Македонија
Зајакнување на партнерството со Вермонт – македонска делегација се сретна со гувернерот на сојузната држава

Делегацијата на Армијата и Министерството за одбрана која престојува во Вермонт, САД, предводена од началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафичиски придружуван од државниот секретар во министерството, Елизабета Чуповска Ристова, во текот на вчерашниот ден оствари средба со гувернерот на оваа сојузна држава, Фил Скот на која присуствуваше и командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт.
За време на средбата се разговараше за придобивките од Програмата за партнерство во овие изминати повеќе од три децении која се реализира преку широк спектар на активности, како што се: изведување на заеднички обуки и вежби, конференции, посети на воени бази, школски центри и институции во САД, семинари, и сл. Дополнително беше нагласен огромниот придонес на командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Најт кој за време на својот мандат има клучна улога за развојот и успешноста на ова програма.
Во рамки на активностите македонската делегација оствари средба со командантот на Универзитетот „Норвич“, бригадниот генерал Вилијам МекКола при посетата на оваа воено високо образовна институција. Обнова на програмата за размена на студенти помеѓу Армијата и Универзитетот беше во фокусот на разговорот. Оваа програма одигра значајна улога во зајакнување на партнерство меѓу двете земји и во поддршка на професионалниот и академскиот развој на идните воени лидери. Таа останува клучен механизам во напорите за продлабочување на институционалните врски и унапредувањето на интероперативноста.
Во текот на денот, делегацијата го посети и Регионалниот центар за подготвеност и регионална технологија „Нортфилд“, каде беше презентиран ангажманот на овој центар во доменот на информациски операции и сајбер безбедноста во нашата држава.
Во таа прилика, генералот Лафчиски истакна дека „искуството и експертизата на центарот претставуваат уникатна можност за градење капацитети во оваа област“, имајќи предвид дека зајакнувањето на сајбер отпорноста е национален одбранбен приоритет кој е усогласен со принципите на колективна одбрана на НАТО и заложбата за сајбер одбрана на Алијансата.
Во следните неколку денови делегацијата ќе присуствува на повеќе презентации и посети на институции и капацитети од взаемен интерес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Засадиле 100 семки канабис на нива во Пчиња, ОЈО отвори истрага

Започнати се постапки против дилери на марихуана во Велес и во Скопје, информираат вечерва од Јавното обвинителство. Јавните обвинители до надлежните судови доставиле предлози за определување мерка – притвор за сите тројца осомничени.
– Основното јавно обвинителство – Велес донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик. Двајцата осомничени – соизвршители, во периодот од март до септември годинава, во атарот на велешкото село Карабуниште, неовластено произведувале марихуана. Засадиле 100 семки канабис на нива во месноста викана Пчиња, од кои изникнале 80 растенија што ги одгледувале и ги наводнувале, појаснуваат од Обвинителството.
На 27 септември, осомничените биле затекнати од полициски службеници додека собирале цвет од канабис.
– На лице место биле пронајдени машини за одвојување на цветот од стеблото, три пластични кофи со вкупно над четири килограми марихуана и повеќе вреќи со стебла од канабис, додаваат од Обвинителството.
За истото кривично дело и Основното јавно обвинителство – Скопје отворило истрага против едно лице, за кое во соопштението се наведува дека неовластено произведувало и држело за продажба наркотична дрога – марихуана.
– Во дворот на осомничениот на улицата „Кадињача“ во Скопје, полицијата пронашла две растенија канабис што ги одгледувал, а од домот биле одземени и 38 паковки со вкупно околу 30 грама марихуана и една дигитална вага со траги од канабис и кокаин, истакнуваат од Обвинителството.
Македонија
Филипче: Гласот за СДСМ е одлука за решавање на маката на луѓето, СДСМ не лаже

Лидерот на СДСМ Венко Филипче во своето излагање на денешната Конвенција за промоција на кандидатите за градоначалници и советници истакна дека партијата е обединета околу воспоставување на вредносен систем во кој патриотизмот и достоинството не се злоупотребуваат за партиски рејтинг, туку значат обезбедување безбедни, чисти и здрави средини за македонските граѓани, како и секојдневна грижа за тоа како животот на сите ќе биде подобар.
-Денес стоиме со јасна порака, ова е момент на нов почеток, рече Филипче на Конвенцијата за промоција на кандидатите за градоначалници и советници за локалните избори 2025 година.
Како што посочи, Македонија не смее да биде дом на малкумина, туку дом на сите.
-Секој глас е важен. Нашиот избор е борба за нашиот дом. Ова е наш дом и ова е наша борба. Македонија не е и не смее да биде дом на малкумина, туку дом за сите. Македонија нема да биде дом каде ние, домаќините, ќе бидеме безгласни, без право на одлука, без право на достоинствен живот во домот. Нашиот дом е нашата Македонија, но и нашата партија, а нашите вредности се темелите на тој дом. И тие темели ќе ги чуваме и јакнеме, рече денеска Филипче.
Тој потенцирање дека борбата за тоа каков дом сакаме, почнува од сега. Притоа правејки паралела за развојот и напредокот со СДСМ и очигледниот застој со ВМРО-ДПМНЕ.
-Ако се откажеме сите, тогаш иднината ќе ја оставиме во раце на оние кои ја водат земјата назад, во темнината на корупцијата и стравот. Ако пак застанеме заедно, можеме повторно да ја изградиме Македонија како наш заеднички дом. Ние не сме совршени, но сме оние што ја носат државата и граѓаните кон јасна иднина и кои се грижат за реалните проблеми, рече Филипче на Конвенцијата.
Тој исто така порача дека постои нешто поголемо од партијата, а тоа е заедничкиот дом, државата во која сите живеат сите граѓаните. Затоа гласот за СДСМ е одлука за решавање на маката на луѓето, затоа рече Филипче, СДСМ е онаа која не се повлекува во криза, не лаже, туку се соочува со проблемите.
„Вашиот глас е штит за вашето семејство, за вашите права и за вашата иднина“, порача Филипче.
Македонија
Романец осомничен за тешка кражба во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против романски државјанин, осомничен дека во Скопје извршил кривично дело – Тешка кражба според член 236 став 1 точка 3 од Кривичниот законик.
Осомничениот 41-годишник делото го извршил на 21 март, во Ѓорче Петров, кога на дрзок начин и со сила одзел златен ланец со крст од еден оштетен, тргајќи му го од вратот. Потоа почнал да претура по полицата од дневната соба, ја отворил фиоката и одзел 2.500 денари. Така осомничениот се стекнал со вкупна противправна имотна корист во износ од 11.500 денари, по што веднаш се дал во бегство.
Имајќи предвид дека станува збор за странски државјанин без регулиран престој во државава, јавниот обвинител оцени дека постои опасност од бегство и до Судот достави предлог за определување мерка притвор.