Македонија
(Видео) Спасовски: ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржа амандманите за помош на настраданите во Кочани и за справување со пожарите
Власта нема слух за основните проблеми на граѓаните, ниту демократски капацитет да ги сослуша забелешките, да ги разгледа внимателно предлозите и врз основа на тоа да донесе одлуки во интерес на граѓаните, истакна координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната прeс-конференција, откако пратениците од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, не ги поддржаа двата амандмани што ги поднесе пратеничката група на СДСМ и коалицијата за поддршка и помош на настраданите и нивните семејства во пожарот во дискотеката „Плус“ во Кочани и за справување со пожарите.
Спасовски истакна дека СДСМ посочи дека се работи за клучни собраниски амандмани за две приоритетни работи во државата и тоа за поддршка и помош на настраданите и нивните семејства и повредените од пожарот во дисктеката „Пулс“ во Кочани, со коишто беа предвидени финансиски средства за обештетување на семејствата на починатите,како и за повредените од пожарот.
„Вториот амандман којшто го поднесовме беше за справување со пожарите. Оваа влада покажа крајна некапацитетност во однос на справувањето со пожарите, секојдневно имаме пожари. Сметавме дека нема поголем приоритет од тоа сите заедно таа обезбедиме финансиски средства преку овој ребаланс, којшто пред се ќе значат зголемувањето на бројот на пожарникарите и нивните плати, како и дополнителна опрема“, рече Спасовски.
Тој нагласи дека ова беше можност сите заедно во Собранието да покажат дека врвните приоритети не познаваат политички или било какви други разлики.
„За жал, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН не ги поддржаа ниту овие два амандмани како врвен приоритет, а имајќи во предвид дека сите други амандмани коишто сметавме дека не може да бидат ваков приоритет како што се амандманот за Кочани за пожарите ги повлековме, токму во функција да понудиме две приоритетни области во коишто сите заедно ќе успееме да се соединиме или да пружиме рака за соработка. Мислам дека денеска во Собранието се пропушти уште една можност да покажеме единство и да покажеме дека проблемите на граѓаните и она што ни се случува сега во државата, да ни бидат заеднички приоритет“, порача координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул на веб-страницата за изразување интерес за соработка на лекари кои работат или специјализираат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.
Македонија
Мицкоски на проштална средба со Агелер: благодарност за ангажманот, поддршката и придонесот во унапредувањето на односите меѓу двете држави
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
„Денеска се одржа проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Анџела Агелер.
На средбата беше изразена благодарност за нејзиниот ангажман, поддршката и придонесот во унапредувањето на односите меѓу двете држави“, објави на социјалните мрежи Мицкоски.
Информира дека во пријатна и конструктивна атмосфера биле разменети мислења за досегашната соработка, како и за значењето на партнерството и заедничките вредности.
„Упатени беа искрени желби за успех во нејзините понатамошни професионални ангажмани“.

