Култура
„Мајка“ на Теона Стругар-Митевска ја отвора селекцијата „Хоризонти“ на фестивалот во Венеција
Филмот „Мајка“ на Теона Стругар-Митевска ќе ја има честа да ја отвори програмата „Хоризонти“ на првиот натпреварувачки ден на годинешното издание на Венецискиот филмски фестивал.
Македонија повторно ќе биде дел од еден од најстарите и најпрестижни филмски фестивали во светот, а со „Мајка“ ќе се натпреварува за награди во повеќе категории – режија, сценарио, најдобар филм, актерски остварувања и други.
Ова е третпат како Теона Стругар-Митевска се претставува со свој филм во официјална програма на фестивалот во Венеција по „Најсреќниот човек на светот“ (селекција „Хоризонти“, 2022) и експерименталниот „Дваесет и еден ден до крајот на светот“ (селекција „Авторски денови“, 2023).
„‘Мајка’ е филм инспириран од животот на Мајка Тереза, особено од нејзината внатрешна борба да ги оствари својата визија и хумана мисија. Идејата за филмот почна да се развива пред повеќе од десет години за време на подготовките и снимањето на документарниот филм ‘Тереза и јас’, проект финансиран од Македонската радио-телевизија. Делото што го остави зад себе оваа жена, како и нејзината духовна енергија, што сè уште се чувствува во Колката, длабоко ја допре Теона и ја разбуди нејзината авторска потреба за ново филмско истражување. Оттаму почна нејзината соработка со еден од најистакнати македонски писатели, Гоце Смилевски, кој по години посветено истражување и пишување, го создаде сценариото за филмот ‘Мајка’“, изјави Лабина Митевска, продуцент на филмот.
Никола Ристановски ја толкува улогата на отец Фредерик покрај шведската актерка Номи Рапас („Девојката со тетоважа на змеј“, 2011) во улогата на Мајка Тереза и Силвија Фокс во улогата на сестра Агнешка.
Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Индија, Босна и Херцеговина и Данска. Поддржан е од Агенцијата за филм на Северна Македонија, „Креативна Европа – МЕДИЈА“, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Белгиската национална и регионална филмска поддршка, Белгиската национална телевизија, Шведскиот филмски фонд, шведски регионални фондови, Филмскиот фонд од Сараево и Индиската канцеларија за повраток на данок.
Директор на фотографија е Виржини Сен-Мартан од Белгија, долгогодишен соработник на Митевска. Сценографијата е дело на Вук Митевски, прв асистент на режија е Јане Ќортошев, сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар-Митевска и Елма Татарагиќ.
Селекцијата „Хоризонти“ на Венецискиот филмски фестивал, која годинава ќе биде отворена со македонскиот филм „Мајка“, е наменета за филмови што внесуваат нови естетски и изразни правци во современата кинематографија. Особено се вреднуваат дела со иновативен пристап во раскажувањето, визуелниот стил и филмскиот јазик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Лилјакот“ повторно на сцената на МОБ: спектакуларна оперета на 26 декември во Скопје
По три одлични изведби, „Лилјакот“ ќе се изведе повторно на големата сцена на МОБ за вечер исполнета со музика, хумор и емоции, културно доживување што ја освои пуб-ликата и критиката, соопшти организаторот.
„Македонската опера и балет со гордост ја најавува четвртата изведба на оперетата „Лилјакот“ (Die Fledermaus) од Јохан Штраус II, која ќе се одржи на 26 декември 2025 година. По две претходни изведби што предизвикаа бурни аплаузи, високи оценки од публиката и критичката фела, ова ремек-дело на класичната музика се враќа како еден од најочекуваните културни настани во декемврискиот репертоар.
„Лилјакот“ е светски позната оперета што ја слави радоста, музиката и ведрината на животот, со шармантни сцени, хумор и незаборавни арии. Оперетата ја освои публиката, која ја опиша како „возбудлива, духовита и емоционално живописна“ и која ја поздрави со овации и силни аплаузи“.
Оваа изведба, под диригентска палка на Бисера Чадловска и во режија на Љупка Јакимовска, нуди уште една можност за љубителите на уметноста да уживаат во празнична вечер исполнета со музика, раскош и многу смеа.
Доколку ја пропуштивте претходната изведба, ова е вашата можност да бидете дел од ова празнично културно искуство и да ја почувствувате магијата на „Лилјакот“ во живо, вели организаторот.
Култура
„Џез под ламба“ повторно во Центар, магична божиќна атмосфера со Мартина Елиора и нејзиниот бенд
Општина Центар на 27 декември, со почеток во 19:00 часот, ќе го одржи настанот „Џез под ламба“ на пјацетата кај Италијанската амбасада.
Граѓаните ќе имаат можност да уживаат во џез верзии на најпознатите новогодишни и божиќни песни во изведба на Мартина Елиора со нејзиниот бенд, но и да пробаат греано вино и печени костени.
„Ги поканувам сите љубители на добрата музика да ни се придружат и да ја споделиме божиќната атмосфера. Да ја продолжиме оваа навистина убава традиција, која му дава посебен и препознатлив шарм на Центар“, порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Настанот „Џез под ламба“ веќе трета година е дел од програмата за култура на Општина Центар, музички настан кој го промовира џезот и македонските изведувачи.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од својот колега, актерот Лазе Манасковски
Драмскиот театар – Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерот Лазе Манасковски е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Лазе Манасковски од 11.30 до 12.30 часот во капелата на гробиштата.
Македонскиот театарски, филмски и телевизиски актер Лазе Манасковски е роден на 27 март 1958 во Скопје, а почина на 20 декември 2025 во Скопје. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година тој се вработил во Драмскиот театар – Скопје, каде што бил професионално ангажиран сè до неговото пензионирање во 2022 година.
Kомеморација во чест на починатиот актер ќе се оддржи во неговата матична куќа, Драмскиот театар – Скопје, на 24 декември (среда) во 12 часот.

