на денот на финалето на Вимблдон, се играше и финалето на европското првенство во фудбал, во кое финалист беше Англија, тогаш тоа постанува ноќен кошмар и за кралскиот протокол. Принцезата Мидлтон, како покровител на турнирот, во Вимблдон, принцот Вилијам во Берлин, а, претходно, Кралот Чарлс на јунскиот Ројал Аскот. Така се злопатеа минатата година.
Претходен ваков екстра ангажман на сината крв беше забележан во 2021 година, кога Лондон беше домаќин на полуфиналето и финалето на Европското првенство во фудбал и мечевите на Вембли се играа истите денови кога и на Вимблдон се играа полуфиналињата и финалињата во машка и женска конкуренција. А, во Аскот се тркаа коњи и во Силверстон болиди.

3
Тоа е што се однесува до овие глобално престижни спортски настани кои традиционално во ист период се одржуваат на Островот, некои навлезени во третиот век од своето постоење. Но, покрај нив, има уште десетина за кои остатокот од светот, а особено ние на Балканот, не сме слушнале, а се must see хепенинзи за британските граѓани – барем еднаш во животот да се посетат.
Секако, присуството на кралското семејство и аристократијата се облигаторни секоја година, односно секое лето. Тука е Хенли Ројал Регатата која се вози од 1. до 6. јули (и се совпаѓа со првата седмица на Вимблдон), потоа Глиндеборн фестивалот на опера, кој, за среќа се одржува од мај до декември, па кралското присуство и не мора да се поклопи со тенисот, коњите и регатите.
4
Она што може да ви падне во очи е дека овие некогаш ексклузивно резервирани настани за кралското семејство и аристократијата денес се достапни за секого. Тенисот е популарен спорт, а и трките на коњи и регатите можат да ги гледаат плебејците, односно кралските поданици. Секако, дека така не било на почетокот на нивната долга традиција на постоење; но, што би рекле старите Латини, „О темпора, о морес“, односно секое време си носи свои обичаи.
За да би се разбрале овие промени, односно како дошло до спојувањето на неспоивото – физички допир на сината крв и аристократијата со плебсот, најдобро да се консултира книгата „Кич – уметност на среќата“ од Абрахам Мол, која претставува вистинско „свето писмо“ во објаснувањето како функционира во модерно време класната поделба во уметноста и спектаклот (и лажното убедување дека сите луѓе се еднакви).
Накусо, по Француската револуција, европските кралски семејства сфатиле дека „ѓаволот ја однел шегата“ и дека не е многу умно да се игра со трпението на народот, така што дотогашниот апсолутизам и тиранија решиле да ги заменат со привидно чувство на слобода и еднаквост. Убедени дека се од Бога дадени да бидат единствените на земјата кои ја имаат способноста да ја разбираат вистинската уметност, за нивните поданици се измислува нешто што е соодветно на нивните интелектуални и когнитивни спознанија, што и понатака ќе ги држи надвор од вистинската уметност, но ќе им создаде привид дека и тие се дел од неа.

Така настанал кичот, како феномен не само во уметничкото творештво (лесни ноти, стрип цртежи, поп артот наспроти класичната музика и ренесансните ликовни дела) туку и како дел од секојдневното живеење и спектаклот. Во спортот за себе ги задржале поединечните спортски дисциплини, како тенисот, мечувањето, коњските трки, стрелаштвото, ловот, веслањето, а на народот му понудиле забава преку колективните спортови како фудбалот, кошарката, одбојката и многу други.
Со тоа се создал и привидот дека сите луѓе се еднакви, секој си имал своја забава сѐ додека обичниот свет не посакал и тој да постане дел од она што било резервирано за аристократијата. Дваесеттиот век ја носи таа демократизација на спортот, веќе да нема поделба во спортот според социјален сталеж, туку тој да е достапен за секого, било како учесник или гледач.
5
Но, можеби, денес тоа е така било каде во светот, но не и во Обединетото Кралство. Тука орвеловата забелешка од „Животинска фарма“ во која сите животни се еднакви, но, сепак, некои се по еднакви од другите, е нај воочлива. И тоа најдрастично може да се забележи на спомнатите престижни спортски настани.
