Македонија
(Видео) Манасиевски: ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше за можен криминал во КПУ „Затвор Скопје“, СДС да се огради од Сокол

Обвинението поднесено против Филип Андов – Сокол е потврда дека ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше за можен организиран криминал што се случуваше во затворот во Шуто Оризари, под диригенство на кадри на СДС, истакна на прес-конференција Валентин Манасиевски член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во времето кога Сокол беше директор, затворот беше претворен во луксузен хотел за осудени криминалци, кои со службени возила и под заштита на институцијата, односно директорот Андов, излегувале надвор од ќелиите кога ќе посакаат.
Тоа не е ниту пропуст, ниту случајност, тоа е системски криминал и злоупотреба на државната функција, со директна поддршка или молк од тогашната власт на СДС и ДУИ.
ВМРО-ДПМНЕ повеќепати јавно посочи дека се работи за организирана структура која ја поткопува правдата, а сега, со официјално поднесено обвинение, тоа се потврди“.
Прашањето е, вели тој, дали сега СДС и Филипче конечно ќе покажат минимум одговорност, ќе се оградат и ќе го исклучат Сокол од член на Централниот одбор на СДС. Или, како што додава, и понатаму ќе го штитат, како што штитат сè што има врска со нивниот криминален картел.
Според Манасиевски, обвинителството мора да продолжи без компромиси.
„Судот мора да биде храбар и непристрасен.
Правдата мора да победи, а ваквите случаи не смеат да завршат во фиока. Ако сакаме институции што служат на граѓаните, тогаш казна мора да има за сите, без разлика дали се работи за поранешни директори, партиски советници или луѓе блиски до Заев и Филипче“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Прогласена е кризна состојба“ – СМС порака која стигна до граѓаните е тест за масовно известување во кризни состојби

Во текот на попладневните часови, дел од граѓаните добија СМС порака со следната содржина: „Ве известуваме дека има прогласена кризна состојба во врска со пожарите и ве информираме дека на сила е забрана за движење во шумите.”
Центарот за управување со кризи информира дека ова е тест порака со цел да се проверат можностите за праќање вакви масовни пораки, кои во иднина треба да бидат дел од системот наречен ‘cell broadcasting’ или масовно праќање пораки во случај на кризна ситуација за известување и тревожење.
Оваа тест-порака има за цел да ги испита техничките можности за воспоставување на системот за масовно известување на населението во случаи на кризни состојби.
Овој систем, познат како cell broadcasting, овозможува испраќање на итни пораки до сите корисници на мобилни телефони кои се наоѓаат во определена географска област, без разлика на мобилниот оператор. Неговата цел е навремено и ефикасно информирање и тревожење на населението во случаи на пожари, поплави, земјотреси, опасни временски појави или други кризни ситуации.
„ЦУК е обврзан да го воведе овој систем, а веќе се започнати активности за изработка на физибилити студија која ќе ја процени техничката, финансиската и организациската изводливост за негова имплементација. Воведувањето на вакви системи е не само национална потреба, туку и обврска согласно законодавството на Европската Унија, која ги задолжува сите земји членки да располагаат со ваков механизам за масовно тревожење и информирање на граѓаните во случај на кризни состојби“, соопшти ЦУК.
Македонија
Активни се девет пожари во Македонија

До 18:30 часот, имало вкупно 29 пожари на отворен простор, од кои 9 се активни, 4 се под контрола, а изгаснати се 16 пожари, соопшти Центарот за управување со кризи.
АКТИВНИ (9):
Општина Чучер Сандево: помеѓу с.Блаце и с.Горњани, м.в.Рамна шума (шумски пожар)
Општина Прилеп: с.Бешиште, м.в.Бешишки Рид (приземен во мешана шума)
Општина Македонски Брод: помеѓу с.Црешнево и с.Локвица (деградирана дабова шума и грмушки)
Општина Дојран: с.Николич (нискостеблеста шума)
Општина Василево: с.Владевци (нискостеблеста шума)
Општина Чашка: под Солунска глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина дупка, каде нема активен пламен, само чад во карпест дел (шумски пожар)
Општина Крива Паланка: с.Лозаново
Општина Тетово: патен правец Тетово – с.Селце (дива депонија)
Општина Делчево: м.в.Брежје (нискостеблеста вегетација, смреки и грмушки)
ПОД КОНТРОЛА (4):
Општина Македонски Брод 1: с.Рамне – с.Ковче (ниска вегетација, проширен од фабриката Самоков)
Општина Македонски Брод 2: с.Слатина (мешана шума)
Општина Македонски Брод 3: с.Слатина (нискостеблеста мешана шума)
Општина Делчево: градска депонија Острец (депонија)
ИЗГАСНАТИ (16):
Општина Шуто Оризари: с.Визбегово (депонија)
Општина Ѓорче Петров: с.Орман (ниска вегетација и дрво)
Општина Гази Баба: Смилковско Езеро (ниска вегетација)
Општина Аеродром: ул. 3 Македонска Бригада (сува трева)
Општина Кисела Вода: ул.Малешевска во нас.Драчево (сува трева)
Општина Струмица: с.Куклиш (стрниште и сува трева)
Општина Велес: градска депонија во Велес (ѓубре)
Општина Кавадарци: ул.Диме Туриманџов (ѓубре)
Општина Делчево: м.в.Брежјето (грмушки и сува трева)
Општина Куманово: нас.Средорек (ѓубре и сува трева)
Општина Крива Паланка 1: с.Градец (шума и сува трева)
Општина Крива Паланка 2: с.Конопница (борова шума)
Општина Желино: с.Ларце – с.Горна Лешница (мешана шума)
Општина Тетово: с.Џепчиште (сува трева)
Општина Гостивар: Гостивар (сува трева)
Општина Кочани: кај селата Јастебник и Полаки, м.в.Бабиште (шума и сува трева)
Македонија
Уапсени две лица, запалиле кабли и предизвикале пожар

Полицијата уапси две лица кои запалиле кабли и предизвикале пожар.
Според информациите на МВР, вчера во 15:30 часот, при вршење на патрола на патот помеѓу Кадино и Миладиновци од страна на полициски службеници е забележан црн час при што затекнати се две лица кои имаа запалено кабли во близина на сува трева и дива депонија.
„Со брза реакција пожарот е спречен да се прошири и истиот е изгаснат. Утврдено е дека станува збор за лицето И.Б.(39) од Куманово и А.Б.(31). Лицата се лишени од слобода во Полициска станица Гази Баба и ќе биде известен Јавен обвинител за поднесување на соодветна пријава“, соопшти МВР.