Свет
Трамп се сретна со Безос во Белата куќа, разговараа повеќе од еден час

Американскиот претседател Доналд Трамп се сретна со основачот на Амазон, Џеф Безос, во Белата куќа минатата недела, дознава Си-ен-би-си.
Средбата меѓу Трамп и Безос, еден од најбогатите луѓе во светот, траела повеќе од еден час, според две лица запознаени со настанот, кои зборувале под услов да останат анонимни бидејќи разговорот се одржал зад затворени врати.
Амазон не коментирал за средбата. Портпаролот на Џеф Безос не одговорил веднаш на барањето за коментар.
Точната содржина и времето на средбата се непознати.
Според информациите што ги следи програмерот Џек Свини – познат по следењето на приватните летови во сопственост на Илон Маск, Бил Гејтс и други – приватниот авион „Галфстрим Г700“ поврзан со Безос слета во Далес, Вирџинија, во близина на Вашингтон, на 14 јули, а полета следниот ден.
Безос, кој покрај Амазон е сопственик и на вселенската компанија „Блу Ориџин“, се зближи со Трамп за време на неговиот втор мандат. За време на неговиот прв мандат, Трамп често го напаѓаше Безос, особено поради неговото сопствеништво на „Вашингтон пост“.
Безос се појави на сцената со мноштво технолошки директори на инаугурацијата на Трамп во јануари, откако донираше 1 милион долари во инаугуративниот фонд.
Администрацијата на Трамп го пофали Безос за неговата одлука да ги реорганизира уредничките страници на „Вашингтон пост“ за да се нагласат „личните слободи и слободните пазари“.
Во април, Трамп го нарече Безос, кој се повлече од функцијата извршен директор на Амазон во 2021 година, „одличен човек“ и „добар човек“, откако милијардерот го увери дека Амазон нема планови да прикажува дополнителни трошоци поврзани со царините на своите страници.
Во последно време, Безос наводно се обидува да профитира од драматичниот прекин на односите меѓу Трамп и Илон Маск, кој потроши повеќе од 250 милиони долари за да му помогне на Трамп да освои втор мандат и водеше проект за драстично намалување на владините трошоци во Одделот за административна ефикасност.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Хаос во еквадорски затвор: Затвореници со бомба, мртви и бегство низ ѕид

Најмалку 13 затвореници и еден чувар загинаа, а 14 лица се повредени во жесток судир меѓу ривалски банди во затворот во градот Мачала, на југозападот на Еквадор.
Според полицијата, судирот почнал кога затворениците упаднале во едно одделение, земале чувари како заложници и убиле еден од нив. Потоа членовите на бандата „Лос Лобос Бокс“ (Los Lobos Box) нападнале ривалска група. По експлозија поставена внатре, дел од затворениците успеале да избегаат низ отвор во ѕидот, но 13 биле повторно уапсени.
За смирување на ситуацијата биле распоредени 200 полицајци и војници.
Властите го обвинија криминалниот клан „Лос Лобос Бокс“, познат по соработката со мексиканските наркокартели за шверц на кокаин преку еквадорските пристаништа кон САД и Европа. Затворите во Еквадор одамна се под контрола на банди кои ги водат своите операции дури и од внатрешноста на ќелиите.
Градот Мачала долго време бара преместување на затворот, кој се наоѓа во центарот на градот.
Поради наглиот пораст на насилство, Еквадор од една од најбезбедните држави во Латинска Америка стана една од најопасните. Овој месец САД ги прогласија бандите Los Lobos и Los Choneros за терористички организации, наведувајќи дека преку терор и брутално насилство сакаат да ги контролираат шверцерските рути.
Свет
Минатото лето повеќе од 62.700 смртни случаи во Европа поради топлината

Топлината предизвика повеќе од 62.700 смртни случаи во Европа минатата година, кои се поврзани со невообичаено високите температури и влажност, што е зголемување од речиси 25 проценти во споредба со 2023 година, покажуваат резултатите од студијата на Институтот за глобално здравје во Барселона (ISGlobal), објавени денес во списанието „Нејтр медицин“.
„Повеќе од 181.000 смртни случаи поврзани со топлината се регистрирани во Европа од летото 2022 до летото 2024 година“, изјави Џоан Балестер Кларамунт, главен автор на студијата.
Исто како и во 2022 и 2023 година, Италија беше убедливо најпогодена од непријатната летна топлина минатата година. Според проценките на експертите, помеѓу 1 јуни и 30 септември 2024 година, во таа земја починале 19.000 луѓе како резултат на летната жештина.
Шпанија е втора со повеќе од 6.700 смртни случаи, по што следи Германија со околу 6.300 смртни случаи. Според податоците, по неа следуваат Грција со нешто помалку од 6.000 смртни случаи и Романија со повеќе од 4.900 жители кои подлегнале на последиците од жештината. Постарите лица се најмногу изложени на ризик.
Рангирањето се менува кога проценетиот број на смртни случаи поврзани со жештината се споредува со населението на дадена земја. Податоците од студијата покажуваат дека во овој случај Грција е на прво место со 574 смртни случаи предизвикани од жештина на милион жители, по што следуваат Бугарија со 530 и Србија со 379. Во 15 од 32 проучувани земји, летото 2024 година беше најсмртоносно во последните неколку години. Во некои земји, како што се Германија, Шпанија и Франција, летото 2022 година беше уште полошо. Генерално, истражувачите забележале дека во Европа во 2022 година имало малку повеќе смртни случаи поврзани со топлина отколку во 2024 година. Фактори како што се регионалните разлики во температурата и влажноста играат важна улога во ваквите варијации. Истражувачите истакнаа дека постарите лица се особено изложени на ризик.
Свет
Две болници во Газа затворени поради израелската офанзива

Министерството за здравство во Појасот Газа соопшти дека две болници во градот Газа – детската „ал-Рантиси“ и болницата „Eye“ – престанале со работа поради штетите од израелското бомбардирање и напредувањето на копнената офанзива.
Според властите, здравствениот систем е намерно цел на нападите, што го прави речиси невозможно пациентите и ранетите безбедно да стигнат до болнички објекти. Израел сè уште не се огласил по обвинувањата.
Израелската армија, која тврди дека Хамас го користи градот Газа како последно упориште, продолжува со копнените операции и уништување на стамбени блокови. Локалните власти велат дека само во понеделник најмалку 25 лица биле убиени во нападите, додека во речиси двегодишната офанзива бројот на жртви во Газа надминал 65.000.