Македонија
Ангелов со апел до граѓаните: Пријавете на 112 ако видите сомнително однесување поврзано со пожарите

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска упати силен апел до граѓаните да пријават какво било сомнително однесување на лица, поврзано со пожарите, откако биле откриени докази за намерно подметнати огнови на повеќе локации во земјава.
„Доколку забележите лице со сомнително однесување, веднаш пријавете на бројот 112 или во најблиската полициска станица“, изјави Ангелов на прес-конференција во Владата.
Во моментов, според податоците, во земјава има пет активни пожари, додека уште пет се ставени под контрола. Во изминатото деноноќие, биле изгаснати 66 пожари на отворен простор.
Ангелов информираше дека на терен се забележани дрвени палети полиени со бензин, гуми и шишиња со запаливи течности, што укажува на обиди за подметнување на пожари.
„Синоќа кај Смилковско Езеро беше пронајдена гума, а во друг случај лица со шишиња со бензин се обиделе да подметнат пожар“, рече Ангелов.
На локации со зголемен ризик се спроведуваат засилени полициски патроли, вклучувајќи и цивилни служби. Според Ангелов, благодарение на овие мерки, бројот на пожари денес е значително помал и покрај сличните временски услови како вчера.
Дополнително, објавен е јавниот оглас за ангажирање на 400 невработени лица, од кои 80 во Скопје, за активности поврзани со превенција и заштита од пожари. Најдобрите кандидати ќе добијат можност за вработување во противпожарните служби и во новиот специјален тим за заштита и спасување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Митески: Наместо Градот, ние го собираме отпадот во Аеродром

Кандидатот за градоначалник на општина Аеродром, Дејан Митески, изјави дека општината самоиницијативно се справува со зголемените количества отпад, иако надлежноста за комуналната чистота е на Град Скопје.
„Сликата е жалосна во цело Скопје, но ние во Аеродром не чекаме – дневно депонираме повеќе од 10 тони отпад во Дрисла,“ изјави Митески.
Тој нагласи дека, пред да се воведат казни, неопходно е граѓаните да имаат услови каде да го одлагаат отпадот.
„За првпат како општина воведовме редовни акции коишто траат два месеци на пролет и на есен за одлагање на кабаст отпад, понудивме услуга преку нашето јавно претпријатие да може на повик, граѓаните дојдат и го депонираат отпадот за симболичен надоместок, за првпат лиценциравме јавно комунално претпријатие коешто може да одвезува и да транспортира неопасен отпад“, рече Митески.
Во гостување на Телма, тој додаде дека Аеродром веќе има лиценцирано јавно комунално претпријатие што може да одвезува и транспортира неопасен отпад.
Покрај тоа, Митески најави и дел од инфраструктурните и еколошките проекти од програмата – топлификација на Лисиче, нов културен дом и зелена офанзива со засадување нови садници во соработка со инвеститорите.
Македонија
Во тек голема акција: Финансиската полиција ја тресе прилепската болница, има приведени

Во тек е голема акција на финансиската полиција во Прилеп, поврзана со сомнежи за криминал во работењето на прилепската болница.
Според информациите за „Макфакс“, приведени се повеќе лица кои раководеле со болницата.
Од Основното јавно обвинителство, попладнево, соопштија дека Финнсиската полиција постапува по нивна наредба.
„Се преземаат дејствија во врска со постапка за наводи против повеќе лица за злоупотреби во работењето на прилепската болница. Акцијата е во тек“ соопштија од Обвинителството.
Повеќе детали ќе бидат познати во текот на утрешниот ден.
Македонија
Мециновиќ: Не планирам да водам деструктивна политика, ќе соработувам со сите советнички групи

Кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, на првата прес-конференција по почетокот на вториот изборен круг обвини дека Левица е неправедно исклучена од медиумскиот простор, откако АВМУ не ѝ дозволи политичко рекламирање.
Според него, со тоа, нанесен е удар врз демократијата, но најавува позитивна и проактивна кампања, иако, како што рече, условите не се рамноправни.
„Јас не сум најпаметен, ниту најдобар од сите скопјани“, рече тој. „Но знам дека скопјани заслужуваат град каде што нивниот глас нешто значи. Локалната политика е нашето секојдневие: улиците, воздухот, јавниот превоз, зеленилото. Тие работи не смеат да зависат од партиски договори“.
Тој порача дека нема да води деструктивна политика и ќе соработува со сите советнички групи. Нагласи и дека проблемите во претходниот мандат произлегле од партиски суети и лични конфликти. Ги повика и разочараните граѓани да излезат на гласање:
„Овојпат изборот е реален – старите партии веќе не се најголемиот фактор.“
На крај, му порача на својот противкандидат: „Подготвен сум на дебата, па и на јавен дуел под отворено небо. Нека народот нè слушне и избере.“