Македонија
Армијата ја засилува својата борбена готовност, промовирани новите артилериски орудија „Боран“
Денеска во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски беше промовирана нова артилериска батерија составена од шест хаубици 105 mm, „Боран“ и друга придружна опрема, кои се набавени од Турција во рамки на процесот за модернизација и опремување на Армијата.
На промоцијата, премиерот Мицкоски истакна дека „нема повеќе импровизации, нема повеќе застарена опрема и декларативна поддршка”, туку реални инвестиции, план, стратегија, има волја и одговорност.
„Со оваа набавка, ја градиме државата која самоуверено стои рамо до рамо со сојузниците. Македонија која се грижи за своите војници, која ја почитува својата Армија и која знае дека силна Армија значи сигурен народ. На сите припадници на Армијата – ви честитам.
Оваа опрема е за вас. За вашата безбедност, за вашата способност и за вашата посветеност кон татковината. А вие сте нашиот прв бедем и гордост на државата. Македонија мора да успее. А ќе успее само ако е силна, самостојна и сигурна“, рече Мицкоски.
Министерот Мисалјовски истакна дека Министерството инвестира и ќе продолжи да инвестира во Армијата која „се гради континуирано, со секој изминат ден“. Градењето на македонските одбранбени капацитети, рече, значат силна и опремена Армија, секогаш подготвена да одговори на потребите на граѓаните и безбедноста на државата.
„Оваа опрема е произведена во Турција согласно највисоките НАТО стандарди. Набавката на оваа воена опрема преку договорот Влада со Влада упатува една јасна порака, дека ние имаме огромна доверба во високиот квалитет на производите од турската воено-наменска индустрија“, рече министерот.

Мисајловски им се заблагодари на амбасадорот Фатих Улусој, одбранбеното аташе полковникот Реџаи Јилмаз како и на сите инволвирани лица за искрената поддршка и посветеност и порача дека соработката е обострана, а успешен пример за тоа е и Рамковниот договор за воена соработка кој беше потпишан минатата година.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски порача дека со набавката на хаубиците „Боран“ започнува реализацијата на една од клучните компоненти во рамки на проектот „Опрема и муниција за индиректна огнена поддршка“ и директно придонесува за исполнување на нашите обврски од пакетот на НАТО Цели на способности зададени во 2021 година и потврдени со новиот пакет на цели од 2025 година.
„Се работи за ново модерно вооружување кое ги поседува бараните тактичко-технички карактеристики. Турските вооружени сили го добија ова вооружување во 2021 година, а само четири години подоцна е дел и од нашата Армија, со што сме првата земја во Европа која го поседува. Обезбедувањето на овие артилериски средства значително ги зајакнува капацитетите за индиректна огнена поддршка на Армијата, а истовремено се постигнува и посакуваната интероперабилност за учество во НАТО водени операции“, потенцираше генералот.
Амбасадорот на Турција, Фатих Улусој подвлече дека соработката во полето на одбранбената индустрија претставува важен дел од билатерални односи и дека стабилноста и безбедноста на Балканот преставува приоритет на турската надворешна политика.
„Денес заеднички ги согледуваме конкретните примери од нашата соработка во полето на воената и одбранбената индустрија. БОРАН хаубиците на МКЕ и системите за команда и контрола на огнена поддршка на АСЕЛСАН кои Северна Македонија ги набави од нашата земја се важен чекор во достигнување на НАТО стандардите од страна на македонската армија. Цениме дека нашите компании, кои произведуваат по европски стандарди и по ниски цени, ќе продолжат да придонесуваат во напорите за модернизација на нашиот сојузник, Армијата на Северна Македонија според стандардите на НАТО“, истакна амбасадорот Улусој.
Шесте хаубици „Боран“ се дел од декларираната батерија од артилерискиот баталјон во рамките на Лесната пешадиска баталјонска група на Армијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ: Започна, доаѓаат „економски работници“
СДСМ обвинува дека Владата предводена од Христијан Мицкоски ја отвора државата за масовен прилив на странски таканаречени „економски работници“, иако во земјава, како што велат, има речиси 100.000 невработени.
На прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Рената Младеновска, изјави дека Владата донела одлука за вработување на нови 10.000 странски работници во 2026 година, што е двојно повеќе од лани.
Според СДСМ, процесот бил подготвуван подолго време. Тие потсетија дека британски медиуми претходно објавиле за стратешки договор со кој мигранти би можеле да добијат работни визи за Македонија, по што следеле измени на Законот за странци со олеснети услови за влез, престој и работа, како и продолжување на важноста на дозволите.
Младеновска обвини дека со овие измени е создадена правна рамка за долгорочно задржување на странски работници во земјата, особено во случаи на „стратешки партнер“. Таа додаде дека власта донела и резолуција во Собранието со која, според СДСМ, ѝ било оневозможено на опозицијата да зборува за прашањето за мигрантите.
Од СДСМ оценуваат дека одлуката доаѓа во време кога македонските работници имаат најниски плати во регионот и Европа, а Владата, како што велат, тврди дека нема средства за зголемување на минималната плата и дека во Буџетот недостигаат околу две милијарди евра.
Македонија
„Биди одговорен возач – користи зимска опрема“ – полицијата во Охрид ги потсети возачите на обврската
На 15 јануари, отсекот за превенција при СВР Охрид, ја реализираше превентивната сообраќајна кампања „Биди одговорен возач-користи зимска опрема“. Притоа, полициски службеници од отсекот, на повеќе сообраќајни пунктови во градот, остварија кратки разговори со возачите на моторни возила и ги потсетуваа на потребата и законската обврска за задолжително носење и користење зимска опрема во возилата како основен предуслов за безбедно движење на моторните возила во зимски услови.
Целта на кампањата е подигање на свеста на учесниците во сообраќајот, за доследно почитување на законската обврска за носење и користење зимска опрема во возилата во текот на зимската сезона и подигнување на безбедносната култура кај возачите и јакнење на свеста и совеста за поголема внимателност и одговорно однесување во сообраќајот во зимски услови.
На возачите, им беа поделени флаери со низа практични совети за безбедно управување моторни возила и им беше укажано на потребата од прилагодување на брзината према условите и состојбите на патиштата.
Скопје
Кисела Вода го модернизира осветлувањето: LED светилки со паметен систем за контрола
Општина Кисела Вода продолжува со проектот за замена на уличните светилки, со цел подобрување на осветленоста и енергетската ефикасност на јавните површини.
Се работи во населбата Пинтија, во рамките на втората фаза од проектот кој ги опфаќа и населбите Кисела Вода и Припор. Досега, се заменети над 2.400 светилки во населбите Пржино и Црниче. Со новите LED сијалици, осветлувањето ќе биде поекономично, со намалена потрошувачка на енергија во споредба со старите светилки, а нивниот век на траење е 4,2 пати подолг. Дополнително, светилките ќе се управуваат преку паметен систем, кој овозможува подобра контрола и ефективност.
Реализацијата на овој проектот кој се изведува во пет фази, обезбедува безбедни, современи и функционални улици, со пониска потрошувачка на енергија и долготрајни решенија за јавното осветлување во општина Кисела Вода.

