Култура
Претставата „Приказната на Електра“ од Дејан Пројковски премиерно изведена во Јужна Кореја
Дејан Пројковски е првиот македонски режисер што поставил театарска претстава во соработка со национални институции во Јужна Кореја. Двете премиерни изведби, публиката во Инчеон ја испрати со стоечки овации.
На 26 јули во Инчеон, Јужна Кореа, се случи премиерата на театарската претстава „Приказната на Електра“ од Сашо Димоски, во режија на Дејан Пројковски. Претставата беше дел од програмата на Националниот театарски фестивал и привлече големо внимание на корејската културна јавност.

Станува збор за современа интерпретација на античкиот мит за Електра, во која јазикот на телото, минималните дијалози и прецизната визуелна естетика создаваат универзален сценски израз. Темите за семејството, насилството, меморијата и судбината се обработени низ емотивно концентрирана и визуелно изниансирана форма, својствена за естетиката на Пројковски и Димоски, веќе докажана на неколку меѓународни театарски проекти.
„Работата со корејски уметници беше вистински предизвик – не само поради јазикот, туку и поради нивниот прецизен и визуелно рафиниран пристап кон театарот. Но токму затоа, кога ќе успееш да се разбереш без зборови, сфаќаш дека темите што ги носи оваа претстава се навистина универзални. Тука престануваат да важат сите бариери и ограничувања што ни се наметнуваат во животот,“ – вели режисерот Дејан Пројковски.

Продукцијата е резултат на соработка помеѓу Театарската асоцијација на Јужна Кореја, Националниот театарски фестивал Инчеон и Артема – театарска лабораторија. Овој формат на копродукција овозможи вклучување на целосна корејска актерска екипа, селектирана преку национален кастинг, во која настапуваат признати имиња на локалната сцена: Ким Чоин, Ким Сеонг-ми, Чои Минхјок, Јанг Мин Ки и Ха Џин.
Авторскиот тим зад претставата е главно македонски: автор на текстот и драматург е Сашо Димовски, Сашко Костов (музика), Сергеј Светозарев (сценографија и видео-дизајн), Раде Василев (костимографија). Кореографијата е на Кјонг Џаеми Рјуи, дизајнот на светло на Џеонгсу Ли, а продукциското водство го потпишуваат Џинион Јун и Хје Јеонг Чунг. Асистент на режисерот е Мари Шин, а уметнички директор Џеонг Ву Сон.

