Македонија
Токму полициски службеници на Тошковски се фатени за диви приклучоци, проблемот не е водата, туку тие што ја добиваат бадијала и институциите што ги штитат, велат од Град Скопје

ВМРО-ДПМНЕ, кога обвинува за недостиг на вода во град Скопје, заборава да додаде дека токму полициските службеници на Панче Тошковски од МВР се фатени за диви приклучоци на мрежата на ЈП „Водовод и канализација“ во Шуто Оризари и за нив МВР по службена должност нема поднесено кривична пријава за кражба, реагираат од Град Скопје по денешното соопштение од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Како што појаснуваат, и на дивоградбата, каде што беше физички нападната градоначалничката Данела Арсовска, бил утврден див незаконски приклучок на вода, а Панче Тошковски, како што истакнуваат во соопштението, дозволува таму да се продолжи со градба и се стави во одбрана на насилникот Сулејман Љамалари.
„Во услови на рекордна потрошувачка од 356.000 м³ дневно и во просек по фатени и спречени 30 нови диви приклучоци секој ден, некој сѐ уште глуми политичка загриженост. Додека едни крадат вода и не плаќаат ни денар, граѓаните што чесно си плаќаат трпат поради пад на системот.
Потрошувачката на вода овој месец достигна рекордни 356.000 м³ на ден, што значи дури 700 литри дневно на жител, највисоко ниво досега.
Само во последните денови дневно се откриваат по 30 нови диви приклучоци во Скопје, бројка што постојано расте“, реагираат од Град Скопје.
Одговорноста, според нив, е јасна. Проблемот, како што велат, не е водата, проблемот се оние што ја добиваат бадијала и институциите што ги штитат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Македонија го добива првиот Водич за перименопауза – историски исчекор кон системска грижа за женското здравје

За првпат во Македонија, жените и здравствените професионалци добиваат Водич кој се базирана на медицина заснована на докази кој на јасен и практичен начин дава насоки за препознавање, третман и поддршка во периодот на перименопаузата.
Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО), во соработка со ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, денеска на XXI Конгрес на Македонското лекарско друштво пред македонската стручна јавност го претставија Првиот национален Водич за перименопауза – резултат на повеќемесечна работа на мултидисциплинарна експертска група.
Перименопаузата е фаза низ која поминува секоја жена, но до денес во Македонија таа не беше препознаена на институционално ниво, ниту пак постоеја стандарди за тоа како да се третираат симптомите или да се обезбеди соодветна поддршка. Со овој Водич, за првпат се воспоставуваат јасни и унифицирани насоки за матичните гинеколози и семејните лекари, со цел жените да добијат навремена и квалитетна грижа.
Во период кога бројот на жени во перименопауза и постменопауза расте – глобално достигнувајќи над 1,2 милијарди – Водичот за перименопауза претставува одговор на сериозните предизвици со кои се соочува здравствениот систем, како што се зголемениот ризик од кардиоваскуларни заболувања, остеопороза, когнитивен пад и други хронични состојби.
„ХЕРА ја иницираше соработката со МАГО затоа што веруваме дека преку медицина базирана на докази и мултидисциплинарен пристап можеме да го подобриме пристапот до грижа за жените во перименопауза. Овој Водич е прв системски чекор во таа насока.“ – изјави Весна Матевска од ХЕРА.
Водичот содржи систематизирани насоки за:
· рано препознавање и соодветен третман на симптомите,
· едукација на здравствените работници од примарното и секундарното ниво,
· подобрување на информираноста и поддршката на пациентките,
· воспоставување мултидисциплинарен пристап во третманот,
· унапредување на пристапноста до услуги за сите жени.
„Водичот за перименопауза дава основни насоки да не потсети како здравствени работници и соработници кои се симптоми и болести може да настанот во периодот на перименопаузата. Меѓутоа и да помогне на здравствените работници со сите анекси и прашалници, кои ќе бидат од најголема корсит за пациентките кои доаѓаат на преглед кај своите матични лекари и гинеколози“ – изјави проф. д-р Глигор Тофоски.
Со овој Водич, Македонија воспоставува први јасни стандарди за системска грижа за жените во перименопауза.
На денешниот настан свои изјави дадоа:
· Проф. д-р Глигор Тофоски – специјалист по гинекологија и акушерство,
· Проф. д-р Катарина Ставриќ – Претседателка на катедра по семејна медицина,
· Спец. д-р Борислава Спировска – матичен гинеколог,
· Весна Матевска – програмска раководителка во ХЕРА.
Македонија
„Не може децениски проблеми да се решат преку ноќ“ – ВМРО реагира на обвинувањата за загадувањето и отпадот

ВМРО-ДПМНЕ реагира на изјавите на СДСМ за загадувањето и управувањето со отпадот, обвинувајќи ја опозициската партија дека додека била на власт не понудила никакви решенија.
„Срамно е СДС да зборува за чист воздух. Тие ќе останат запаметени по тоа што наместо да се фатат за работа, организираа протести, а меѓу нив беа и тогашни министри и заменици министри,“ стои во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ потсети дека во 2017 година протестите за чист воздух ги поддржувале и тогашните кандидати за градоначалници на СДСМ, а поранешниот премиер Зоран Заев ветил решавање на проблемот со Вардариште – ветување што не било исполнето.
Во реакцијата се спомнува и актуелната кандидатка за градоначалник на Скопје, Каја Шукова, која доаѓа од Министерството за животна средина, со критика дека не понудила решенија за клучните еколошки проблеми.
„Надлежните сектори се на терен и работат на санирање на проблемот со отпадот. ВМРО-ДПМНЕ тековно работи на решавање на проблемите на граѓаните, но децениски проблеми не можат да се решат преку ноќ,“ наведуваат од партијата.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ со готови листи за советници и кандидати за градоначалници

ВМРО-ДПМНЕ објави дека целосно ги комплетирала листите за советници и кандидати за градоначалници за претстојните локални избори.
Генералниот секретар на партијата, Ѓорѓија Сајкоски, изјави дека се одбрани кандидати кои во изминатите четири години покажале добри резултати, но и нови профилирани личности од своите средини. „Партијата е целосно мобилизирана и очекуваме голема победа,“ нагласи тој.
Сајкоски додаде дека советничките листи се изработени врз основа на предлози од месните и општинските комитети и дека, според анкетите и анализите, ВМРО-ДПМНЕ ќе освои повеќе советници и градоначалници отколку на изборите во 2021 година.
„Граѓаните го ценат квалитетот на понудените кандидати и трудот што е вложен во изминатиот период. Работата и резултатите ќе бидат наградени на изборите,“ рече Сајкоски.
Денеска на полноќ истекува рокот за поднесување кандидатури за градоначалници и членови на совет за сите кои што сакаат да се кандидираат на Локалните избори закажани за 19 октомври.