Македонија
Денес се евидентирани вкупно 22 пожари на отворен простор
На територијата на државава денеска до 18 часот се евидентирани вкупно 22 пожари на отворен простор, од кои 14 се активни, а по четири се под контлола и изгаснати.
Како што информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК), активни пожари има: во Општина Василево, Радовиш и Берово – с. Нивичино, планината Голем Готен и Малешевските планини (нискостеблеста шума, смрека, грмушки, ниска вегетација); Општина Прилеп 1 – с. Бешиште, Бешишки Рид, крак према с. Градешница и границата со Р. Грција (мешана шума); Општина Прилеп 2 – активен кракот кон с. Дрен, проширен кон с. Галиште (Кавадарци), додека делот помеѓу Царевиќ и Смолани е под контрола (мешана шума и ниска вегетација); Општина Македонски Брод – помеѓу с. Црешево, Локвица и Крапа (деградирана дабова шума, грмушки, ниска вегетација); Општина Желино – меѓу с. Церово и Групчин (нискостеблеста и деградирана шума); Општина Струмица – с. Баница и нас. Софилар (висока трева); Општина Петровец – с. Средно Коњаре, кај реката Пчиња (ниска вегетација и ниска шума); Општина Крива Паланка – с. Нерав (висока борова шума); Општина Старо Нагоричане и Куманово – с. Облавце кон с. Бењаковце (ниска вегетација); Општина Старо Нагоричане 2 – с. Руѓинце (ниска вегетација); Општина Куманово – нас. Бедиње (ниска вегетација); Општина Гази Баба – с. Трубарево (ниска вегетација); Општина Зелениково – с. Гумалево (ниска и мешана вегетација); и Општина Василево 2 – с. Сушево (ниска вегетација).
Под контрола се ставени пожарите во Македонски Брод 1 – с. Грешница (мешана шума и сува трева); Македонски Брод 2 – с. Латово (ниска вегетација и деградирана шума); Карбинци – с. Јунузлија (шума); и Штип – помеѓу с. Драгоево и Селце (нискостеблеста шума, прнар и сува трева);.
Изгаснати се пожарите во Струмица – м.в. Три Води (ниска вегетација и мешана шума); Василево – с. Василево (ниска вегетација); Струга – с. Калишта (ниска вегетација и ѓубриште); и Шуто Оризари – ул. Брсјачка Буна (дива депонија).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Реплек ја отвори својата подружница – КА информативниот центар – прв центар за информирање за производите на база на медицински канабис
„Реплек“ ја отвори својата подружница – КА информативен центар, наменет за информирање за производите на компанијата на база на медицински канабис. Центарот е прв од ваков вид во државата и претставува уште еден пионерски чекор во сегментот на производи на база на канабис, кои компанијата прва ги воведе на домашниот пазар, уште во 2016 година.
КА информативниот центар е дел од определбата на „Реплек“ континуирано да воведува иновации во сите сегменти на своето работење, вклучително и во комуникацијата со потрошувачите и сите заинтересирани страни, на кои ќе им овозможи прецизно да се информираат за сите аспекти поврзани со производите Каноил и Канабо на база на медицински канабис. Центарот е лоциран на улица „Свети Кирил и Методиј“, спроти трговскиот центар „Рамстор“ и ќе работи од понеделник до петок, од 9 до 17 часот.
На свеченото отворање на КА информативниот центар присуствуваа доктори, претставници на здравствени институции, како и партнери на компанијата. Заменик генералниот директор и директор на маркетинг и продажба на „Реплек“, Коста Котески, истакна дека отворањето на КА информативниот центар означува нова етапа во развојот на „Реплек“ и во односот со потрошувачите, како и со стручната јавност.
„Кога во 2016 година инвестиравме во нов фармацевтски сегмент – развој на производи на база на медицински канабис, бевме пионер во регионот, меѓу првите кои го препознаа потенцијалот на оваа област, иако пазарот реагираше скептично. Нѐ водеше потребата на потрошувачите за квалитетна, контролирана и јасно дефинирана палета на производи. Денес, девет години подоцна, ова портфолио е еден од нашите најдинамични и најиновативни сегменти. Со ребрендирањето на нашите производи – Каноил маслата и Канабо производите – под слоганот ‚Биди во свој елемент. РЕ-поврзи се одвнатре и однадвор’, ние ја нагласуваме нашата визија за едукација и иновација, како и нашата мисија да го поддржиме секој потрошувач и секој кој сака да се информира со точни и проверени податоци. Тоа е наша одговорност и наш приоритет. Продолжуваме да се развиваме, да инвестираме и да поставуваме високи стандарди“, потенцира Котески.
Директорот на оператива на „Реплек“, Марјан Велковски, се осврна на историјатот и стандардите на производството на портфолиото на база на медицински канабис. Тој истакна дека „Реплек“ е предводник во овој сегмент – и според стандардите, и според капацитетот да обезбеди квалитетни, безбедни и прецизно формулирани производи за пазарот, поткрепени со силна експертиза на тимот.
Менаџерката за маркетинг на „Реплек“, Ивана Емел Анастасовски, ги претстави ребрендираните линии на производи – Каноил маслата и Канабо производите – и го истакна нивното значење во надминување на стереотипите за употребата на ваков тип производи и значењето на Центарот како проект на „Реплек“ кој треба да им даде поддршка на потрошувачите, овозможувајќи нивна подобра и правилна информираност за производите на база на медицински канабис (ЦБД).
Со отворањето на овој центар „Реплек“ уште еднаш ја потврди својата определба и континуитет за иновации и развој, како и за одговорна комуникација за сегментот производи на база на медицински канабис.
(ПР)
Македонија
Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“ и „Зегин“ целосно опремија два кабинета за рана интервенција
Вчера беа пуштени во употреба два кабинети за рана интервенција во Центарот за рехабилитација на патологијата на вербалната комуникација, значително проширувајќи го капацитетот на Центарот за поддршка на децата од најмала возраст. Оваа активност е донација на Фондацијата д-р Верица Механџиска и Зегин и ја одразува нивната континуирана посветеност за унапредување на заедницата и создавање на поинклузивно и похумано општество.
Овие кабинети претставуваат наменски простории за рана интервенција дизајнирани да ја поттикнат комуникацијата, социјалната интеракција и когнитивниот развој преку структурирана игра и целни терапевтски активности. Покрај тоа, овие сензорни простори нудат опрема и алатки што им помагаат на децата да го регулираат сензорниот влез, да го подобрат фокусот и да изградат основни вештини за раст и развој.

