Свет
Русија го нападна Киев – најмалку шест загинати, меѓу нив и шестгодишно дете
Најмалку шест лица беа убиени, а десетици ранети во руските ракетни и во напади со беспилотни летала врз Киев в зори утрово, неколку часа пред клучното гласање во украинскиот парламент – Врховната рада за укинување на контроверзниот закон против корупција.
„Ноќеска непријателот го нападна главниот град со ракети и беспилотни летала. Една ракета погоди станбена зграда, од која дел е уништен“, објави министерот за внатрешни работи Игор Клименко на „Телеграм“ осудувајќи го најновото воено злосторство.
Во тој напад беа погодени 27 локации во градот, најмалку шест лица ги загубија животите, а 52 беа ранети, објави шефот на воената администрација на Киев, Тимур Ткаченко.
„Службите за итни случаи досега потврдија шест смртни случаи. Меѓу загинатите има дете, шестгодишно момче“, објави Ткаченко на „Телеграм“.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, објави дека прозорците на педијатриското одделение во болницата биле скршени поради силата на експлозиите, но дека никој не е повреден.
Руските сили ги засилија нападите врз Украина во последните денови откога американскиот претседател Доналд Трамп му даде рок од 10 дена на својот руски колега Владимир Путин во вторникот да ги прекине нападите под закана од нови санкции.
По последниот бран напади врз украинската престолнина, се очекува членовите на парламентот да гласаат за поништување на законот со кој се укинува независноста на антикорупциските тела и кој наиде на силни критики и отпор од јавноста и Европската Унија. Пратениците ќе го искажат своето мислење за новиот закон, кој им враќа целосна автономија на антикорупциските тела.
Законот донесен на 22 јули, кој подоцна го потпиша претседателот Володимир Зеленски, предвидува ставање на Националната агенција за борба против корупцијата (НАБУ) и на Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САПО) под надлежност на генералниот обвинител, кој го назначува самиот шеф на државата.
Соочен со жестоки критики од граѓанското општество и Европската Унија, претседателот Зеленски на крајот предложи нов нацрт-закон за враќање на независноста на двете агенции за кој Врховната рада ќе гласа денес.
Министерот за надворешни работи Андриј Сибиха доцна во средата објави дека се работи на измена на законот.
„Украина има силно граѓанско општество и активна младина. Тие го искажаа своето мислење, украинските власти ги слушнаа нивните гласови и гласовите на нашите партнери“, рече тој.
Тој оцени дека приспособувањата се неопходни за да се заштитат антикорупциските тела од политички игри, особено од руските.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.
Свет
Рама во Вашингтон ќе учествува на формирањето на Одборот за мир
На 19 февруари премиерот Еди Рама ќе биде во Белата куќа во Вашингтон, каде што ќе учествува на официјалното формирање на Одборот за мир.
Ова го потврди лично премиерот за време на неделниот подкаст „Фласим“(зборуваме), отфрлајќи ги тврдењата на опозицијата дека воопшто не е поканет за учество на овој настан.
– Деновиве добив покана од претседателот на Соединетите американски држави, да го посетам Вашингтон и на учествувам на формирањето на Одборот за мир. Значи разбиени се сите лаги кажани дури и во нашиот парламент. Лага се секакви тврдења што денес повторно се прават смешни, велејќи дека не можам да одам, дека не сум поканет, затоа што, затоа што, затоа што, рече Рама.
Всушност, додаде, како што кажав, ќе бидам во Вашингтон за официјалното формирање на Одборот за мир и за почетокот на активноста на тој одбор.
-Привилегија за Албанија е да биде држава-основач на Одборот за мир и нема да придонесува со пари за да се приклучи или да остане како постојан член, туку придонесува со достоинство и со она што ја направило меѓународно почитувана и поканета, за оваа толку високо ниво на дискусија за иднината на мирот, рече Рама.

