Македонија
Отворен целосно реновираниот Центар за обуки на административните службеници во Општина Аеродром
Министерството за јавна администрација денес свечено го отвори целосно реновираниот Центар за обуки на административните службеници, лоциран во Општина Аеродром – Скопје.
Центарот е опремен со нов, модерен канцелариски мебел и најсовремена техничка опрема за спроведување едукативни активности, со што се создаваат квалитетни и професионални услови за развој и усовршување на јавната администрација.
На свеченоста се обрати министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој во своето обраќање ја нагласи важноста на вложувањето во човечкиот капитал како двигател на реформите.
„Обуката не е обврска, туку инвестиција во луѓето, што се темел на институциите“, рече министерот истакнувајќи дека новиот Центар е повеќе од простор – тој е ресурс за градење ефикасна, мотивирана и граѓански ориентирана администрација.
„Сакаме службеници, кои не само што имаат знаење туку имаат и мотивација да го применат тоа знаење во служба на општеството“, рече министерот.
Оваа заложба, како што потенцира, е дел од суштинската трансформација што ја спроведува Министерството, а не само козметичка промена.
Тој информира дека Центарот претставува клучен сегмент од стратешките напори на Министерството за јавна администрација за целосно реформирање на системот за обуки на административните службеници.
Во следниот период Министерството најави реконструкција и на другите центри за обука во државата, со цел воспоставување национален систем за стручно усовршување, достапен за сите административни службеници на целата територија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина Коста Јаневски, еден од основачите на радио „Антена 5“
По кратко боледување на 65-годишна возраст почина Коста Јаневски, филмски работник и еден од сопствениците и основачите на радио „Антена 5“.
Учествуваше во основањето, техничкиот развој и креирањето на програмата, а ја извршуваше функцијата Технички директор во „Антена 5“ од 1994 година.
Работеше на техничката и програмска реализација на сите домашни и меѓународни музички и културни настани пренесувани на програмата на „Антена 5“: Британските музички награди, Ем-Ти-Ви европските музички награди (MTV ЕМА), Зимската музичка конференција во Мајами, Викенд Медиа фестивалот, Егзит, Таксират, Интернационалниот фестивал на филмска камера “Браќа Манаки” и Д Фестивал во Дојран.
Пред основањето на „Антена 5“, беше дел од програмата Радио Микс на Радио УНО и проектот Радио Топ Листа на Македонија.
Дипломира на Електротехничкиот факултет. Својата кариера како филмски работник ја започнува во осумдесетите години, како монтажер на тон и тон снимател. Во 1985 година работеше како слободен филмски работник во Друштвото на филмски работници на Македонија, а од наредната година работи во продуцентската куќа “Вардар филм”. Во текот на својата кариера учествуваше во реализација на филмски проекти од домашна продукција и странски копродукции, голем број на играни, документарни, краткометражни и долгометражни филмови како “Македонска сага”, “Среќна Нова ‘49”, “Тетовирање” и многу други.
Беше член на Друштвото на филмски работници на Македонија и член на Здружението на тонски сниматели на Македонија. Погребот ќе биде во вторник во 11:30 на Градските Гробишта Бутел во Скопје.
Македонија
Лабудовиќ: Пензионерите не се бројка, тие се генерацијата што го изгради општеството, а сега е време да им возвратиме со почит
Еднократна финансиска поддршка од 7.000 денари за сите пензионери во Центар чија пензија не е повисока од просечната пензија како и 12.000 денари за сите нови корисници на пензија во општината. Кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, претстави една од мерките во својата програма, за финансиска и социјална поддршка за пензионерите како симбол на благодарност, почит и грижа кон генерацијата која, како што оценува, со својот труд и знаење го изгради градот каков што го познаваме денес.
