Спорт
Вимблдонска приказна што треба да ја прочитаат Сиљановска и Мицкоски: Чилеанец со македонско потекло, кој се гордее со тоа
Од специјалниот известувач од Вимблдон
По скандалите со доделувањето на македонски пасоши на белосветски криминалци и нарко-босови, вистински потег на највисоките македонски државници во враќањето на дигнитетот на овој симбол на македонската државност би бил да им понудат македонски пасош, па и титула почесен конзул, на членовите на едно успешно чилеанско семејство, кое не само што не ги заборавило своите македонски корени, туку и се гордее со нив.

Себастијан Варела Намиас е 35-годишен новинар од Чиле, кој последниве години работи како тениски новинар за порталот Клеј тенис од Сантијаго, иако не е фокусиран само на таа област. Неговата професионална кариера е исполнета и со други понезабавни работни ангажмани од оние кои ги носат спортските настани и патувањата по најголемите гренд-слем турнири и Олимписки игри. Во 2017. година ја добил наградата за истражувачка сторија, која ја направил со неговата колешка Наталија Кореја и која се однесувала на одредени неправилности во чилеанската армија. Од пред еден месец, новинарската биографија му е побогата за уште едно престижно признание: добитник е на наградата „Том Перота“ за тениско новинарство за 2025 година, која ја доделува Меѓународното здружение на тениски писатели (ITWA).
Талентот за убаво пишуван збор смета дека го наследил од неговата баба Грасиела Контрадор, која била позната писателка на фантастични романи во Чиле.
Овој дипломиран студент по журналистика од Универзитет Католика во Сантијаго, го запознав сосема случајно во 2019 година, на првиот ден од турнирот во Вимблдон, кога ја правев анкетата меѓу известувачите за нивните предвидувања кој ќе го освои тревнатиот гренд-слем во Лондон.
Еден од соговорниците ми беше токму и Себастијан, кој на самиот крај од разговоро се заинтересира од каде доаѓам и за кој медиум работам. Кога слушна Македонија и Макфакс, ме изненади со неговиот коментар:
„И јас сум по потекло од Македонија, моите предци се дојдени во Чиле, од Монастири“.
Иако затечен од слушнатото, веднаш знаев дека имам занимлива приказна, која мора да биде споделена со читатлите на Топ Спорт и Макфакс. Во продолжение следи интересната исповест на Себастијан за потеклото на неговите предци и кога и зошто „отпловил“ нивниот параход од Битола за Чиле.

„Моето потекло е еврејско и моите предци се доселиле во Македонија од Шпанија во 15-тиот век, за време на прогонот на Евреите од католичката црква. Од тогаш, тие со генерации живееле во Битола, се некаде до почетокот на триесеттите години на минатиот век, кога на мојот прадедо, кој бил трговец, му се случила голема несреќа и во пожар му изгорел целиот имот. Поради тоа, тој решил да побара некое друго место за живот каде би го продолжил животот и би почнал да го развива бизнисот од почеток. Некој пријател му кажал дека добра земја за трговија е јужниот дел од Чиле и тој решил да замине таму сам, додека неговата сопруга, а мојата прабаба, со шесте деца останала да живее во Битола. После една и пол година и таа се преселила со децата во Чиле и таму започнале нов живот од почеток, во градот Балдивија. Мојот дедо, а таткото на мојата мајка, бил седмото дете на прабаба ми, роден е во Чиле и ја оженил баба ми Грасиела, која била писателка на фантастични романи“.
Истражувајќи ги своите корени, Себастијан открил дека многу од роднините на неговите предци останале да живеат во Битола и за жал сите страдале со почеток на Втората светска војна, кога Македонија била окупирана од бугарските фашисти. Голем дел од нив или биле погубени во Битола или однесени во концентрациониот логор Треблинка во Германија. Само еден подалечен роднина успеал да преживее.
„Гледано од подоцнежна временска дистанца, испаѓа дека несреќата на мојот прадедо да му изгори сиот имот, всушност била среќа, бидејќи се отселил во Чиле. Во спротивно, најверојатно и тој со прабаба ми и нивните деца би страдале од нацистите“.
