Македонија
Зголемени плати на наставниците, испечатени учебници, предметите историја и географија вратени во образовниот систем, се пофали Јаневска
Во рамки на вечерашната трибина насловена „Образование и социјална политика, ги градиме темелите на промените“ свое обраќање имаше претседателката на Комисијата за образование и наука и министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Таа истакна дека во изминатите години се правеле експерименти во образованието, како што кажа, од немање учебници до концепти каде што ја нема историјата, како и незадоволни наставници, професори, деца и родители. Таа додаде дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата заедно со Министерството за образование ги поставиле темелите за изградба на еден силен национален систем.
„Не само што немаше учебници, ние снемавме и деца, тоа е резултатот на седумгодишното владеење на претходната власт. Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата заедно со Министерството за образование, ги поставија темелите за изградба на еден силен, модерен, национален систем, ефикасен, конкурентен со другите држави, кој би бил на задоволство на сите чинители, сите фактори кои се вклучени во тој систем, а со една единствена цел, стекнување на поголемо знаење, ефикасност и максимална инклузивност“, нагласи министерката Јаневска.
Јаневска информираше дека во образовниот систем вратени се националните предмети историја и географија, иако минатата власт се обидувала да ги избрише, односно да ги интегрира во некаков замислен систем.
„Со оваа цел тргнавме речиси од ништо, со огромни долгови. Затекнавме 5 милијарди долг, немаше учебници, се помалку ученици. Она што прво го направиме, а тоа е делувавме политички, ја вративме историјата и географијата како национален предмет во образовниот систем кои се обидоја со гумичка да ги избришат, всушност да ги интегрираат во некаков замислен систем. Испечативме учебници и за прв пат годинава ќе имаме после 7 години учебници за странски јазици, и учебници по секој предмет што нашите деца, наставници и родители секако ги заслужуваат“, децидна е Јаневска.
Јаневска истакна дека бил направен голем и крупен чекор со којшто ја вратиле довербата во институцијата Министерство за образование и наука и во Владата, бидејќи претходната власт оставила хаос и разурнати институции.
„Дадовме порака на главната алка во тој систем, а тоа се наставниците со подигање на платата во период од шест месеци за повеќе од 12%, но поважното е што ние веднаш по доаѓањето на власт потпишавме четиригодишен договор за постојано покачување на платата на наставниците. Следните четири години секоја година ќе има покачување на платата на наставниците. И секако некаде повеќе од 14% на наставниците во високото образование“, заклучи Јаневска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул за изразување интерес за соработка на лекари од странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

