Македонија
Мицкоски: Имаме 828 потпишани проекти, без разлика градоначалникот од која партија доаѓа
На денешната седница за пратенички прашања во Собранието, пратеничката Драгана Бојковска му постави прашање на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски за капиталните инвестиции кои се однесуваат на општините од вториот повик од унгарскиот кредит, кои се проектите, какви се проектите и каков бенефит за граѓаните тие ќе носат.
„Ова за прв пат се случува во Македонија, ваков тип на инвестиција која што од Владата директно ќе биде наменета за општините. Во минатото сме сведоци на многу проекти од Владата кои што биле со одреден фокус и имале поинаква оптика и ова е сосема различен пристап. Јас сум многу задоволен бидејќи нема поубаво чувство кога ќе се организира настан и ќе се соберат градоначалниците од сите општини, од сите политички партии кои што имаат свои градоначалник, но и независни и кои што во мое присуство ќе потпишат договори за реализација на ваков тип на проекти. Овој проект преставува модел како треба државата да функционира, кога имаме заеднички интерес. Во случајот тој заеднички интерес се проектите во општините. И сите тие без да постои било каква замерка, дојдоа и потпишаа договори во една апсолутна хармонија, и тоа е примерот како треба да функционира. Од една страна е добро за граѓаните, кои не се тие кои треба да ја платат сметката поради политичките разлики кои ги имаат политичарите“, истакна премиерот Мицкоски.
Премиерот потенцираше дека имаме 1.200 градилишта, активни и идни, во државата и дека истото е добро за бизнисот, градежни компании градат булевари, спортски сали, паркови, училишта, градинки и други капитални инвестиции. Тој додаде дека до сега над 20 милијарди денари е вкупниот обем на инвестициите и процесот е целосно транспарентен.
„И самото тоа што никој не негира и негодува, туку напротив се заблагодаруваат и опозицијата и тоа е добро. Еве да речеме градоначалникот на една општина во југоисточна Македонија, излезе и јавно се заблагодари исто така и други градоначалници кои што се од опозицијата излегоа и се заблагодарија и овој пример треба да се следи. Тоа е добро затоа што од истата таа опозиција слушавме дека станувало збор за апсолутистичка власт, јас сум бил деспот, сум имал елементи на деспотско однесување, а од друга страна се заблагодаруваат на Владата што финансира и поддржува општини кои што не се само дел од власта, туку и од опозицијата“, објасни Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

