Македонија
Претседателот на Советот за надзор на ревизијата од државни пари плаќал хотели, ресторани и патувања во странство
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинителен предлог против едно лице, на кое му се става на товар дека сторило кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Според обвинението, во периодот од 2021 година до 15 март 2022 година, обвинетиот, во својство на вршител на должност претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата на Република Северна Македонија (СУНРСМ), со неизвршување и пречекорување на службените овластувања постапувал спротивно на повеќе законски прописи и со тоа прибавил противправна имотна корист за себе и за други лица нанесувајќи притоа значителна штета на буџетот на институцијата.
Од Обвинителството соопштија дека иако бил свесен дека не се спроведени потребните постапки во согласност со Законот за јавните набавки, обвинетиот незаконски набавувал стоки и услуги од економски оператори, што главно ги користел за лични цели. Притоа се потрошени:
– 1.062.963 денари за ресторански услуги, хотелско сместување во Скопје, безалкохолни пијалаци, кафе, тоалетни производи и сл.;
– 300.350 денари за конференциски услуги што не биле реализирани, но се исплатени;
– 317.859 денари за такси и за изнајмување возила;
– 741.649 денари за хотелски и за туристички услуги во земјата и странство (вклучувајќи пенали за откажување и промени на патување).
Иако Советот како институција немал потреба од ангажирање надворешно правно лице за обука од областа на менаџирање со работните процеси во институцијата ниту, пак, обвинетиот имал потреба да поседува сертификат каков што издавало правното лице, за ваков вид обуки на правното лице му биле исплатени 295.000 денари.
Обвинетиот без претходно донесена одлука на Советот на СУНРСМ за потреба од ангажирање надворешно лице, без предвиден надомест за ангажирање како надворешен советник за специјални цели во Советот, склучил последователно три договори со својата невенчана сопруга. Врз основа на склучените договори обвинетиот носел решенија за службени патувања во странство, каде што трошоците за патувањето и за сместувањето биле на товар на СУНР, а трошоците за исхрана биле покриени преку утврдени дневници за кои тој носел одлуки за нивна исплата. На овој начин само по основ на исплата на дневници и патни трошоци обвинетиот го оштетил буџетот на Советот за 93.800 денари.
Обвинетиот без претходно донесена одлука на седница на Советот за потреба од ангажирање надворешни лица склучил 18 договори за ангажирање физички лица, при што од буџетот на институцијата биле исплатени 1.934.237 денари.
Овие средства биле исплатени за: авторски дела – пишан материјал и совети од областа на управување со човечки ресурси; од областа на јавните набавки; за изработка на детаљна техничка спецификација за набавка на опрема од сегмент на информатички технологии; за давање професионална поддршка на Комисијата за техничка евалуација на пристигнати понуди за јавна набавка на опрема; интелектуални услуги со утврдени обврски на авторот за промовирање на СУНР пред домашната и меѓународната јавност; консултант за антикорупциски практики; консултант за пронаоѓање/посредување меѓу партнери, инволвирање на институции и експерти од Р. Грција, како и посредување помеѓу Министерството за финансии на Р. Грција, Регулаторното тело за комерцијална ревизија на Р. Грција, Стопанската комора на Р. Грција и други светски институции; изработка на проектно-техничка документација за реконструкција на службени простории во СУНР; консултант за изготвување завршна сметка; ангажман на извршител за спроведување соодветен пристап при изработка на завршна сметка и други финансиски обврски, како и логистичка поддршка при работни средби и семинари во организацијата на нарачателот, а за ревизори ментори од Р. Бугарија, активности во Скопје и во Штип, за месечен надомест во износ од 54.000,00 денари; волонтирање за месечен надомест во износ од 36.000 денари; развој и истражување врз база на спроведување експресна анализа на специјализирани тематски прашања поврзани со имплементација на Законот за ревизија во информатичко-технолошките можности.
Обвинетиот со пречекорување на границите на своето службено постапување, спротивно на Статутот на Советот и на Законот за ревизијата, без претходно донесена одлука на одржана седница на Советот и без склучен договор, ангажирал правно лице за инсталирање апликативен софтвер за основни средства и апликативен софтвер за финансиско книжење, иако Советот веќе имал склучено договор со друго правно лице за годишно одржување апликативен модел за 2022 година и модул за финансиско сметководство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во израелски напади во Газа убиени 17 лица, меѓу нив шест деца
Во израелски напади на северот и југот на Појасот Газа убиени се најмалку 17 Палестинци, меѓу кои и шест деца, соопштија локалните болници, пренесе Би-Би-Си.
Израелската војска наведува дека нападите уследиле откако, според нив, „терористи отвориле оган и тешко раниле еден војник“ на северот на Појасот Газа, во близина на таканаречената Жолта линија, која според договорот за прекин на огнот со Хамас означува територија под контрола на Израел. Како одговор, биле изведени прецизни удари од копнени и воздушни сили, поради, како што наведуваат, „очигледно кршење“ на примирјето.
Болницата Ал-Шифа во Газа соопшти дека примила тела на 13 лица, меѓу кои пет деца, по напади врз шатори и домови во источните квартови Зеитун и Туфа. Во болницата Насер во Хан Јунис биле донесени тела на уште четири жртви, меѓу кои и едно дете.
Од стапувањето во сила на примирјето на 10 октомври, Израел и Хамас речиси секојдневно меѓусебно се обвинуваат за негово кршење. Министерството за здравство во Газа, под контрола на Хамас, наведува дека од тогаш во израелска ватра загинале најмалку 529 луѓе, додека Израел соопштува дека во палестински напади загинале четворица нивни војници.
Македонија
СДСМ му оддаде почит на македонскиот великан Гоце Делчев
Делегација на СДСМ предводена од генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ, заедно со членовите на Извршниот одбор, Наташа Поповиќ и Петар Огњеновиќ, денеска оддаде почит и се поклони пред ликот и делото на македонскиот великан Гоце Делчев.
„Идеалите на Гоце Делчев за слободна, праведна и напредна Македонија и денес се силен потсетник дека иднината се гради со храброст, знаење и единство. Наша должност е да ги чуваме и живееме тие вредности, секој ден.
Нека е вечен споменот на македонскиот великан Гоце Делчев“.
Македонија
Мицкоски: Очекувам раководството на ССМ да излезе од партиската прегратка и да се договори со Владата во интерес на административците
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, изјави дека очекува неколкумина од раководството на Сојузот на синдикати да излезат од, како што рече, партиската прегратка и да постигнат договор со Владата во интерес на работниците, односно на административните службеници.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со утрешната средба со УПОЗ и очекувањата, Мицкоски нагласи дека дел од вработените во јавната администрација сè уште немаат договорен Колективен договор со Владата.
„Очекувам да излезат од партиската прегратка тие неколкумина во раководството на Сојузот на синдикати и да се договорат со Владата во интерес на работниците, односно во интерес на административните службеници, бидејќи уште тие, како што многу пати кажав во минатото, уште тие 7.700–7.800 наши колеги немаат со Владата договорен Колективен договор, сите останати имаат“, изјави премиерот.
Тој додаде дека со ваквиот договор Владата, како работодавач, ќе ги заокружи односите со сите вработени до истекот на мандатот.
„Со ова, Владата како работодавач ги заокружува односите до истекот на мандатот на оваа Влада, до 2028 година, со сите оние на чии работодавач директен или индиректен е Владата“, рече Мицкоски.