Да, портите се отворени за сите еднакво, но сите не влегуваме во нив на еднаков начин. На Вимблдон го имате храмот на тенисот – Централниот терен со капацитет од 15000 места, но во рамки на овој стадион постои и Ројал боксот, кој има само 75 седишта. Во кралската ложа можат да седат само членови на кралското семејство, почесни високи гости, поранешни шампиони и членови на Ол Ингланд клубот.
Со оглед дека обичниот смртник нема сина крв, нормално дека на оваа трибина нема можност да пристапи како дел од кралското семејство. Ниту го освоил турнирот, ниту пак е почесен висок гостин (член на некое друго кралско семејство, премиер или претседател на држава). Теоретски, единствено што му останува е да постане член на Ол Ингланд клубот и така да успее да го смести својот задник во удобните кралски фотелји.
Меѓутоа, теоријата, практично е непреводлива во пракса. Членството во Ол Ингланд клубот е премногу ексклузивно и не е достапно за јавноста на традиционален начин — едноставно, не може само да се аплицира и да се плати членарина. Затоа и постојат само околу 375 полноправни членови, а новите членови се избираат преку препорака и гласање од постојните членови.
Иако точната сума на членарината не е јавно позната, таа е со симболичен годишен износ, бидејќи престижот и привилегиите се далеку поважни од паричниот износ. Оттука, колку и да сте богати (да сте тајкун или нои ричи) да станете член на Ол ингланд клубот е речиси невозможно без да имате силни врски во британската елита која би ве прифатила да бидете дел од нејзиното друштво.

6
Оваа класна поделба која на микро ниво е изразена на Вимблдон бидејќи ројал боксот прима само 75 луѓе, е уште по воочлива на Ројал Аскот, бидејќи таму и трибините се поголеми.
Постојат четири трибини, кои меѓусебно се оградени, како не би доаѓало до мешање на публиката, поделена според нејзиниот социјален статус. И тоа е забележливо и во симболична смисла, односно во лингвистичките деталите во кои се крие ѓаволот. Иако се изградени и изгледаат како трибини, тие не се нарекуваат така туку се користи терминот енклосер (enclosure), кој во контекстуален превод од 19-тиот век би се прилагодил како оградено земјиште на кое им се забранува пристап на обичните граѓани.
Така, во Ројал Аскот има четири трибини т.е. четири енклосери: Ројал енклосер, Квин Ане енклосер, Вилиџ енклосер и Виндзор енклосер. Најпрестижен и најекслкузивен дел од хиподромот е, секако, Ројал енклосер, кон кој, во кралската процесија пред почетокот на трките, во своите кочии се упатува Кралот и неговата свита. На оваа трибина пристапот е дозволен само со покана од членовите, нивните гости, новите кандидати кои мораат да бидат спонзорирани од двајца членови, младите членови од 18-25 години (најчесто дел од братството на универзитетите Оксфорд и Кембриџ) и деца од 10-17 години, кои, секако, не се регрутираат за идни членови од државните училишта, туку, пред сѐ, од елитниот Итон колеџ. Годишната членарина, исто како и кај Ол Ингланд клубот, не е многу голема – од 150 фунти до 2140 фунти, но за да добиете препорака мора секое крвно зрнце да ви биде проверено од каква боја е.
Правилото на облекување т.н. дрес код на оваа трибина е стриктен и рестриктивен. Сѐ мора да ја отсликува традицијата, па така и гостите како ќе бидат облечени, а тоа е дамите задолжително да носат дамски шешир или фасцинатор со минимален дијаметар од 10 сантиметри. Фустаните, комбинезоните или здолништата мораат да паѓаат под колена или да се подолги. Пожелни се и ракавици со должина над лактот и чадор за сонце. Боите се светли – бели и пастелни, а сѐ мора да биде дизајнирано стилски како се носело пред повеќе од сто години. Џентлмените задолжително мораат да носат црн или сив цилиндер, фрак, елек, и кошула со вратоврска, црни елегантни чевли, со чорапи над глуждот. Бојата на облеката мора да биде комбинација на црна и сива, со тоа што е дозволено елекот и вратоврската да бидат во патриотски бои, како на пример знамето на Велика Британија (Унион Џек).
