Македонија
(Видео) Тошковски: МВР формира нова единица за сајбер-безбедност, која ќе биде клучен столб за дигиталниот суверенитет на институцијата

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски присуствуваше на промоцијата на новоформираната специјализирана Единица за сајбер безбедност на Министерството за внатрешни работи.
„Во време на брза дигитализација и се поопасни и пософистицирани сајбер закани, Министерството за внатрешни работи презема стратешки и решителен чекор, за првпат во своето постоење, формира специјализирана Единица за сајбер безбедност. Оваа единица ќе биде клучен столб во одбраната на дигиталниот суверенитет на МВР како институција која управува со најголемиот и најсензитивниот обем на лични податоци на граѓаните на државата. Безбедноста на овие системи е прашање не само на институционален капацитет, туку и на државна стабилност и доверба на граѓаните. Сите активности на новоформираната единица се насочени кон унапредување на безбедноста и отпорноста на внатрешната ИТ-инфраструктура на самото Министерство, со фокус исклучиво на заштита на неговите информациски системи. За првпат, Министерството набави современа техничка и софтверска опрема за проактивно следење, детекција и превенција на сајбер напади, со што поставува темели на системска и долгорочна заштита.“, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот Тошковски информираше дека новата Единица за сајбер безбедност ќe биде одговорна за сеопфатна заштита и мониторинг на информациските системи на МВР, ќе врши постојана анализа и навремено детектираее на сајбер закани, ќе врши инсталација, одржување и менаџмент на безбедноста на ИТ инфраструктурата на министерството.
Со оваа иницијатива, МВР поставува нов стандард во сајбер одбраната кој подразбира модерен, одржлив и цврст безбедносен штит кој одговара на предизвиците на денешницата и обезбедува доверба кај јавноста дека податоците на граѓаните се под највисока заштита.
Исто така денеска министерот Тошковски заедно со деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), проф. д-р Боро Јакимовски, потпишаа меморандум за соработка помеѓу Министерството и Факултетот. Целта е размена на знаења, искуства и едукација, како и унапредување и доусовршување на кадарот во областите каде што двете институции имаат заеднички интереси. Ваквата соработка претставува уште еден чекор кон јакнење на техничките и човечките капацитети на МВР и поддршка на дигиталната трансформација на институцијата, со крајна цел – подобри и побрзи услуги за граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ако ниските плати им се причина да судат неетички и да прават пактови со бандити, имаме еден предлог до нив, одете си веднаш, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ

Според ВМРО-ДПМНЕ, денешните реакции од Здружението на судии се, како што велат, крајно загрижувачки.
„Ја видовме реакцијата на судиите и обвинителите.
Мислевме дека ќе прочитаме нешто повеќе посериозно и потемелно, кога тие гледаме самите си кажаа што е причината што вака работат. Ниските плати.
Со тоа во нивната совест си ги оправдуваат погрешите одлуки и постапки, веројатно дел од нив од истите причини и земаат мито, па тоа го оправдуваат со крајно нечовечната и неетичка позиција „ниски ни се платите”.
Чест на исклучоците во таа професија кои се уште се повеќе од расипаните зрна во амбарот, но овие реакции од денес се запрепастувачки и крајно загрижувачки и ако ниските плати им се причина да судат неетички и да прават пактови со бандити и криминалци и корумпирани политичари и мафијаши тогаш имаме еден предлог до нив.
Нека си одат веднаш“.
На нивно место, додаваат од владејачката партија, ќе дојдат луѓе кои си ја сакаат државата и сакаат да воведат ред, дури и за плати од 1500 до 2000 евра какви што примаат судиите денес.
Вакво, според нив, понижувачко, нелогично и промашено соопштение, не може како што велат, дури ни СДС да смисли.
„Секако повторуваме чест на многуте исклучоци во таа професија кои се срамат од своите колеги и кои си ја сакаат државата“.
Македонија
(Видео) Мицкоски e директно одговорен за состојбата во судството, вели Филипче

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во изјава за медиуми, посочи дека единствени кои што се разочарани и незадоволни од неспроведувањето на реформите во правосудството, се само граѓаните.
Филипче нагласи дека премиерот Мицкоски e директно одговорен за состојбата во судството и неспороведувањето на потребните реформи.
„Сметам дека е апсолутно недозволиво премиерот да се однесува како независен аналитичар и да ги коментира само состојбите во правосудството, кога тој е директно одговорен за спроведување на реформите. Досега не се спроведени ниту една од предвидените реформи, преку носење на реформски закони во правосудството согласно Планот за раст, рече Филипче.
За оваа година беа предвидени 12 закони од коишто седум требаше да се донесат до јуни 2025 година, укажа тој.
„Во Собранието не е поднесен ниту еден, и дополнителни 5 кои од јуни до декември 2025 година требаше да се донесат согласно Планот за раст – нешто за што е врзан одреден буџет од Европската Унија, којшто секако веќе еден дел сме изгубиле. Од тие 5 закони од Министерството за правда не е донесен ниту еден“, рече Филипче.
Како што кажа, Владата на ВМРО-ДПМНЕ има огромно мнозинство во Собранието, 58 пратеници ВМРО-ДПМНЕ скоро двотретинско мнозинство со владејачката коалиција, поради што нема ниту една причина за тоа што сега се случува со неспроведување на реформите во правосудниот систем.
Македонија
Утре сончево и топло со мала до умерена облачност и температури до 33 степени

Времето денеска сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 14, а максималната ќе достигне од 28 до 33 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 33 степени.
Во четврток попладне ќе има услови за изолирана појава на краткотраен дожд и ретки грмежи.
Од петок под влијание на серија влажни воздушни маси времето ќе биде претежно облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд кои локално ќе бидат обилни. Дневната температура значително ќе опадне, особено во деновите од викендот и почетокот на следната седмица.