Свет
Гутереш: Гладот никогаш не смее да се користи како воено оружје
Гладот никогаш не смее да се користи како воено оружје, изјави денес генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, алудирајќи конкретно на тековните конфликти во Појасот Газа и во Судан.
„Конфликтите продолжуваат да шират глад во Појасот Газа, Судан и пошироко. Гладот ја поттикнува нестабилноста и го поткопува мирот“, рече Антонио Гутереш за време на видеоконференција на Самитот на ОН за прехранбени системи во Етиопија.
Тој додаде дека светот „никогаш не смее да го прифати гладот како воено оружје“.
Светската здравствена организација (СЗО) вчера предупреди дека стапката на неисхранетост во Појасот Газа достигнува алармантни нивоа, со висока стапка на смртност во јули.
Од 74 смртни случаи поврзани со неисхранетост, регистрирани од почетокот на годината, 63 биле во јули, вклучувајќи 24 деца под пет години, едно дете над пет години и 38 возрасни, соопшти организацијата на ОН.
Израел, кој го држи Појасот Газа под опсада од почетокот на војната против Хамас на 7 октомври 2023 година, воведе строга блокада на територијата на почетокот на март, која беше само делумно ублажена кон крајот на мај, што доведе до сериозен недостиг на храна.
Од април 2023 година во Судан беснее војна меѓу армијата предводена од генералот Абдел Фатах ел-Бурхан, де факто владетел на земјата од пучот во 2021 година, и паравоените Сили за брза поддршка (RSF), предводени од неговиот поранешен заменик, генерал Мохамед Хамдан Дагло.
Војната предизвика една од најлошите хуманитарни кризи во светот, според ОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Либанците да останат во својата земја, повика папата Лав Четиринаесетти
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав Четиринаесетти денеска ги повика Либанците да „останат“ во својата земја, каде што економскиот колапс ја засили масовната емиграција, и повика на „помирување“ за надминување на длабоките поделби во Либан.
Папата, кој дојде во Бејрут од Турција, донесе порака за мир во Либан, земја која стравува од враќање на отворениот конфликт со Израел.
Во говорот во претседателската палата кратко по неговото пристигнување, папата ја нагласи потребата да се работи за „мир“ без да ги спомне регионалните тензии или неодамнешните израелски бомбардирања.
Тој, исто така, ја нагласи потребата властите и институциите да препознаат дека „општото добро е поголемо од доброто на која било група“ и ја повика владејачката класа да „му служи на народот со посветеност и преданост“.
Свет
Зеленски: Ова се важни денови за Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски објави дека денеска разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
„Разговарав со Марк Руте и ќе разговараме повторно во наредните денови. Ова се важни денови и многу работи можат да се променат. Тесно се координираме и во нашите активности и во активностите на сите партнери, заедничките акции, заедничките позиции ќе бидат исклучително ефикасни. Ви благодарам за вашата поддршка“, напиша Зеленски на Телеграм.
Тој наведе дека телефонски разговарал со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Продолжуваме да бидеме во целосна координација со Европската комисија, благодарен сум за поддршката. Разговаравме за ситуацијата во дипломатијата и имаме заеднички став за клучните прашања. Исто така е важно што Урсула е многу внимателна кон потребата од зајакнување на нашата отпорност во услови на постојани руски напади врз инфраструктурата и енергијата. Ја ценам подготвеноста да ѝ се помогне на Украина!, напиша Зеленски.
Свет
Папата Лав Четиринаесетти пристигна во Либан
Папата Лав Четиринаесетти пристигна во Либан во рамки на неговата прва турнеја во странство, објави ДПА.
Светиот Отец пристигна попладнево во либанскиот главен град Бејрут, по посетата на Турција.
Посетата на папата се смета за причина за надеж за мир и стабилност во земјата загрозена од воени конфликти и зафатена од кризи.
Тој ќе се сретне со либанските лидери, ќе посети христијански објекти и ќе одржи литургија. Околу 30 отсто од населението на Либан се христијани, додека мнозинството жители се муслимани.