Во тоа време, поради семејната трагедија во Битола, но и поради состојбата во цела Европа во време на нацизмот, Чиле навистина претставувал ветена земја за нов почеток. Децата на прадедото на Себастијан пораснале во Чиле, се школувале и почнале нов бизнис во областа на градежништво. Во раните педесети години ја формирале градежната компанија Намиас Херманос (Браќа Намиас), која денес е една од најголемите во Чиле и гради резиденционални објекти и ресорти на океанскиот брег на Чиле.
Меѓутоа, колку и семејното стебло да почнало да се разгранува, а успешно водениот бизнис да пружа материјална сигурност, тие никогаш не заборавиле од каде се нивните корени и од каде стигнале во Чиле.
„Еден од моите роднини има пишувано книга за нашето родово стебло и семејна историја, која почнува од Викторија, мајката на моите пра-прадедовци која живеела во Битола. Во таа книга има опишано многу детали од нивниот живот во Битола како и фотографии од тоа време. Сметам дека е многу важно луѓето да знаат од каде доаѓаат, и од каде им е потеклото. Тоа е причината зошто сакам да ја посетам Македонија“.
Културата на помнење е одлика на цивилизираните луѓе, а преку нив и на нациите на кои им припаѓаат тие. Дали посетата на Битола за Себастијан би претставувала само посета на уште еден град од многуте кои ги има посетено во својот живот или кај него ќе се роди посебен сентимент кога ќе прооди по улиците и сокаците по кои газеле неговите предци и кога ќе го види местото на кое била нивната родна куќа?
„Сигурно дека ќе имам посебно емотивно доживување. Некои роднини на мојата мајка веќе биле во Битола и ги посетиле деловите каде живееле нашите предци. Јас сум со авантуристички дух и многу сакам да ја посетам Битола и да чекорам по улиците за кои ќе знам дека некогаш во минатото тука чекореле и моите предци. И сигурно ќе го направам тоа. Сто проценти сум убеден“.

Како објаснува Себастијан, со кого од првиот ден почнавме да се обраќаме со „земјак“, веројатно поради неговото европско потекло, кога патува луѓето мислат дека е Италијанец или Грк, а не Чилеанец.
„Дефинитивно од сега ќе почнам да кажувам дека сум Македонец. Всушност, и порано често пати на моите профили на социјалните мрежи го ставав македонското знаме и луѓето мислеа дека сум од Македонија. Исто така, од сега понатака родниот град на моите предци нема да го викам Монастири туку исклучиво Битола“ – ветува Себастијан.
Разговорот го завршивме со верба во Бога за добро здравје и да се видиме на следниот Вимблдон, а потоа да се посети Македонија, и, секако, Битола.
До тогаш, како домашна задача, Себастијан прифати три обврски:
1. Да научи 100 збора на македонски јазик.
2. Да научи да ја пее „Битола, мој роден крај“, и
3. Да се одлучи дали ќе навива за Вардар или Пелистер.
Многу полесна задача од Себастијан имаат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски. Семејството Намиас заслужува да има македонско државјанство, а Македонија свој почесен конзул во Чиле!
Ненад Живановски-Столиќ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Македонија апсолутен фаворит против Луксембург
Вечерва (18.00 часот), во салата во „Градски парк“ во Скопје, нашите најдобри кошаркари бараат и трета победа по ред во „А“ групата од претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029 година, два бода со кои ќе бидеме многу поблиску до целта – премин во следниот натпреварувачки круг.
По многу годин, поточно од 9.септември, 2006 година, Македонија ќе биде во улога на домаќин во салата во „Градски парк“, комплетно реновирана во изминатиот период, и подготвена да ги прими сите заинтересирани за вечерашниот дуел, во кој на теренот „црвено-жолтите“ уште еднаш ќе ги поведе Војдан Стојановски.
Капитенот на Македонија е запознат со квалитетите на вечерашниот противник:
„Играме против Луксембург, една добра репрезентација во која шутираат сите кои што се во моментот на теренот. Селекција која игра без класичен центар, што говори дека форсираат брза игра за која треба да најдеме соодветен одговор“ – смета Стојановски.
