Македонија
Сиљановска-Давкова-Саид Ал-Хајарин: Единството на малите и средни држави може да биде важен фактор во обликувањето на глобалната политика

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Рашид бин Саид Ал-Хајарин, вршител на должност во aмбасадата на државата Катар во Скопје.
На средбата беа разменети мислења за севкупниот развој на билатералните односи, при што Сиљановска-Давкова изрази подготвеност и отвореност за нивно зајакнување и унапредување. Според неа, единството на малите и средни држави може да биде важен фактор во обликувањето на глобалната политика.
Одбележувањето на три децении дипломатски односи следната година, според претседателката, е добра можност за интензивирање на контактите на највисоко политичко ниво, со очекувано позитивно влијание врз развојот на односите во енергетиката, градежништвото, земјоделството, образованието, културата, науката и туризмот.
Сиљановска-Давкова го истакна интересот за унапредување на економската и трговската соработка и ја посочи отвореноста за директни инвестиции од Катар. Таа изрази очекување за наше вклучување во проектот за извоз на природен гас од Катар, како и за повторно воспоставување на директна авионска линија Скопје-Доха.
Соговорниците разменија мислења и за состојбите на Блискиот Исток, при што се истакна важната улога којашто Катар ја има во напорите за обезбедување мир и стабилност во регионот.
На претседателката Сиљановска-Давкова и беше врачена покана од неговото височество шеик Тамим Бин Хамад Ал-Тани, емир на Државата Катар, за учество на Вториот светски самит за социјален развој што ќе се одржи во Доха во ноември, клучна платформа за глобален дијалог и соработка за општествен напредок во време на растечки нееднаквости, демографски промени и брза технолошка трансформација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Петрушевски: Венко Филипче ти имаш фирми во Бугарија, на адреса со Заев каде се свртеа 9 милиони од јагленот од РЕК

„Вечерва Венко Филипче, пред 30-тина луѓе во мала сала во Кисела Вода, потрошил голем дел од својот говор за да ме навредува. Редно е да одговорам“, напиша на социјалните мрежи Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко, најмалку ти имаш право кој било да го обвинуваш за „лажење“ и „бугаризација“. Јас немам бугарски пасош, немам фирми во Бугарија и немам тајни зделки зад грбот на народот. Ајде еднаш биди искрен и признај дека токму ти си синоним за милионски шеми со фирми во Петрич, заедно со браќата!
Не мора на мене, туку на јавноста дај и одговори: Каде завршија 9 милиони евра од јагленот за РЕК Битола? Зошто на иста адреса во Петрич се појавуваат фирми на твоето семејство и на Вице Заев? Дали тие пари завршуваа во ваши фотоволтаични централи, додека народот го оставивте да плаќа скапа струја? Дали преку бугарски фирми финансирате бизниси по светот, додека Македонија ја потонавте во сиромаштија?
Ова се вистинските прашања, Венко.
Не лажи дека јас или Христијан Мицкоски имаме такви врски. Ние немаме ниту бугарски пасоши, ниту скриени фирми. Ние имаме чесна и чиста биографија.
ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се јасно определени за Македонија во ЕУ, но како достоинствена држава, без понижувања и без тргување со националните интереси.
Доста е од лицемерието Венко! На народот му е јасно дека додека си трупавте милиони преку Бугарија, граѓаните останаа со празни џебови“, вели Петрушевски.
Македонија
Забрана за тешки товарни возила на неколку патни правци

Од 19:45 часот на магистралниот пат Маврово – Дебар воведена е забрана за тешки товарни возила поради задржување на снег на коловоз, извести АМСМ.
Од 19.55 часот воведена е забрана за тешки товарни возила и за патниот правец Гостивар – Стража, додаваат од АМСМ.
Македонија
Посебен сообраќаен режим утре во Скопје

Од утре петок до сабота, во официјална посета на Р.С.Македонија ќе присуствува претседателот на Владата на Република Србија, Ѓуро Мацут.
Од тие причини Едницата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај на подрачјето на град Скопје.
МВР апелира до граѓаните да се почитуваат наредбите што ќе ги даваат униформираните полициски службеници.