Свет
Иран: САД мора да ни ја надоместат штетата

САД мора да ја надоместат штетата предизвикана на Иран за време на минатомесечната војна, објави „Фајненшл тајмс“ цитирајќи го министерот за надворешни работи на Иран откога Техеран зазеде построг став и постави нови услови за продолжување на нуклеарните разговори со администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп.
„Тие треба да објаснат зошто нè нападнаа во средината на преговорите и мора да се осигури дека нема да го сторат тоа повторно (во идните разговори). И мора да ја поправат штетата што ја предизвикаа“, изјави иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, за „Фајненшл тајмс“ во интервју во Техеран.
„Фајненшл тајмс“ објави дека Арагчи и специјалниот американски пратеник Стив Виткоф размениле пораки за време и по војната, при што иранскиот функционер му ја нагласил на својот американски колега потребата од заемно корисно решение за да се стави крај на долготрајниот застој во врска со нуклеарната програма на Иран.
Главниот нуклеарен преговарач на Иран рече дека на Иран му се потребни вистински мерки за градење доверба од своја страна откога Виткоф предложи продолжување на разговорите. Тој рече дека ова треба да вклучува финансиска компензација, без да даде детали, како и гаранции дека Иран нема повторно да биде нападнат за време на разговорите, според „Фајненшл тајмс“.
Соединетите Американски Држави ги нападнаа иранските нуклеарни објекти во јуни за кои Вашингтон вели дека се дел од програмата за нуклеарно оружје. Техеран вели дека неговата нуклеарна програма е само за цивилни цели.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Колона долга околу 700 километри забележана на автопат во Франција

Колона долга речиси 700 километри е забележана денеска на автопат во Франција, додека вкупната должина на сите колони на патиштата во земјата изнесуваше 1.051,6 километри во време на зголемен сообраќаен интензитет поради летните одмори и смената на туристи, што колоквијално се нарекува „Црна сабота“.
Како што извести BFM TV, сообраќајот на патиштата во Франција дополнително бил забавен поради две сообраќајни несреќи на автопатот кон Медитеранот и Атлантскиот Океан.
Според податоците на Bizon Futé, француската агенција за следење на состојбата на патиштата, до 7 часот утрово колоните биле подолги од 200 километри, а до 10 часот веќе надминале 570 километри.
Како што беше соопштено, гужвите се во согласност со прогнозите на агенцијата, која предупреди на „исклучително тешки сообраќајни услови“ за оваа сабота, а врвот на метежот се очекува околу пладне.
Сообраќајот во правец кон Алпите исто така е интензивен и загушен, со задржувања од час и 45 минути во тунелот Мон Блан во правец кон Италија
Свет
Газа: 169 луѓе починаа од глад, над 320.000 деца се соочуваат со акутна неухранетост

Министерството за здравство во Газа денес објави дека уште седум Палестинци, меѓу кои и едно дете, починале од глад и неухранетост.
Новите смртни случаи, регистрирани во последните 24 часа, го зголемија вкупниот број на смртни случаи поврзани со глад од октомври 2023 година на 169, вклучувајќи 93 деца, се вели во соопштението.
Министерството предупреди дека хуманитарната криза во Газа се влошува и повторно апелираше до меѓународната заедница и хуманитарните организации веднаш да интервенираат за да се стави крај на страдањето и да се достави итна помош, пренесува Анадолија.
Заменик-извршниот директор на УНИЦЕФ, Тед Чајбан, денесka изјави дека Газа се соочува со сериозен ризик од глад и дека она што може да се види на терен е „шокантно“.
„Повеќе од 320.000 мали деца се изложени на ризик од акутна неухранетост. Во стабилизацискиот центар во градот Газа , сретнав акутно неухранети бебиња чии тела беа само кожа и коски. Нивните мајки седеа во близина, очајни и исцрпени. Една мајка ми кажа дека нејзиното тело повеќе не произведува млеко затоа што самата е премногу гладна. УНИЦЕФ прави сè што може за да ја реши ситуацијата – поддржува доење, обезбедува формула за бебиња и лекува деца со тешка акутна неухранетост. Но, потребите се огромни по 22 месеци војна и два месеци блокада, која сега е олеснета, но сè уште има влијание, а помошта сè уште не пристигнува доволно брзо или во потребниот обем“ рече Чајбан.
Тој нагласи и дека повеќе од 18.000 деца се убиени во Газа од почетокот на војната, што е во просек по 28 деца дневно.
Свет
Нов земјотрес на Камчатка, регистриран афтершок со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала

Земјотрес со интензитет од 6,1 степен според Рихтеровата скала е регистриран денес на Камчатка, на растојание од 196 километри од регионалниот главен град Петропавловск-Камчатски, соопшти огранокот на Геофизичката служба на Руската академија на науките (РАН) на Камчатка.
Како што е наведено, земјотресот е регистриран на длабочина од 59,8 километри, пренесува РИА Новости.
Директорката на подружницата на оваа служба во Камчатка, Данила Чебров, претходно за агенцијата РИА Новости изјави дека се очекуваат силни, но не и разорни потреси по силниот земјотрес што го погоди регионот на 30 јули.
Според регионалните служби за вонредни состојби, во последните 24 часа се регистрирани околу 146 последователни потреси со јачина помеѓу 3,2 и 6,2 степени, од кои многу се почувствувани, со јачина од 2 до 5 степени според Меркалиевата скала.
Во среда, на 30 јули, Камчатка беше погодена од најсилниот земјотрес од 1952 година, со јачина од 8,8 степени.
По земјотресот, во делови од Русија и низ Тихиот Океан беше прогласена закана од цунами, а населението беше повикано да се држи подалеку од брегот во ризичните области.
Вечерта, предупредувањето беше укинато.