Македонија
Ветингот не го сакаат тие што донираат јавни имоти, прифаќаат сомнителни српски донации и градат дивоградби, велат од ДУИ
Ветингот претставува институционална и општествена нужност, со цел враќање на довербата на граѓаните во правдата, во државните институции и во самиот демократски систем.
Цврсто веруваме дека не може да има функционална држава и праведно општество без сеопфатен процес на ветинг со меѓународен надзор, кој ќе донесе транспарентност, отчетност и одговорност на сите нивоа на власта, велат од ДУИ.
„Ставот на ДУИ е јасен: Ги повикуваме сите парламентарни политички партии да го поддржат предлог-законот на ДУИ за ветинг со меѓународен надзор – процес што е сеопфатен, непристрасен и без компромис, кој ќе ја врати довербата на граѓаните во правдата и институциите.
Ја повторуваме нашата одамнешна заложба за истрага на сите политички партии, без исклучок, за целиот 33-годишен период на плурализам.
Бараме верификација и контрола на потеклото на имотот за сите носители на јавни функции во последните 33 години – министри, пратеници, градоначалници, директори, судии, обвинители – сите, без исклучок;
Го повторуваме барањето за длабинска истрага на процесот на приватизација, кој во многу случаи беше основа за создавање на недопирливи олигарси. Овој мрачен период не смее да остане нерасветлен.
Бараме и истрага за дејствувањето на службите за државна безбедност, како и за поранешни функционери кои дејствувале од 1945 година па наваму – ОЗНА, УДБА, СДБ, ДБК, УБК, АНБ.
Ова е услов за правда. Ова е обврска кон граѓаните“.
ДУИ нагласуваат од партијата, ги повикува сите политички субјекти да го поддржат предлог-законот за ветинг подготвен од ДУИ уште во 2020 година, како документ со јасна визија и државотворен пристап. Иако, како што појаснуваат, тогаш предлог-законот беше поднесен и го помина првото читање, поради недостиг на политичка волја од другите партии, законот никогаш не доби зелено светло.
Ги повикува политичките партии и Владата да покажат институционална храброст и политички интегритет.
„Ако немаат страв од вистината, ако немаат што да кријат – нека го поддржат ветингот.
Да бидеме јасни: Ветингот не го сакаат тие што денес донираат јавни имоти, што прифаќаат сомнителни донации од Србија и што градат стотици дивоградби. Оние кои се плашат од транспарентност, не можат да бидат гаранти на правдата.
ДУИ нема да се откаже од оваа битка“, велат од партијата на Ахмети.
Нагласуваат дека ветингот ќе се случи затоа што, според нив, ова не е партиско прашање.
„Ова е прашање на државата. Прашање на правдата. И прашање на иднината“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

