Македонија
(Видео) Кузеска: Тошковски го претвора МВР во партиска милиција на ВМРО-ДПМНЕ
Во собраниска процедура е ставен невиден и скандалозен предлог-закон, кој претставува еден од низата опасни и антидржавни потези на министерот Панче Тошковски, рече денеска на прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„Целосна партизација на полицијата преку рушење на кариерниот систем. Никола Груевски и Сашо Мијлков се мали деца за тоа што Тошковски сака да го направи со безбедниот систем. Со предложениот Закон за полиција, Тошковски има намера да спроведе целосна партизација на полицијата. Ова ќе се направи преку рушење на кариерниот и професионалниот систем на Министерството за внатрешни работи (МВР). Министерот Тошковски бесрамно ги намалува сите критериуми и стандарди за вработените во полицијата, со намера да воспостави систем за окупација на МВР преку партиски послушници. За професионалците повеќе нема да има место во МВР“, кажа Кузеска.
Според неа измените ќе имаат „далекусежни последици“.
„Ова не се случајни измени. Ова е опасен план за рушење на безбедносниот систем и суверенитетот на државата, и претворање на полицијата во партиска парамилиција на ВМРО-ДПМНЕ, која ќе служи за политички прогон и заштита на криминалот. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ако го поддржат овој Закон исто како за времето на Груевски ќе бидат уценувани, ќе бидат таргет и ќе бидат жртви на Тошковски. СДСМ остро се спротивставува на овој атак врз професионализмот во полицијата и врз безбедноста на државата. Бараме веднаш и итно да се повлечат сите спорни измени“, истакна Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во крводарителска акција во Велес собрани 99 крвни единици
Во акцијата за доброволно дарување на крв што по 7. пат ја организира Здружението „Велес бајкинг“ во соработка со Општинската организација на Црвен крст Велес денеска во Театарот во Велес, беа собрани 99 крвни единици што е рекорд за оваа веќе традиционална акција. Инаку лани беа собрани 68, а во 2023 година 76 крвни единици.
Орце Николов секретар на ООЦК Велес, оцени дека оваа е најуспешна акција досега. Воедно се заблагодари на Здружението „Велес бајкинг“ што ја иницираа и организира и сите велешки крводарители што се вклучија во неа, како и на медицинската екипа на Институтот за трансфузиона медицина од Скопје која ја реализира.
Во денешната акција 10 велешани за првпат даруваа од драгоцената течност. Меѓу крводарителите беше и д-р Кирил Лазов, актуелен директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и специјалист по трансфузиона медицина кој денеска по 51. пат даруваше крв.
Македонија
Обвинение добија три лица кои му се заканувале на градоначалникот Митко Јанчев
Основното јавно обвинителство Кавадарци до надлежниот суд поднесе обвинени против три лица за кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 од Кривичниот законик, додека првообвинетиот од нив се товари и за продолжено – Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г.
Тој подолг временски период на неговиот личен профил на Фејсбук пишувал објави со говор на омраза, навреди и повици за насилство и закани насочени кон оштетениот градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, поттикнувајќи омраза врз основа на политичка припадност и општествен статус. Обвинетиот 32-годишник објавувал и фотографии од оштетениот и неговите малолетни деца, заканувајќи се и кон нив, а како потврда за сериозноста на заканите споделувал и видеа во кои самиот пукал со автоматска пушка и пиштол.
Од јули годинава започнал и преку телефонска апликација да се јавува кај градоначалникот, лично и преку пораки да се заканува по животот на оштетениот и неговото семејство.
Второобвинетиот, исто така телефонски, пренесувал дел од заканите и пораките во име на првиот обвинет. Третиот обвинет, пак, коментирал на Фејсбук објавите на првиот обвинет, заканувајќи се со убиство на оштетениот градоначалник.
За првообвинетиот, кој има двојно македонско и бугарско државјанство, јавниот обвинител процени дека постои реален ризик од бегство и опасност да го изврши делото со кое се заканува, па до судијата за претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци поднесе и посебен предлог за определување мерка притвор.
Македонија
Сиљановска Давкова учествуваше на Дипломатскиот хуманитарен базар
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска учествуваше на Дипломатскиот хуманитарен базар, кој под покровителство на амбасадорот на Република Австрија, Мартин Памер се одржа во Скопје по повод Светскиот ден на детето. На настанот на претседателката и беше врачена благодарницата за нејзиниот придонес.
-Годинава, во раскошот на меѓународната разноликост, Дипломатскиот добротворен базар повторно беше место каде што солидарноста ги поврзува културите. Уживав во културното шаренило: во масичките преполни со уметнички предмети по коишто се препознаваат државите, во уникатните производи, во вкусната храна, но најмногу, во насмеаните детски лица, веселите луѓе и убавата музика. Благодарницата за мојот скромен придонес, од „Добредојде“ и Амбасадата на Австрија, ме потсети дека суштината на хуманоста најсилно се изразува кога е упатена кон децата. Импресивно е кога празничната магија добива длабока човечка димензија!, објави претседателката на Фејсбук.

Дипломатски хуманитарен базар, кој привлече голем број посетители, имаше за цел собирање средства за подобрување на хигиенските услови во две основни училишта, за сите ученици, вклучително и децата со попреченост.

На настанот беше посочено дека иницијативата е од исклучителна важност за заедницата и дека дипломатската заедница заеднички придонесува кон создавање на подобри и подостојни услови за развој на децата.

Голем број амбасади имаа свои штандови, каде што посетителите можеа да ги пробаат традиционалните јадења од различни земји, како и да купат автентични подароци, ракотворби, приврзоци и други уникатни предмети. Меѓу учесниците беа амбасадите на Австрија, Германија, Италија, Шпанија, Турција, Јапонија, Кина, како и Делегацијата на Европската Унија и Институтот „Конфучие“.

