Свет
Зеленски: Сè што може да ја запре Русија треба да се спроведе што е можно побргу

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, по уште еден напад врз Украина, изјави дека сè што може да ја запре Русија треба да се спроведе што е можно побргу. „На Украина ѝ е потребна заштита.
„Пред сè, противвоздушна одбрана. Пресретнувачи на беспилотни летала. Разговаравме за ова со сите партнери, има позитивни сигнали и важно е да преминат на вистински инвестиции во оваа технологија. Мораме што е можно побргу да спроведеме акција за сè што ќе изврши притисок врз Русија и ќе ја запре“, напиша Зеленски на „Фејсбук“.
Тој истакна дека санкциите против Москва треба да се зајакнат и дека се чека одобрување на нов пакет-санкции. Тој потсети дека девет лица се повредени во нападот со руски беспилотни летала врз Харков, а „меѓу жртвите има жени во породилното одделение.
„За среќа, меѓу жртвите нема деца“. Русија цели кон живот. Дури и таму каде што штотуку почнува. Ноќе тие ги нападнаа и Днепарската област, и Николаевската област и Сумската област. Утрото, тие ја нападнаа Одесанската област. Сега повторно почнаа нови бранови“, нагласи Зеленски.
Како што изјави, „нема примирје во Украина“, а Русија врши постојани напади со беспилотни летала, ракети и воздушни бомби.
„Затоа е многу важно сè што е договорено со партнерите овие денови во Италија да се спроведе што е можно побргу“, заклучи Зеленски.
Како што објави „Укринформ“, IV меѓународна конференција за реконструкција на Украина (URC2025) ќе се одржи во Рим од 10 до 11 јули, со учество на претседателот на Украина и шефовите на европските држави.
Според Зеленски, за време на конференцијата е донесена одлука за создавање нова коалиција за реконструкција на Украина и Европскиот фонд за реконструкција, пренесува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Полицајците не допираат никого, не вознемируваат никого сè додека луѓето не почнат да го кршат законот

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа изјави дека полицијата реагира како последно средство на блокадите во државата, во согласност со законот и со минимална употреба на сила.
„Тие полицајци…не допираат никого, не вознемируваат никого сè додека луѓето не почнат да го кршат законот и да ги напаѓаат со стапови“, изјави Вучиќ.
Вучиќ истакна во интервју за белградски медиуми, дека студентите во блокада на 15 март не дале „зелено светло“ затоа што некои во државата требало да ја завршат својата работа, а на 28 јуни го направиле тоа „преценувајќи се себеси и потценувајќи ги другите“.
Тие луѓе мислат дека е нормално да му се одземе на некого уставно загарантираното право на движење, тие не се заинтересирани за ништо, тие го прогласиле за легално и не им е гајле, рече Вучиќ.
„Загрижен сум за државата, но што се однесува до партиските, посебни интереси – одлично, можеби до Нова Година, можеби ќе ги изненадам, а потоа ќе распишам избори“, додаде Вучиќ.
Регион
Грчкиот остров Закинтос го погоди земјотрес

Во морскиот дел југозападно од грчкиот остров Закинтос беше регистриран земјотрес со јачина од 5 степени според Рихтер, а не се пријавени повредени лица или причинета материјална штета.
Претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција Ефтимиос Лекас за државната телевизија ЕРТ истакна дека „не постои причина за загриженост, бидејќи е во подводниот дел“, но и дека има простор и за многу поголеми земјотреси без да се создадат проблеми.
По големиот земјотрес следеа неколку помали меѓу 2,2 и 2,8 степени.
Европа
Американски генерал: Руската армија е поголема денес отколку кога ја започнаа војната во Украина

На НАТО ќе му требаат повеќе ракети со долг дострел во својот арсенал за да ја одврати Русија од напад врз Европа, бидејќи се очекува Москва да го зголеми производството на оружје со долг дострел, изјави американскиот генерал Џон Раферти за Ројтерс.
Ефикасната употреба на ракети со долг дострел од страна на Русија во војната во Украина ги убеди западните воени претставници за нивната важност за уништување на командни пунктови, транспортни центри и лансери за ракети длабоко зад непријателските линии.
„Руската војска е поголема денес отколку кога ја започнаа војната во Украина“, рече генерал-мајор Раферти во интервју во американската воена база во Висбаден, Германија. „Знаеме дека тие ќе продолжат да инвестираат во ракети со долг дострел и софистицирана воздушна одбрана. Затоа поголемите капацитети на алијансата се навистина, навистина важни.“
Војната во Украина ја истакна големата зависност на Европа од Соединетите Држави за снабдување со ракети со долг дострел, бидејќи Киев се обидува да ја зајакне својата воздушна одбрана.
Раферти неодамна го заврши својот мандат како командант на 56-та артилериска команда на американската армија во германскиот град Мајнц-Кастел, која се подготвува за привремено распоредување на американски ракети со долг дострел на европско тло од 2026 година.
На состанокот со американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет во понеделник, се очекува германскиот министер за одбрана Борис Писториус да се обиде да разјасни дали ваквите распоредувања, договорени меѓу Берлин и Вашингтон кога Џо Бајден беше претседател, ќе бидат имплементирани сега кога Доналд Трамп се врати во Белата куќа.