Спорт
„ЕМОФ Скопје 2025“ почна со светски рекорд во скок со стап и европски рекорд во стрелаштво
Естонката Алика Инкери Мозер со прескокнати 4,52 метри постави нов светски рекорд во скок со стап, надминувајќи го претходниот од 4,51 метар, а првиот натпреварувачки ден донесе и одлични индивидуални настапи за македонските пливачи, со нови државни и лични рекорди во повеќе дисциплини.
По спектакуларната церемонија на свеченото отворање, започнаа и спортските возбудувања на Европскиот младински олимписки фестивал – Скопје 2025. Младите олимписки надежи од цела Европа ги имаа своите први настапи на спортските борилишта ширум главниот град и во Куманово, испраќајќи силна порака за единство, спортски дух и иднина полна со потенцијал.

Во фокусот на првиот натпреварувачки ден беа финалните дисциплини во атлетика, каде што се случи историски момент: беше соборен светски рекорд во скок со стап за девојки до 17 години. Естонката Алика Инкери Мозер со прескокнати 4,52 метри постави нов светски рекорд, надминувајќи го претходниот од 4,51 метар. Сребрениот медал ѝ припадна на Моана Пејрард од Франција, која скокна 4,05 метри, а бронзата ја освои Анастасија Бумпулиди од Грција со скок од 3,95 метри.
Медалите на првата официјална церемонија на ЕМОФ Скопје 2025 ги врачи г. Спирос Капралос, претседател на Европските олимписки комитети, додека г. Даниел Димевски, претседател на Македонскиот олимписки комитет, на секоја од медалистките ѝ подари маскота – симбол на фестивалот и вредностите што го обединуваат.
Првиот ден го одбележа и Турчинката Елиф Берфин, која со 421,2 остварени круга постави европскиот рекорд во стрелаштво, гаѓање со воздушен пиштол на 10 метри. Анастасија Живковиќ од Србија го освои второто место, додека третото место го обезбеди Миа Грош од Австрија.

Одличен старт за македонските пливачи: Државен рекорд и лични најдобри времиња
Првиот натпреварувачки ден донесе и одлични индивидуални настапи за македонските пливачи, со нови државни и лични рекорди во повеќе дисциплини. Дамјан Станковски постави државен рекорд до 14 години на 200 м градно со време 2.35:41 мин, соборувајќи го досегашниот резултат 2.37.90.
Лични рекорди на возраст до 15 години поставија Даниел Милошевски на 400 метри слободно (4:25:11 мин), Никола Велковски на 400 м градно (4:21:50 мин) и Михаил Алексовски на 200 м градно (2:38,01 мин), како и Милан Јанковски на 100 м грбно на возраст до 14 години. Единствена нашата натпреварувачка која избори пласман во полуфиналето е Неда Миленковска на 200 метри пеперутка.

Волонтерите – срцето на ЕМОФ Скопје 2025
Над 700 волонтери се вклучени во реализацијата на Европскиот младински олимписки фестивал – Скопје 2025, внесувајќи младешка енергија, ентузијазам и позитивен дух на секој чекор. Тие се тука да пречекаат, насочат, помогнат и охрабрат – и за учесниците, и за публиката, и за сите гости на фестивалот.
Волонтерите доаѓаат од различни делови на земјата и Европа, обединети од заедничката желба да бидат дел од едно големо спортско доживување. Нивната улога не е само логистичка – тие се амбасадори на пријателството, на соработката, на вредностите на олимпискиот дух и, пред сè, на иднината што ја гради оваа млада генерација. Токму нивната посветеност и искрена насмевка го прават фестивалот топло, безбедно и инспиративно место за сите млади спортисти што го сонуваат својот олимписки пат.