Квин Ане трибината е, исто така, место резервирано за ВИП гостите, но со понизок ранг од оние на Ројал трибината, така што и тука постои правило на облекување, но не оди толку назад во времето, туку како да ја следи модернизацијата на кралството и еманципацијата на жената. Дамите сѐ уште мораат да носат здолништа под колена и подолги, но на оваа трибина можат да бидат облечени и во панталони, но само дизајнирани како би ја отсликале епохата на која се реферира оваа трибина. Шешир или фасцинатор е задолжителен. Џентлмените мораат да носат одело од два или три дела, со задолжителна вратоврска, а дизајнот треба да кореспондира со историскиот период од пред Втората светска војна, т.н. денди стил.
Вилиџ трибината или ограденото село, е чекор напред низ времето и како да ги отсликува шеесеттите години, период кога се носела таканаречената твиги мода. На оваа трибина за дамите здолништата и фустаните немаат лимитирани димензии така што не мораат да бидат под колена, а пожелни се да се носат и панталони. Џентлмените на оваа трибина немаат посебни услови, така што можат да бидат облечени исто како и оние од Ане трибината.
Иако, можеби, звучи помпезно и posh, Виндзор трибината е всушност онаа која му е наменета на обичниот свет бидејќи билетите се најевтини (40-тина евра за еден ден следење трки), а посетителите немаат правила за облекување, така што можат да дојдат и во џинс и спортска облека.
Меѓутоа, плебсот, желен да биде барем еден ден во животот дел од кралскиот гламур, после Ројал трибината, најмногу е забележливо на оваа трибина како се облекува во аристократски стил – дамите со шешири и фасцинатори, во долги комбинезони, а џентлмените со цилиндри и фракови. Кутрите, како да не можат да сфатат или прифатат дека облеката не е работа на избор, туку е резултат на општествениот статус и за да се облече фрак или стави на главата фасцинатор мора да се има и соодветна подлога во родовото стебло. Инаку, ќе изгледате како да сте дошле на маскенбал. Повторно би се навратил на мудрите Латини кои уште во нивно време утврдиле дека она што му прилега на Јупитер не му приличи на волот (Quod licet Iovi, non licet bovi). Да, токму оваа трибина е најубава потврда за точноста на Мол кога го објаснувал постанокот на кичот.
7
Кога е во прашање кралството и аристократијата и дека не е сѐ во парите, туку е до лозата, како фуснота би додал еден илустративен пример. Во 2018. година, на свадбата на тогашниот принц Хари со Меган Меркел, биле поканети многу ВИП личности, како од кралските семејства, така и од бизнисот и забавната индустрија. Меѓу нив била и телевизиската водителка Опра Винфри.
Со оглед дека поканите се испраќале со месеци порано, како гостите би имале доволно време да се подготват и го планираат патувањето, познатата водителка нарачала од модното студио на Стела Мекартни да ѝ се скрои и сошие костум за кралската свадба. Месеците минувале, шиењето на костумот напредувало, Опра неколку пати патувала од Њујорк за Лондон на проби, за, конечно, еден месец пред свадбата фустанот да бил завршен.
Во исчекување на големиот настан, претпоставувам дека Опра со нетрпение го очекувала денот кога така црномуреста ќе блесне на свадбата во својот бел фустан. Но, набргу уследил неочекуван пресврт: една седмица пред свадбата добила известување од кралскиот протокол, дека на кралската свадба е дозволено само невестата да биде облечена во бело. Нешто што се подразбирало дека се знаело во високите аристократски кругови, на богатите естрадни ѕвезди од светот на забавата морало писмено да им биде објаснето.
Што сторила Опра по првичниот шок, не е познато, но злобниците коментирале дека поради кусото време, таа имала само две можности: или да купи евтина конфекција во однос на нејзиниот финансиски статус, или да посети некој секнд хенд дуќан за богати.

