Македонија
Таблетарната онколошка терапија од 4 август ќе може да се подигнува директно во аптеките
Денес, во рамките на континуираните активности за унапредување на здравствените услуги, генералните директори на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски и Бранко Аџигогов, заедно со заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, остварија работна посета на ЈЗУ Општа болница Велес.
Во фокусот на посетата беа состојбите со здравствените услуги на регионално ниво, унапредувањето на соработката помеѓу болницата и Фондот, како и презентирањето на новите мерки за подобрување на достапноста до онколошката терапија за пациентите.
Од 4 август 2025 година, пациентите кои се лекуваат со таблетарна онколошка терапија – анастрозол и летрозол, ќе можат својата терапија да ја подигнуваат директно во аптеките, на товар на Фондот.
„Со оваа мерка, пристапот до терапијата значително се олеснува, а пациентите ќе имаат поедноставена процедура. Потребно е само да добијат извештај од својот онколог, да земат рецепт од матичен лекар и со тоа да ја подигнат терапијата во аптека. Партиципацијата ќе изнесува околу 50 денари“, истакнаа генералните директори.
Во текот на посетата, беше најавена и набавка на нова медицинска опрема за потребите на болницата.
„Велешка Општа болница ќе набавува медицинска опрема за Интерно, за Очно, Детско и за Одделението за неврологија и психијатрија. Набавката е обезбедена од вкупно издвоените 40 милиони денари фондовски средства, од кои поголемиот дел се за подмирување на долгот на установата, а дел за плати на нововработените и за нова опрема,“ нагласи Клековски.
„Ќе се набавува медицинска опрема за повеќе одделенија. Ќе ја потенцирам најзначајната – за Одделението за офталмологија, каде веќе е набавен вакум апарат, а сега ќе се набави и микроскоп, со што ќе се комплетира опремата за редовна работа. Тоа значи дека во Велес ќе можат да се изведуваат и хируршки зафати на очи“, додаде Клековски.
Работната посета на Велешката болница е дел од пошироките активности на Фондот за приближување на здравствените услуги до граѓаните и воспоставување одржлив модел на лекување кој ги става пациентите во центарот на вниманието, велат надлежните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 09:00 до 12:00 часот дел од корисниците, на село Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