Што не очекува во вторник на ЕМОФ Скопје 2025?
Вторник (22 јули) донесува уште еден динамичен натпреварувачки ден на ЕМОФ Скопје 2025. Младите спортисти продолжуваат со настапи во вкупно 12 спортови на повеќе локации во Скопје и Куманово. Ќе продолжат атлетските возбудувања во неколку дисциплини, а љубителите на пливањето ќе можат да следат нова серија утрински квалификации, како и полуфинални трки во повеќе дисциплини, меѓу кои и 100 м слободно, 200 м пеперутка и штафети. Од екипите спортови за издвојување се кошарка, одбојка, ракомет и баскет 3х3, каде се играат клучни мечеви во групната фаза, а на програмата се и натпревари во џудо, пинг-понг, гимнастика, бадмингтон, велосипедизам и стрелаштво. Детален распоред по спорт и временска рамка можете да најдете на следниот линк: skopje2025.sporteurope.org/schedule-and-results
Олимписки поздрав!
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Флег игра чудесна руки сезона во НБА лигата
Купер Флег, 19-годишниот дебитант на Далас Маверикс и првиот избор на овогодинешниот НБА драфт, продолжи со одлични игри во својата прва сезона.
Флег, во поразот 100:110 против Бостон Селтикс, стана најмладиот играч во историјата на НБА кој постигнал најмалку 30 поени во три последователни натпревари.
Неговиот настап, како што објавија американските медиуми, во моментов малку им значи на Мавс, кои беа поразени во сите тие натпревари, но јасно укажува дека Флег е сегашноста и светлата иднина на клубот.
Последните три натпревари на Флег:
49 поени, 10 скока, 3 асистенции (пораз од Шарлот Хорнетс 121:123)
34 поени, 12 скока, 5 асистенции (пораз од Хјустон Рокетс 107:111)
36 поени, 9 скока, 6 асистенции (пораз од Бостон Селтикс 100:110)
Заедно со оваа статистика, НБА наведува дека Флег, роден на 21 декември 2006 година, стана најмладиот кошаркар во историјата на НБА кој одиграл три последовни натпревари со 30+ поени.
Исто така, само четворица тинејџери во НБА имале повеќе од еден одигран натпревар со 30+ поени, 5+ скока и 5+ асистенции. Тоа се Леброн Џејмс (4 такви натпревари), Кевин Дурант (2) и Лука Дончиќ (2).
Со своите неодамнешни 49 поени, тој го постави рекордот во НБА за бројот на постигнати поени од тинејџер во еден натпревар.
Foto/ EPA
Спорт
Јилдиз ќе потпише нов договор со Јувентус
Според извештаите од Италија, ѕвездата на Јувентус, Кенан Јилдиз (20), е подготвен да потпише нов, подобрен долгорочен договор со клубот, до летото 2030 година. Со новиот договор, турскиот напаѓач би добил значително зголемување на платата.
Тековниот договор на Јилдиз е до летото 2029 година, но „бјанконерите“ сакаат да го наградат за неговите одлични настапи и да го обезбедат неговиот престој.
Откако се појави на сцената во 2023 година, турскиот интернационалец го привлече интересот на бројни клубови. Затоа, Јувентус сака да му понуди подобрени услови за да го задржи на стадионот „Алијанц“ во годините што доаѓаат.
Неговата моментална плата наводно е 1,7 милиони евра по сезона, што значи дека тој не е ниту меѓу 15-те најплатени играчи во тимот.
Новиот договор би му донел годишна плата од околу шест милиони евра. Исто така, се шпекулираше дека Јилдиз би можел да стане еден од најплатените, ако не и најплатениот играч во тимот.
Според новинарот Ромео Агрести и порталот „Ilbianconero.com“, двете страни ги договараат последните детали, а потпишувањето на новиот договор сќе се случи наскоро. Во извештај објавен во вторникот се вели дека договорот би можел да биде склучен до крајот на оваа недела.
Foto/ depositphotos
Спорт
ФИФА даде зелено светло: Канте во Фенербахче, Ен Несири во Ал Итихад
Административниот проблем, кој се испречи пред Нголо Канте, го реши ФИФА. Светската фудбалска федерација даде зелено светло и му овозможи на фудбалерот да се пресели во Фенербахче.
Според договорот меѓу клубовите, Канте го напушти Ал Итихад и стана нов играч на Фенербахче, додека Јусеф Ен Несири замина во спротивна насока.
Договорот, кој за малку немаше да биде реализиран, поради грешката на Судијците, беше завршен со директна интервенција на ФИФА, надвор од вообичаените процедури и временски ограничувања.
Условите на размената останаа непроменети. Фенербахче доби искусен играч од средниот ред, но и 10 милиони евра, како компензација за заминувањето на многу помладиот Ен Несири.
Ал Итихад, од друга страна, го реши проблемот во нападот и донесе играч кој треба да ја преземе улогата на прв напаѓач во тимот.
На крајот, сите страни излегоа како победници од овој необичен трансфер.

