Спорт
Уапсен е младиот човек кој го уби најстариот маратонец во светот
Индиската полиција уапси возач осомничен дека ја прикрил смртта на Фауџа Сингх, 114-годишен маж познат како најстариот маратонец во светот, а потоа избегал од местото на несреќата. Сингх, светска тркачка икона, починал како последица на тешките повреди.
Според полицискиот извештај, осомничениот Амритпал Сингх Дилон (26) се судрил со индискиот тркач со брзо движечко теренско возило. Пронајдено е теренското возило, за кое се верува дека е користено во несреќата.
Трагедијата се случи во понеделникот во северната индиска држава Пенџаб, недалеку од родното село на Синг, Беас Пинд. Синг бил на попладневна прошетка и ја преминувал улицата кога возилото налетало на него. Мештаните го префрлиле брзо во болница, но лекарите таму можеле само да го прогласат за мртов.
Индиските медиуми, повикувајќи се на полицискиот извештај, наведуваат дека животот на познатиот тркач можеби ќе бил спасен доколку возачот го однел во болница веднаш по несреќата, наместо да избега.
Фауџа Синг беше глобален феномен. Почнал да трча дури на 89-годишна возраст, но тоа не го спречило да постави бројни рекорди во различни возрасни категории. Помеѓу 2000 и 2013 година, кога се пензионирал од натпреварите, истрчал девет маратони.
Тој испиша историја во 2011 година, кога стана првиот човек над 100 години кој успешно завршил маратон во Торонто. Во 2012 година, тој ја имаше честа да го носи олимпискиот факел на Олимписките игри во Лондон.
И покрај неговите достигнувања, Гинисовата книга на рекорди никогаш официјално не го призна како најстар маратонец. Причината била недостатокот на извод од 1911 година. Иако во неговиот британски пасош беше наведен 1 април 1911 година како датум на раѓање, а имаше и писмо од кралицата Елизабета II со кое му го честиташе 100-тиот роденден, тоа не беше доволно за Гинис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Историска титула за Интер Мајами
Фудбалерите на Интер Мајами ги победија Ванкувер Вајткепс со 3:1 во финалето од плејофот и за прв пат во историјата ја освоија титулата во МЛС шампионатот.
Натпреварот за трофејот се играше на теренот на подобро пласираната екипа од регуларниот дел од сезоната.
Во својата бајковита кариера, ненадминливиот Лео Меси, кој командуваше со легијата Аргентинци во дресот на Интер на теренот, од клупата предводена од сонародникот Хавиер Маскерано, освои уште еден трофеј.
Овој пат, Меси не беше стрелец, но танцуваше низ теренот, беше многу мотивиран, желен за нова титула, ја иницираше акцијата што му претходеше на водечкиот гол на Интер, директно му асистираше на Родриго Де Поло за 2:1, помогна и кај третиот гол…
Поранешниот играч на Атлетико, Де Пол, го реши натпреварот со гол во 71-та минута, ги казни гостите за грешките и го насочи натпреварот во посакуваната насока пред преполните трибини на стадионот во Мајами.
Натпреварот беше достоен за финале.
Домашниот тим поведе со автогол на Едие Окампо веќе во 8-та минута, Де Пол, како што споменавме, го зголеми резултатот на 2:1, а друг Аргентинец Тадео Аљенде, длабоко во судиското продолжение, стави крај на историската победа на Интер.
Забавата можеше да започне дури тогаш, но победата лесно можеше да им припадне на Канаѓаните.
Стрелец за Ванкувер, за 1:1 Али Ахмед, а потоа Ванкувер извршија силен притисок .
На врвот на доминацијата на Ванкувер, во 61-та минута, Емануел Саби ги замрзна навивачите и фудбалерите на Мајами, се стрча кон голот, шутираше од работ на шеснаесетникот, а топката прво ја погоди левата страна, а потоа се одби од десната статива во поле…
Интер доминираше во МЛС оваа сезона и заслужено го освои највредниот куп во САД.
