Македонија
Шест часа од бруталниот напад врз градоначалничката на Скопје, а од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски сè уште нема ни збор за осуда, вели Филипче

Претседателот на Социјалдемократкиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, повика на итна одговорност и поведување постапка против насилниците кои денеска брутално ја нападнаа градоначалничката на Град Скопје и службениците.
„Шест часа од бруталниот напад врз градоначалничката на Скопје, а од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски сè уште нема ни збор за осуда. Молкот понекогаш зборува погласно од зборовите“, напиша претседателот на СДСМ, Венко Филипче на социјалните мрежи.
„И не се работи само за напад врз градоначалничката и службениците од Градот. Се работи за тоа дали секој од нас може без страв да се спротивстави на криминалот.
Пораката што власта ја испраќа е дека секој кој ќе се обиде да го обелодени нивниот криминал ќе се соочи со опасност по личната безбедност. Ова е страшно и недозволиво.
За една година безбедносната состојба во државата катастрофално се влоши. Безбедноста на граѓаните, правдата, заштитата од институциите практично не постојат. Ова е нешто што треба сериозно сите да нè загрижи.
Барам итно да се осудат насилниците и барам итно да се поведе постапка против службениците на МВР кои не постапиле и не ги заштитиле претставниците на Градот“, додава Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во Кочани нема да има концерт за Петровден, Крстевски го откажа на барање на родителите на загинатите деца во „Пулс“

Откажан е музичко забавниот дел од програмата за одбележување на Петровден, празникот на градот Кочани. Ваква одлука вчера донесе в.д. градоначалникот, Венко Крстевски, откако родителите на загинатите во трагедијата од 16 март годинава се собраа пред сцената во Паркот на Револуција, каде требаше да запчне концерт со настап на повеќе бендови. Тие поставија фотографии на своите деца и запалија свеќи.
Животот продолжува, но трагедијата во дискотеката „Пулс“ нè остави во заложништво на болката, особено за родителите кои живеат со страв и загуба. Откажувањето на музичкиот дел од денешниот и утрешниот настан не требаше да се случи – не затоа што не ја почитуваме тагата, туку затоа што нашата обврска е да се грижиме за сите, да го вратиме нормалното секојдневие и да покажеме дека заедништвото се гради со храброст и заедничка работа, а не со запирање на животот, стои во соопштението на в.д. градоначалникот Крстевски.
Претходно, родителите на загинатите во дискотеката „Пулс“ во пресрет на Петровден писмено се обратија до него со барање да се одложи музичко-забавниот дел од програмата.
Македонија
Гужви на Богородица за влез во Грција

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
На ГП Табановце за влез во државата и ГП Богородица за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 15-20 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Македонија
Денес сонце и температури до 36 степени

Сончево и потопло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 18, а максималната ќе достигне од 29 до 36 степени.
Во Скопје, сончево и потопло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.