Економија
Народната банка со одлука за намалување и поедноставување на надоместоците за извршување на плаќањата во земјата и во СЕПА
Во рамките на активностите за модернизација на платниот систем и за поттикнување на електронските плаќања, Советот на Народната банка на вчерашната седница донесе одлука за целосно нов модел за тарифирање на банките за извршување и порамнување на плаќањата во Македонскиот интербанкарски платен систем. Моделот се заснова на принципите и практиките на централните банки во евросистемот за фиксни и предвидливи надоместоци според обемот на трансакциите, со што се создава простор за поедноставување и намалување на надоместоците што банките ги наплаќаат од клиентите за извршување на електронските плаќања преку платните системи во земјата.
Советот на Народната банка воведе тарифа за плаќањата на државните органи во евра со земјите од СЕПА во фиксен износ од 3 евра по трансакција за електронски иницираните налози и 5 евра за налозите иницирани на хартија. Ниските и фиксни надоместоци по трансакција, во споредба со варијабилните надоместоци во зависност од износот на трансакцијата коишто ги налагаат сложените кореспондентски аранжмани со странските банки, ќе доведат до значителна заштеда за државата при извршувањето на плаќањата на државните органи со европските земји.
Одлуката, како што појаснуваат, се носи во контекст на приклучувањето на нашата земја кон СЕПА и фазата на усогласување со европските стандарди којашто е во тек, а со која се создава основа за пошироко намалување на трошоците за прекуграничните плаќања во евра, како од страна на Народната банка за државните органи, така и од страна на банките за своите клиенти.
Народната банка и натаму активно ќе работи на поедноставувањето и намалувањето на трошоците за плаќањата во земјава и кон земјите од СЕПА со крајна цел ‒ подобра услуга за граѓаните и поволна деловна средина за компаниите.
На истата седница Советот на Народната банка го усвои и Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за првиот квартал од 2025 година.
„Во услови на стабилен раст на економската активност, благо забрзана инфлација и зголемена неизвесност од надворешното окружување, банкарскиот сектор ja задржа стабилноста. Кредитната и депозитната активност бележат солиден годишен раст, а показателите за солвентноста, ликвидноста и квалитетот на кредитното портфолио и натаму се поволни. Растот на добивката на банкарскиот систем забавува во однос на истиот период лани, главно поради намалените каматни приходи. Народната банка и натаму ќе биде претпазлива во политиките, имајќи ги предвид светските ризици и ќе биде посветена на одржувањето на стабилноста на банкарскиот систем“.
Советот на Народната банка ја усвои и Одлуката за воведување нов систем за прибирање и доставување податоци од банките и штедилниците. Новиот систем ИСИДОРА ќе овозможи пообемни и поквалитетни податоци за монетарната статистика, супервизијата и финансиската стабилност, усогласени со европските и меѓународните стандарди. Со фазна примена, системот ќе ја замени досегашната практика и ќе придонесе за поефикасно, пофлексибилно и поедноставно известување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

