Свет
Трамп: На Украина ќе ѝ требаат „Патриот“ ракети за одбрана
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека на Украина ќе ѝ требаат ракети „Патриот“ за својата одбрана, откако во петокот разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски, и изрази разочараност поради одбивањето на рускиот претседател Владимир Путин да стави крај на борбите, пренессе „Ројтерс“.
Трамп им рече на новинарите дека имал добар телефонски разговор со Зеленски, но повтори дека бил многу незадоволен од повикот со Путин, нарекувајќи го рускиот лидер незаинтересиран за прекин на огнот.
На прашањето дали САД ќе се согласат да испорачаат дополнителни ракети „Патриот“ на Украина, како што побарал Зеленски, Трамп изјави: „Ќе им требаат за одбрана… Ќе им треба нешто, бидејќи се под жестоки удари.“
Тој ги пофали ракетите „Патриот“ како „навистина неверојатно оружје“.
На прашање за изгледите за прекин на огнот, Трамп изјави: „Тоа е многу тешка ситуација… Бев многу незадоволен од мојот повик со претседателот Путин. Тој сака да оди до крај, само да продолжи да убива луѓе – тоа не е добро.“
Зеленски, во порака на Телеграм, рече дека се согласиле да работат на зголемување на капацитетите на Украина за „одбрана на небото“, како одговор на засилените руски напади. Тој додаде дека разговарале и за заедничко производство, набавки и инвестиции со американската страна.
Украина подолго време бара од Вашингтон нови системи „Патриот“ што ги смета за клучни во одбраната на градовите од засилените воздушни напади од Русија. Одлуката на САД да прекинат со некои пратки на оружје веќе предизвика предупредувања од Киев дека тоа ја намалува нивната способност за одбрана.
Германија, пак, објави дека е во разговори за купување на ракети „Патриот“ за да го надополни вакуумот.
Извор информиран за повикот меѓу Трамп и Зеленски за Ројтерс изјавил дека по „многу добриот разговор“, постои оптимизам дека снабдувањето со ракети може да продолжи.
Трамп изјави дека разговарал и со германскиот канцелар Фридрих Мерц за украинското барање, но дека сè уште не е донесена одлука за испорака на напредните ракети.
Според американскиот медиум Axios, повикот траел околу 40 минути, а Трамп му рекол на Зеленски дека ќе провери каква е состојбата со американското оружје што требало да биде испратено во Украина.
Во своето вечерно видео-обраќање, Зеленски потврди дека тој и Трамп се согласиле да организираат средба меѓу нивните тимови за зајакнување на воздушната одбрана.
„Имавме многу детална дискусија за заедничко производство. Тоа ѝ е потребно на Украина, но и на Америка,“ рече Зеленски.
Во минатото, Украина доби системи „Патриот“ и муниција од САД како дел од помошта за време на мандатот на тогашниот претседател Џо Бајден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