„Ми значи што една ваква соработка и продукција покажува дека и во глобален контекст, македонските културни професионалци можат да бидат препознаени како партнери со висока естетика и став. Тоа не е чест случај, и токму затоа секоја ваква можност носи вредност и остава простор за идни соработки“, додава Пројковски.
Инаку, Дејан Пројковски е еден од нашите најнаградувани и најактивни театарски режисери. Неговите претстави „Ана Каренина“ и „Ричард Трети“ беа дел од јубилејната Театарска олимпијада во Унгарија. „Ана Каренина“ досега има освоено над 40 награди, а „Ричард Трети“ доби Гран при на Фестивалот во Кишварда. Во неговото портфолио се вбројуваат и „Дон Жуан“ (награда за најдобра претстава во Хрватска), „Ромео и Јулија“ (највисока театарска награда во Турција), „Скупљачи перја“ во Српско народно позориште, „Мајка Храброст“ во Нови Сад, како и „Падот на Масада“, „Инферно“ и „Нема струја за електричниот стол“ во македонските театри.
„Приказната на Електра“ ќе гостува и во Македонија на 20 август, на свеченото затворање на фестивалот „Охридско лето“. По одекот што го постигна во Кореја, ова гостување претставува ретка можност домашната публика да ја доживее претставата во нејзината полна сценска и емотивна сила – токму онаква каква што беше препознаена и надвор од нашите граници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на новата детска претстава „Металковци патуваат“ на Малата сцена во МОБ
На 7 март во 11:00 часот, на Малата сцена на Македонската опера и балет, премиерно ќе биде изведена новата интерактивна музичко-сценска претстава „Металковци патуваат“, дел од проектот „Фамилија Металковци“. Истата ден ќе следи реприза во 13:00 часот, а следните изведби се закажани на 14 март во 11:00 и 13:00 часот.
Станува збор за нова продукција наменета за деца од 4 до 10 години, во изведба на брас квинтет составен од музичари од Македонската опера и балет. Претставата трае речиси еден час и комбинира музика во живо, сценска игра и постојана интеракција со публиката.
„Металковци патуваат“ ги носи најмладите на музичко патување низ различни култури, при што децата активно учествуваат, учат за дувачките инструменти и ја откриваат нивната звучна палета.
Проектот има јасна едукативна и културна мисија – поттикнување интерес за запишување во музички училишта и развивање културна публика од најмала возраст.
„Со проектот ‘Фамилија Металковци’ сакаме да создадеме одржлива културна публика уште од најрана возраст. Нашата цел не е само да поставиме нова претстава, туку да изградиме движење што ќе ја доближи класичната музика до децата на природен и современ начин. Доколку барем едно дете по претставата посака да запише музичко училиште, тогаш знаеме дека мисијата е исполнета.“
Со капацитет од 200 посетители по изведба, се очекува значителен интерес од семејната публика.
„Кога Металковци зборуваат – дечињата слушаат.
Кога Металковци свират – дечињата патуваат.“
Претставата е во организација на здружението Мак Брас, во копродукција со Македонската опера и балет.
Билетите се достапни онлајн на: https://mktickets.mk/event/metalkovci/ како и во сите книжарници на Литература.
Култура
Последна, 30. по ред изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“ во Битолски театар
На 04.03.2026 во 20:00 часот, сцената на Народен театар Битола ќе ја пречека 30-тата и воедно последна изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“, во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува во истата заедно со актерот Александар Копања.
По тој повод, билетите се со 50 проценти попуст, по цена од 100 денари.
„Ова не е само промоција. Ова е покана. Покана да бидете дел од една завршница што се случува само еднаш. Последните изведби имаат посебна енергија – актерите играат со срце што знае дека за последен пат ја раскажува приказната, а публиката станува сведок на момент што повеќе нема да се повтори“, велат од битолскиот театар.
Претставата отвора суштински теми за човековата егзистенција, осаменоста, слободата, маските што ги носиме и загубените вредности во современото општество. Тоа е психолошка и филозофска драма која патува од интимно до општествено, од реалност до апсурд.
Култура
Љутков во Брисел на средба со Нела Рајхл: Фокус на младите, дигитализацијата и развојот на креативните индустрии
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во рамките на посетата на Брисел, денеска оствари работна средба со Нела Рајхл, претседателка на Комитетот за култура и образование при Европскиот парламент.
На средбата, Љутков ја истакна цврстата заложба на Министерството за култура и туризам за унапредување на културните политики, со акцент на младите, дигитализацијата и современата промоција на културното наследство, како и на системски развој на креативните индустрии.
Министерот ја потенцираше активната вклученост на Македонија во користењето на европските инструменти за помош и програмите за соработка со земјите членки на Европската Унија, вклучително и ТАЕКС (TAIEX) и другите ИПА-инструменти за претпристапна помош. Тој рече дека Министерството за култура и туризам ги имплементира програмите „Креативна Европа – Култура и Медиа“, кои овозможуваат поддршка за копродукции, мобилност на уметници, европски мрежи и градење институционални капацитети, додека Министерството за образование и наука ги спроведува програмите „Хоризонт“ (Horizon) – за истражувања во технологиите за дигитално наследство и „Еразмус +“ (Erasmus+) – насочена кон образовна и младинска мобилност.
Љутков нагласи дека Македонија ја препознава сѐ поголемата економска и општествена вредност на креативните индустрии, кои претставуваат стратегиски двигател на економскиот раст, иновациите и меѓународната видливост. Во таа смисла, ќе се интензивира соработката со европските земји кои ги препознаваат културните и креативни индустрии како приоритетен сектор.
Според министерот Љутков, акцент е ставен врз дигитализацијата и дигиталната трансформација, особено во заштитата и промоцијата на културното наследство. Тој рече дека како земја со исклучително богато културно наследство, Македонија посветува големо внимание на зачувувањето на јазикот, фолклорот, традиционалните занаети, фестивалите и музиката како континуитет на културниот идентитет.
Дополнително, тој информираше дека Министерството за култура неодамна го презеде и секторот туризам во својата институционална структура, со што се отвораат нови стратегиски цели за развој на културниот туризам и за воспоставување рамнотежа меѓу заштитата на наследството и современиот креативен развој.
На средбата соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно продлабочување на соработката, со цел унапредување на европските културни политики и зајакнување на улогата на културата во процесите за европска интеграција.

