Свет
ЕУ: Царината од 30 проценти ја оневозможува трговијата, ние сакаме договор
Царината од 30 проценти практично ја оневозможува трговијата меѓу ЕУ и САД, а Европската комисија е убедена дека договореното решение е најдобро за двете страни на Атлантикот, изјави денес европскиот комесар за трговија Марош Шефчовиќ.
„Да бидеме искрени, идејата за царина од 30 проценти всушност ја оневозможува трговијата. Остануваме убедени дека нашите трансатлантски односи заслужуваат договорено решение, кое ќе ги постави темелите за стабилност и обновена соработка“, рече Шефчовиќ пред почетокот на состанокот на министрите за трговија на ЕУ. Данското претседателство свика вонреден министерски состанок за да се фокусира на објавувањето на американските царини од 30 проценти за увоз од Европската Унија.
Шефчовиќ рече дека Комисијата ќе продолжи со напорите за постигнување договор со Соединетите Американски Држави, додека ќе подготвува можни контрамерки доколку разговорите не успеат.
„Не можам да замислам да се откажам без да вложам вистински напор. Сегашната неизвесност предизвикана од неоправданите царини не може да трае бесконечно и затоа мора да се подготвиме за сите исходи, вклучително и, доколку е потребно, добро осмислени и пропорционални контрамерки за враќање на рамнотежата во нашите трансатлантски односи“, рече Шефчовиќ.
Комесарот изрази жалење поради новата закана со царини во време кога двете страни изгледаа блиску до договорено решение. „Со жалење и разочарување го зедовме предвид писмото од претседателот на Соединетите Американски Држави до Европската Унија, особено со оглед на напредната фаза во тековните преговори“, рече комесарот.
Соединетите Американски Држави и Европската Унија се најголемите трговски партнери во светот, со обем на трговија од 1,45 трилиони евра. „Затоа покажуваме огромно трпение и креативност за да најдеме решенија. Но, ако царините од 30 проценти и повеќе останат, трговијата каква што ја знаеме нема да продолжи, што ќе има огромни негативни последици од двете страни на Атлантикот“, рече Шефчовиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Брутално претепан познатиот албански водител Елтон Тозај, може да остане слеп
Познатиот албански водител Елтон Тозај бил нападнат и брутално претепан синоќа околу 19:30 часот на автопатот Тирана-Драч, под околности кои сè уште остануваат вознемирувачки и нејасни, објавија медиумите.
Според информациите објавени од неговото семејство, на неговиот профил на социјалните мрежи, новинарот бил брутално нападнат од неколку лица. Во насилството врз Тозај му биле нанесени сериозни физички повреди.
„Семејството објави дека Елтон Тозај моментално е во сериозна здравствена состојба и е на интензивна медицинска нега. Според нив, ситуацијата е деликатна, бидејќи новинарот се бори да не го изгуби видот, што го прави овој настан уште поалармантен“, наведуваат медиумите.
Од полицијата засега нема информација околу настанот.
Свет
Бурата Јоханес ја погоди Шведска, повеќе од 40.000 домаќинства без струја
Бурата Јоханес ја погоди Шведска носејќи силни ветрови и снежни врнежи, додека повеќе од 40.000 домаќинства останаа без електрична енергија.
Според метеоролозите, бурата се шири брзо и се очекува ветровите да се зајакнат во текот на денот.
Бурата започна ноќеска од северот на земјата, со многу силни ветрови, додека жолти и портокалови временски предупредувања беа издадени за поголемиот дел од Шведска, пренесе локалниот портал Expressen.
Свет
По рускиот напад над 2.600 станбени згради, 187 градинки, 138 училишта и 22 социјални згради се без греење во Киев
Околу 600.000 потрошувачи во Киев и околниот регион останаа без електрична енергија.
Енергетските екипи се на терен и вложуваат максимални напори за што поскоро враќање на снабдувањето, објави премиерката на Украина Јулија Свириденко на социјалните мрежи.
„Работиме на решавање на последиците од ноќниот напад врз Киев и регионот. Предупредувањето за воздушна опасност во Киев беше на сила 10 часа. Една жена почина во регионот на Киев. Во главниот град досега се повредени 32 лица“, рече Свириденко.
Службите за итни случаи се на терен, кои, заедно со медицинските екипи, ги расчистуваат урнатините и им пружаат помош на жртвите. Премиерката додаде дека во нападот се оштетени цивилни и енергетски објекти.
Во моментов, над 2.600 станбени згради, 187 градинки, 138 училишта и 22 социјални згради се без централно греење“

