Македонија
ЛДП: Прифатена уште една наша предлог-мерка – до 15 септември таблички во разна боја за државните службени возила

По намалувањето на банкарските трошоци, уште една мерка предложена од Либерално-демократската партија (ЛДП), се наоѓа пред сама реализација. Директорот на Службата за општи и заеднички работи најави дека до 15 септември сите државни институции и јавни правни лица мора да ги заменат табличките на службените возила со нови, посебни регистарски таблички, соопшти ЛДП.
„Сведоци сме на разни злоупотреби на службените возила од страна на избраните државни и јавни функционери за приватни потреби во минатото и затоа ја поздравуваме одлучноста на Владата за прифаќање на нашиот предлог. За ЛДП, овој чекор претставува позитивен пример за тоа како добрите предлози и идеи кои се во интерес на граѓаните и државата треба да бидат прифатени и имплементирани од сите релевантни чинители“, велат од партијата.
Од таму потсетуваат дека барањето на ЛДП минатото лето за бележење на сите службени возила во сопственост на државата дојде по излетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој тогаш со колона службени возила отиде на свадба во соседно Косово, без службен налог и задолжителна проверка на граница, по што од страна на Министерството за внатрешни работи беа покренати дисциплински постапки за 6 службеници.
Од ЛДП велат дека ова е нивен петти предлог кој Владата само во изминатата година го препозна и прифати. Претходно, државните претставници ги прифатија и почнуваат да ги имплементираат законската можност за граѓански референдум за отповикување на градоначалници; креативното толкување на заклучоците од ЕУ и одложеното дејство на уставните измени, намалувањето и укинување на банкарските провизии и предлогот за поголеми инвестиции во домашното одбранбено производство.
„Упатуваме апел до сите државни институции час поскоро да ја завршат постапката за воведување на нови регистарски таблички, која кога ќе се спроведе и реализира, веруваме дека ќе доведе до значително намалување на злоупотребата и поголема совесност на оние функционери кои имаат право на користење на возилата, но и на другите државни и јавни ресурси. Со воведувањето на ваквите мерки за зголемување на транспарентноста во работата на јавните и државни функционери спречуваме нивна злоупотреба на ресурсите за приватни цели на сметка на зголемената доверба на граѓаните и јавноста, преку видливост и отчетност на јавните ресурси, усогласеност на институциите во однос на транспарентноста и рационализацијата на трошоците на јавните средства“, велат од ЛДП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бесплатен оброк за сите ученици, најави Герасимовски

Од наредната година, септември 2026, обезбедуваме бесплатен оброк за сите ученици во целодневна настава, со што, родителите се ослободуваат од финансиски трошоци за храната на своите деца во училиштата. Покрај тоа, на сите ученици од петто до деветто одделение им следува бесплатна неколкудневна екскурзија низ Македонија, најави кандидатот за градоначалник на Центар и воедно актуелен градоначалник на општината, Горан Герасимовски, пред основното општинско училиште „Коле Неделковски“.
Тој, најави и дека од следната година, се започнува со бесплатни дополнителни часови за сите ученици, заедно со пензионираните наставници и професори во општината.
„Ова е еден одличен проект којшто стартува од следната година. Децата покрај тоа што ќе учат за природните убавини на Македонија, тие исто така и ќе другаруваат меѓусебе. Би сакал да истакнам дека вложувањето во развојот на учениците е нашиот фокус, и токму затоа, за 50% се зголемуваат и стипендиите за талентирани ученици. Центар е општината која најмногу вложува во образованието. Сите 8 училишта се целосно реновирани, со најдобри услови за настава и педагошки процес. Ние сме тука за да ги мотивираме и да им овозможиме подобра настава и посреќно детство“, потенцираше Герасимовски.
Тој потсети, дека по 66 години, општината направи нова доградба на ООУ „Коле Неделковски“ со што ова центарско училиште доби нови четири пространи и осветлени училници, два кабинети, една библиотека, лифт, тоалет и пристапна рампа за полесен пристап за влез за учениците со посебни потреби.
Македонија
Лимани: Да инвестираме во луѓето и да ги охрабриме оние што заминале да се вратат

