Македонија
„Влен“: ДУИ, Левицата и Арсовска го разгоруваат меѓуетничкиот оган со Ќосето
ВЛЕН алармира против, како што велат, сериозна, ниска и опасна провокација, оркестрирана од дестабилизирачкиот сојуз ДУИ – Левица – Данела Арсовска, кој се обидува да го запали огнот на меѓуетничката поделба во срцето на Скопје, преку, како што велат од ВЛЕН, скандалозното повторно поставување на споменикот на Андон Лазов-Ќосето, темна и насилна фигура што симболизира омраза, насилство и поделба.
„Ова не е наивен чин. Тоа е намерна, добро испланирана и длабоко антиалбанска провокација, која доаѓа од политичко трио опасно за мирот, стабилноста и внатрешната кохезија на земјата. ВЛЕН нема да молчи пред овој срам, ниту пак граѓаните повеќе ќе ги голтаат старите измами на ДУИ и нејзините партнери. Дали повторно сме сведоци на добро познатите дестабилизирачки сценарија што ДУИ ги активира секогаш кога е во политичка и изборна криза? Дали овој споменик е уште една стара карта што се користи за одвлекување на вниманието од целосниот неуспех на нивната влада, од корупцијата и политичкиот криминал што ги прогонува“, прашуваат од ВЛЕН.
Од коалицијата прашуваат и дали одлуката за враќање на Ќосето е донесена во канцелариите во Сарај, каде што сè уште работи заеднички „темен штаб“ на Арсовска и Блерим Беџети и кој ја дал наредбата за оваа, како што велат, провокација.
„Дали ДУИ молчеjќи го одобри овој чин за да го продолжи својот таен договор со Данела Арсовска? Во време кога градот Скопјe се дави во ѓубре, каде што стотици семејства и бизниси немаат ни вода да пијат, кога жештината го загрозува здравјето на граѓаните, овие тројца се справуваат со споменици и меѓуетнички тензии“, велат од ВЛЕН.
Од таму потсетуваат дека споменикот на Ќосето бил изграден со владини пари кога ДУИ биле на власт, а министрите Бујар Османи и Блерим Беџети го поддржале проектот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