Од доаѓањето на славниот Аргентинец во Мајами, клубот освои четири купа, но ниту еден толку важен како овој наменет за најдобриот тим на северноамериканскиот континент.
Емотивно, еден од ко-сопствениците на Интер, славниот Дејвид Бекам, го прослави успехот со долга прегратка со Меси по натпреварот.
Foto/ EPA
Спорт
Салах: Ливерпул ме фрли под автобус, не ме сакаат во клубот
Мохамед Салах повеќе не молчи, по новиот неуспех на Ливерпул, реши да ја отвори душата. Ливерпул, синоќа во Лидс одигра 3:3, откако испушти најпрвин предност од 0:2, а потоа и 2:3.
Египќанецот, легенда на клубот, трет натпревар по ред започна како резерва.
„Не можам да верувам дека цел натпревар седев на клупата, ова е трет пат по ред. Никогаш не ми се случило во кариерата“, започна Салах и продолжи.
„Многу сум разочаран, направив толку многу за овој клуб сите овие години, особено минатата сезона. Ми се чини дека клубот ме фрли под автобусот. Така се чувствувам. Некој сака да го пронајде виновникот во мене. Клубот ми вети многу пред почетокот на сезоната. Сега сум на клупата, па можам да кажам дека не го одржаа своето ветување.“
Посебна тема е Слот…
„Имав добар однос со менаџерот, сега немаме никаков однос и не знам зошто. Ми се чини дека некој не ме сака во клубот. Ги повикав мајка ми и татко ми да дојдат на натпреварот со Брајтон, не е важно дали ќе играм или не. Ќе уживам, ќе бидам на „Енфилд“ и ќе се збогувам со навивачите пред да одам на Африканскиот куп на нации, бидејќи не знам што може да се случи додека сум таму.“
За крај уште еднаш потенцираше дека некој сака да го претстави како виновник за кризата која го тресе Ливерпул.
„Сето ова е неприфатливо. Да бев некаде на друго место, секој клуб ќе ме заштитеше. Сега ситуацијата е „фрлете го Мо под автобус затоа што е проблем во тимот“. Не мислам дека јас сум проблем. Не се борам за место во тимот секој ден затоа што веќе го заслужив. Не сум поголем од клубот, не сум поголем од ништо. Но, заслужував да играм“.
Foto/ EPA
Спорт
(Видео) Барселона лесно се справи со Бетис
Барселона убедливо победи во едно од дербињата на 15-то коло од Ла Лига. Во Севилја го победи Бетис со 5:3.
Се чинеше дека Барселона може да се лизне во Севилја против Бетис. Ерупција на воодушевување донесе голот на Антони во петтата минута. Барселона одоговори експресно со два гола на Феран Торес во 11-та и 13-та минута.
Барселона не застана тука. Напротив, во 31-та минута, Педри беше во улога на асистент, а Бардаги совршено ја контролираше топката, а потоа од 15 метри го погоди блискиот агол на голманот Валхес.
До крајот на првото полувреме, Барселона веќе го обезбеди триумфот, во 40-та минута имаше малку среќа, Торес шутираше, топката се одби од противничкиот играч и заврши во мрежата на домашниот тим.
Во продолжение, Барселона постигна петти гол, во 57-та минута беше досуден пенал за гостите, по прегледаното ВАР видео, а Ламине Јамал погоди за 1:5.
До крајот на натпреварот, има уште три детали што вреди да се споменат, пред сè оној од 85-та минута кога Љоренте го постигна вториот гол за Бетис, а потоа и неверојатното промашување на Рашфорд кој, минута подоцна, сам се најде пред голманот на Бетис и шутираше покрај голот од десетина метри.
Во 90-та минута, Кунде направи пенал, а Кучо Ернандез сигурен за конечни 3:5.
Foto/ EPA