„Секој пензионер чија пензија не го достинува износот на просечната пензија во државата ќе добие од Општина Центар финансиска поддршка од 7.000 денари, почнувајќи од наредната година. А, секој нов пензионер во Општина Центар ќе добие финансиска поддршка во износ од 12.000 денари. Тоа не е само помош – тоа е порака дека ги цениме луѓето кои целиот свој живот го посветиле на работа, семејство и заедница. Пензионерите се нашите чувари на традицијата, нашата гордост, нашата меморија и нашиот компас за иднината,“ изјави Лабудовиќ.
Во своето обраќање тој потенцираше дека грижата за повозрасните граѓани ќе биде системски пристап, а не еднократен потег. Планот предвидува воспоставување програма за активно и достоинствено стареење со најширок опфат, во рамки на која пензионерите ќе бидат вклучени во општинскиот живот, со најразлични активности и културни настани.
„Нашата визија е Центар да стане општина што го вреднува искуството и придонесот на секој човек. Затоа, освен финансиската поддршка, подготвивме низа конкретни мерки што ќе го олеснат секојдневието и ќе го збогатат животот на пензионерите,“ додаде Лабудовиќ.
Во рамки на програмата се предвидуваат следните активности и услуги:
Формирање на Здравствен хаб – модерен простор каде секој пензионер ќе може да добие бесплатна здравствена нега, совет, мерење на притисок, шеќер, или разговор со стручно лице.
Организирани патувања, излети и дружења, со цел поттикнување на социјализацијата и заедништвото меѓу пензионерите.
Бесплатни обуки за компјутери, странски јазици и креативни вештини, за да останат активни, дигитално писмени и поврзани со своите најблиски.
Општинска картичка за попусти во аптеки, маркети и културни институции – за да им се олесни секојдневието и да се зголеми пристапот до основни потреби и културен живот.
Со оваа иницијатива, Општина Центар се насочува кон создавање вистинска општина за сите генерации, во која младите имаат можност за развој, семејствата живеат квалитетно, а повозрасните се чувствуваат сигурно, почитувано и вклучено“.
Со овој проект, Лабудовиќ испраќа порака дека човечноста и солидарноста се темел на вистинското управување. Пензионерите не се бројка – тие се генерацијата што го изгради општеството, а сега е време општеството да возврати со почит, грижа и конкретни дела.
Македонија
Трајановски: Чист, безбеден и достоинствен Аеродром е мојата визија за современа и хумана општина
Нашата визија за Аеродром е јасна: општина што дише чисто, живее уредено и се грижи за здравјето на своите жители.
Затоа, предвидуваме целосна реорганизација и зајакнување на комуналните и на инспекциските служби, како и воведување комунална полиција со широки овластувања. Таа ќе биде во служба на граѓаните, со задача да обезбеди ред, чистота и безбедност во секое маало, на секоја улица, вели Александар Трајановски, кандидат за градоначалник на општина Аеродром од СДСМ.
„Во нашиот план предвидуваме редовно одржување на јавната хигиена и проширување на зелените површини, поставување нова урбана опрема, клупи и канти за џебен отпад на секои 150 метри, затоа што уреденото маало значи достоинствено секојдневие.
Ќе воведеме планско градење согласно со принципите на хуманото живеење, со нови спортски игралишта и зони за рекреација достапни за сите генерации.
Паралелно, ќе спроведеме континуирана инспекција и мониторинг на работата на сите загадувачи, како и серија активности за подигнување на еколошката свест кај граѓаните.
Субвенциите за алтернативни еколошки системи за греење ќе бидат дополнителен поттик секое домаќинство да стане дел од решението, а не од проблемот“.
Грижата за здравјето, додава тој ќе ја донесе поблиску до луѓето, бесплатни амбулантни прегледи во секоја месна заедница, мобилни ортопедски тимови за возрасните и воспоставување локален здравствен совет кој ќе координира со службата за итна медицинска помош.
Аеродром, нагласува Трајановски, мора повторно да стане место каде што се живее чисто, безбедно и достоинствено.
„Ова е наша заедничка задача, да се избориме за нашите деца и за генерациите што доаѓаат“.