8
И на Хенли Ројал регатата која се вози на Темза, класната поделба е воочлива преку дрес кодот на двете трибини. На најексклузивната зона т.е. Стјуард трибината, резервирана за кралското семејство, аристократијата и членовите на клубот, за дамите е задолжително да мораат да носат фустани и тоалети под колена, шеширот е пожелен, а џентлмените да се облечени во елегантни костуми. Годишната членарина во клубот е симболична, околу 400 фунти, меѓутоа влезот во елитното друштво е, сепак, затворен круг – мораш да бидеш поканет или препорачан од постојните членови.
На Регата трибината, наменета за пошироката публика, не постои правило за облекување, атмосферата е неформална и опуштена, така што многумина избираат да носат клупски костуми и останата веслачка облека дизајнирана во морнарски стил. Посебен драж на овој настан преставува што многу посетители на него доаѓаат со автомобили олд тајмери, создавајќи атмосфера на безгрижните триесетти години на минатиот век.
Би рекле, уште една можност за уште едно бегство од реалноста, но кое оваа година нема само класна поделеност. Во сенка на војната помеѓу Израел и Иран и Русија и Украина, самозалажувањето кој каков костум ќе облече не е статусно прашање, туку е егзистенционално за сите: кралеви и плебејци, богати и сиромашни, аристократи и пролетери, сина и обична крв. Сите сме во ист сос. Зашто, бадијала фракови и фасцинатори доколку светот тргне кон свое самоуништување. Свет во кој голи доаѓаме и од кој голи си заминуваме…

Ненад Живановски-Столиќ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Крос за СП: Не ми се допаѓа форматот со 48 репрезентации
За шест месеци, во САД, Мексико и Канада ќе се одржи првото Светско првенство во фудбал со 48 репрезентации.
Репрезентациите се распредели во 12 групи, во секоја има по четири национални титмови. Пласман во нокаут фазата од натпреварувањето ќе остварат двете првопласирани екипи од секоја група и осумте најдобри третопласирани селекции.
Во случај на еднаков број бодови за екипите во групата, критериумите за пласман се: гол-разликата, бројот на постигнати голови, меѓусебдниот дуел, фер-плејот…
Легендата на германскиот фудбал, Тони Крос нее воодушевен од новиот формат.
„Јас сум против форматот на Светското првенство со 48 репрезентации: со толку многу репрезентации, ќе видиме многу резултати од 5:0 во групите… Ова не се натпревари што навивачите сакаат да ги гледаат. Ме интересираат добри, квалитетни натпревари што уживаме да ги гледаме. Не уживам во резултати од 5:0 или 6:0. Германија и Бразил не се меѓу петте главни фаворити“, рече славниот Германец.
Светското првенство е заеднички организирано од САД, Канада и Мексико, а ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули следната година. Освен што ќе биде прв ваков турнир со три домаќини, ќе учествуваат рекордни 48 репрезентации. Германија е во група со Брегот на Слоновата Коска, Еквадор и Курасао.
Титулата светски шампион ја брани Аргентина.
Foto/ depositphotos
Спорт
12 години од кобната несреќа на Михаел Шумахер на француските Алпи
Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Михаел Шумахер, на 29 декември 2013 година доживеа тешка несреќа додека скијаше на француските Алпи. Додека скијал надвор од патеката во ски-центарот Мерибел, изгубил контрола и паднал удирајќи со главата во карпа. Иако носел кацига, се здобил со сериозни повреди на главата.
По несреќата, Шумахер со хеликоптер бил пренесен во болницата во Гренобл, каде му биле извршени две операции на мозокот и бил ставен во медицински индуцирана кома. Тој помина околу шест месеци во кома, а во јуни 2014 година беше префрлен во неговиот дом во Швајцарија на понатамошна рехабилитација.