Предводникот на нашиот национален тим вели дека енергетскито момент е еден од оние кои ќе го донесат веројтно и клучниот дел од дуелот во „Градски парк“. Заедно со добра дефанзива која црвено-жолтите“ треба да ја презентиираат во дуелот со селекциката која исто така има две победи во првите две кола од претквалификациите.
„Наше е да дадеме се од себе, да го потрошиме и оној последен атом од нас. Да имаме добра енергија и тоа како потребна за ваков вид на натпревари. И со една добра игра во одбраната да стигнеме до победата“ – потенцира Стојановски.
Извор и Фото/ mkd.basketball
Спорт
(Видео) Навивачите во Порторико полудеа по Меси
Лионел Меси беше фрлен на за време на пријателскиот натпревар во Бајамон, Порторико, откако еден навивач влета на теренот, а обезбедувањето се обиде да го спречи.
Инцидентот се случи на натпреварот помеѓу Интер Мајами и еквадорскиот клуб Индепендиенте дел Вале, одигран во четврток вечерта.
Станува збор за одложен натпревар кој првично требаше да се игра на 13 февруари, но беше откажан бидејќи Меси почувствува болка во тетивата за време на претходниот контролен натпревар.
Новиот датум, 26 февруари, беше договорен со организаторот и локалните власти, иако дојде во многу незгодно време за Интер Мајами. Дојде само пет дена по отворањето на сезоната во МЛС со пораз од 3-0 од Лос Анџелес, и помалку од 72 часа пред гостувањето кај ривалите од Флорида, Орландо Сити.
Самиот натпревар беше необичен дури и пред инцидентот со навивачот. Почетокот беше одложен за цел час поради проблем со дресовите. На крајот, двата тима играа во претежно црни дресови, поради што беше тешко да се разликуваат од трибините.
Пред 12.500 гледачи на распродадениот стадион „Хуан Рамон Лубриел“, тренерот на Мајами, Хавиер Маскерано, започна со постава составена претежно од резервни играчи, но Меси влезе на полувремето и на крајот постигна гол од пенал во победата од 2-1.
Во 88-та минута, неколку навивачи влегоа на теренот. Еден од нив истрча кон Меси, а обезбедувањето се обиде да го задржи. Уште двајца помлади навивачи се појавија во толпата барајќи селфи.
Навивачот кој прв влезе на теренот, сега без маица, успеа да му избега на обезбедувањето, се врати кај Меси и го зграби за половината. Во тој момент, обезбедувањето го собори навивачот на тревникот, но правејќи го тоа, го повлече и Меси со себе, кој падна.
За време на хаотичните сцени, ниту еден од соиграчите на Меси не се приближи да го заштити својот капитен. На крајот, противничкиот играч, парагвајскиот напаѓач Карлос Гонзалез, застана до него и го прегрна, додека обезбедувањето и судиите се справуваа со ситуацијата со другите навивачи на теренот.
What a shit show this is.
Both teams in black, fans storming the field, and they end up knocking over Messi. Wow.
— herculez gomez (@herculezg) February 27, 2026
Спорт
„Порано или подоцна Чалханоглу ќе игра за нас“
Фудбалерот на Интер, Хакан Чалханоглу, сакаше да се пресели во Галатасарај минатото лето, трансферот ќе се случеше доколку во Милано стигнеше соодветна понуда, додека неодамна во јануарскиот преоден рок, лидерот во Серија А ја отфрли можноста да се откаже од толку важен играч во период кога се бори за двојната круна во Италија.
Но, шампионот на Турција не се откажува од одличниот играч за врска, пораката од клубот е јасна.
„Се обидовме и во јануари, Интер одби“, рече потпретседателот на Галатасарај, Абдула Кавукџу и додаде:
„Хакан е икона на турскиот фудбал. Не знам кога ќе се случи тоа, но дефинитивно ќе го носи дресот на Галатасарај“, рече Кавукџу.
Чалханоглу има 32 години, одигра дури 102 натпревари за турската репрезентација, но никогаш не играл за клуб од својата земја.
Роден е во Германија, а пред Интер играше за Карлсруе, ХСВ, Баер Леверкузен и Милан.
Foto/ depositphotos