Во Владата денеска се одржа настан по повод промовирање на петгодишната програма 2026–2030 на УНФПА за државата насловен- Демографски трендови – заедничка акција за инвестирање и искористување на човечкиот капитал преку петгодишната програма на Владата и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА).
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани истакна дека со новата петгодишна програма 2026–2030, одобрена од Владата и Извршниот одбор на УНФПА, Северна Македонија влегува во ново поглавје.
„Нашата цел е едноставна, но голема: да инвестираме во луѓето, во нивниот потенцијал, во нивната иднина. Да ги поддржиме младите за да имаат шанса да учат, да работат и да успеваат токму овде, дома. Да ги охрабриме оние кои заминале да се вратат за да донесат знаење, идеи и нова енергија во земјата. Да ги зајакнеме семејствата бидејќи тие се коренот на секое здраво и стабилно општество. Да создадеме услови во кои секое дете, без исклучок, ќе има еднакви можности за раст и развој. Да изградиме локални заедници кои нудат квалитетен живот, за секој граѓанин да може да ја гледа својата иднина таму каде што живее. Но оваа визија не може да се реализира ако делуваме поединечно. За да успееме, мора да ја градиме иднината заедно. Kога државните институции, локалната самоуправа, граѓанските организации и бизнис-заедницата работат како едно, можеме да ја претвориме програмата во реалност“, истакна Лимани.
Директорка на УНФПА за регионот на Источна Европа и Централна Азија, Флоренс Бауер истакна дека новата Програма за државата е прослава на заедничка визија за демографски отпорно и социјално инклузивно општество.
„Документот е усогласен со националните приоритети на Владата со стратешки фокус кон ставање крај на нееднаквостите, обврската да инвестираме во човечкиот капитал на Северна Македонија и да обезбедиме просперитетна иднина за сите граѓани“, истакна Бауер.
Петгодишната програма на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) за периодот 2026-2030 година ја презентираше Афродита Шаља, шефица на канцеларијата на УНФПА во Северна Македонија.
Македонија
Лабудовиќ и Котевски го промовираа проектот „Сјајна патека“ за осветлување на Водно

Кандидатот за градоначалник на општина Центар од редовите на Движењето ЗНАМ за наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, заедно со генералот Горанчо Котевски, носител на советничката листа за Град Скопје на Движењето, денес го промовираа проектот „Сјајна патека“ во Дебар Маало, иницијатива од младите активисти и љубители на Водно од Скопје.
„Водно не смее да згасне штом зајде сонцето. ‘Сјајна патека’ не е само инфраструктурен проект, туку визија за град што се грижи за младите, за спортистите, за семејствата, за секој граѓанин. Ова е проект со кој покажуваме дека знаеме да слушаме и знаеме да дејствуваме“, рече Лабудовиќ.
Тој посочи дека недостигот на осветление претставува сериозен урбан предизвик, кој директно влијае врз безбедноста, достапноста и квалитетот на јавниот простор.
„Луѓето го избегнуваат Водно во мрак. Тоа е изгубена можност за рекреација, за здрава навика, за споделено време со најблиските. Со овој проект сакаме да им го вратиме Водно на граѓаните, осветлено, безбедно и достапно“, рече тој.
Лабудовиќ појасни дека проектот предвидува инсталирање енергетски ефикасни, автоматизирани светилки, кои се приспособуваат на природната средина, без да ја нарушат екосистемската рамнотежа на парк-шумата.
На настанот генералот Котевски ја истакна важноста на проектот, како и неговата заложба за создавање безбедни и инспирирани простори за граѓаните, нагласувајќи дека овој проект е симбол на нов, поодговорен пристап кон урбаното планирање и практична грижа за јавниот интерес.