Оттогаш информациите за неговата здравствена состојба се оскудни бидејќи семејството строго ја чува неговата приватност. Познато е дека Шумахер е на долготрајна рехабилитација, но детали за неговиот напредок не се јавно достапни. Неговата сопруга Корина изјави во документарениот филм од 2021 година дека Мајкл е „тука, но поинаков“, нагласувајќи ја важноста на семејната поддршка во неговото закрепнување.

И покрај оскудните информации, познато е дека семејството на Шумахер вложува значителни напори во неговата грижа и рехабилитација. Неговиот син Мик, кој исто така е Ф1 возач, постојано изразува желба да разговара со својот татко, сугерирајќи дека комуникацијата со Михаел е ограничена.
Десет години по несреќата, братот на Шумахер, Ралф изјави дека „нему му недостига стариот Михаелот“ и дека „ништо повеќе не е исто“, дополнително потврдувајќи ја сериозноста на ситуацијата во која се наоѓа седумкратниот светски првак.
„Шумахер не зборува. Тој комуницира со очите. Само три лица смеат да го видат”, изјавила Елизабета Грегорачи, поранешната сопруга на Флавио Бријаторе. Пјеро Ферари, потпретседателот на Ферари и син на легендарниот Енцо, потврди дека Шумахер не може да зборува.
Претходно, семејството на Шумахер ја доби судската битка против магазинот „Бунте“ поради ширење лажни информации за здравствената состојба на Шумахер. „Бунте“ во 2015 година објави дека Шумахер може да оди со мала помош од терапевт и дека може да ја крене раката. На суд, неговиот адвокат Феликс Дам потврди дека и со помош на физиотерапевт, легендата не може да застане на нозе. Во јуни 2019 година, се дозна дека Михаел се лекувал со матични клетки. Тие беа инјектирани во неговото тело за да се создаде антиинфламаторен одговор и да предизвикаат реакција во мозокот.

Во 2021 година беше објавен документарен филм на „Нетфликс“ за кариерата и животот на легендарниот возач. Но во филмот несе открива неговата здравствена состојба.
„Од несреќата, веќе ги немам оние моменти кои многу луѓе ги имаат со своите родители, или барем јас ги имам помалку. Од моја перспектива, тоа не е фер. Татко ми и јас би се разбрале на поинаков начин бидејќи ние зборуваме на сличен јазик, јазикот на моторспортот. Ќе имавме многу теми за разговор“, изјави Мик, синот на Михаел кој дебитираше во Формула 1 во 2021 година,
„Не ми се допаѓа кога луѓето зборуваат за него како да умрел, тој се уште се бори“, е пораката на Пјеро Ферари.
Спорт
Кавај Ленард го одигра најдобриот меч во кариерата – ЛА Клиперс славеше против Детроит
Кошаркарите на Лос Анџелес Клиперс славеа над лидерот во Источната конференција, Детроит со 112:99. Клиперс ја забележаа четвртата победа, што е најдолга победничка низа за нив оваа сезона.
Клиперс до победата над Пистонс ги предводеше Каваи Ленард. Поранешниот МВП, со Сан Антонио, го одигра најдобриот меч во кариерата, постигна 55 поени, 26 од нив во третата четвртина. Ленард во статистиката запиша и 11 скокови и пет украдени топки.
Каваи Ленард ја игра својата 14-та сезона во НБА. Има 34 години и двапати беше шампион, во 2014 година со Сан Антонио Спарс и во 2019 година со Торонто Репторс. Исто така, шест пати се појави во натпреварот на сите ѕвезди.
Ленард стана вториот играч во историјата на Клиперси кој постигнал 40+ поени во два натпревари по ред. Првиот е легендарниот Боб Макаду, но тогаш Клиперси играа на другата страна од Америка, во Бафало, како Брејвс.
Резултати:
Торонто – Голден Стејт 141:127
/Квикли 27 – Кари 39/
Оклахома – Филаделфија 129:104
/Холмгрен 29 – Макси 28/
Портланд – Бостон 114:108
/Шарп 26 – Браун 37/
Вашингтон – Мемфис 116:112
/Сар 20 – Џексон 31/
ЛА Лејкерс – Сакраменто 125:101
/Дончиќ 34 – Дерозан 22/