„Веруваме дека секое дете заслужува можност да го достигне својот целосен потенцијал и горди сме што можеме да придонесеме во создавањето простори каде што децата можат да растат, да учат и да напредуваат“, истакна Викторија Механџиска. Оваа донација од Фондацијата д-р Верица Маханџиска и Зегин е продолжување на успешната соработка со Центарот на кој пред неколку месеци му се донираше и најсовремен апарат за транскранијална магнетна стимулација (TMS M50 Ultimate).

„ Опремувањето на двата кабинета за работа со деца со развојни потешкотии од страна на Фондацијата „Др Верица Механџиска“ и Зегин претставува голем чекор напред во создавањето подобри услови за нивно образование, рехабилитација и социјализација. Оваа и нивните претходните донации се пример за општествена одговорност и хуманост, покажувајќи дека заедницата може да биде силен партнер во создавањето инклузивно општество“ изјави Нермин Теловска, директор на Центарот за рехабилитација на патологија на вербална комуникација.

Новите кабинети за рана интервенција од денес официјално ќе бидат отворени за семејствата. Со оваа донација се очекува Центарот да го зголеми бројот на деца опфатени во индивидуализираните програми за терапија кои ги нуди.
ПР
Македонија
Вонредна седница за свлечиштето на Водно бара советничката група на Левицата во Центар
Советничката група на Левица во Општина Центар побара вонредна седница на Советот, поради како што истакнуваат, сериозните информации за активирано лизгање на земјиштето на падините на Водно, непосредно над населените делови на општината.
„Сметаме дека јавноста има право да знае што точно се случува, кои мерки се преземаат и дали причините за оваа појава се поврзани со долгогодишното и неконтролирано градење на ридот.
Од градоначалникот и надлежните очекуваме итен и одговорен одѕив, затоа што станува збор за потенцијален ризик кој директно влијае врз безбедноста на граѓаните. Потребно е да се утврди не само моменталната состојба на теренот, туку и пошироката слика – дали постојните градежни активности, прекумерната сеча, недоволната дренажа и преоптоварувањето на падините придонеле за појавата на свлечиштето. Од особено значење е да се добие прецизна информација колку активни градежни маркици сѐ уште постојат на овој потег, кои инвеститори стојат зад нив и дали воопшто е дозволиво продолжување на какви било активности без претходна ревизија“.
Овој рид, нагласуваат од Левица, веќе со години е жртва на алчни урбанистички политики креирани според интересите на градежното лоби, а не според јавниот интерес и безбедноста на жителите.
„Инсистираме на транспарентност, одговорност и итна интервенција. Безбедноста на граѓаните мора да биде над сите други интереси“, велат од Левица.

