Македонија
Разрешувањето на Коцевски ќе продолжи од ноември поради изборите, и да даде оставка, Владата е во лавиринт, вели Мицкоски
Од ноември Владата ќе продолжи со процесот за разрешување на државниот обвинител онаму каде што застана, рече денес премиерот Христијан Мицкоски. Бариера за процесот е распишувањето на изборите за што премиерот вели дека ќе се случи до крајот на следната недела, па очекува во следниот период Коцевски да се однесува исто како и членовите на Судскиот совет, на кои Собранието, исто како и на обвинителот, му изгласа недоверба.
„Така се случи и со Судскиот совет, пратениците изгласаа недоверба, Судскиот совет си остана таму. Секој месец си уживаат во привилегиите тие на кои им е изгласана недоверба. Во некои неврзани кулоарски разговори некои од нив велат – видете, мене партијата таму ме поставила, додека тие не ме отповикаат, ние не си одиме од таму или, пак, кога ќе им дојде редоследот, а знаете кои беа партиите што беа на власт. Не знам дали е вистина, но такви информации допираат до мене. Факт е дека оние што ги избрале им изгласаа недоверба, а тие не си заминуваат, остануваат таму. Истото чувство е, претпоставувам, и за јавниот обвинител бидејќи ја слушав неговата изјава“, вели премиерот Мицкоски.
Тој очекува Собранието да ги распише изборите до крајот на следната недела и да запрат именувањата и назначувањата.
„Сега ние и да сакаме да преземеме нешто не можеме бидејќи влегуваме во процес на распишани избори, односно од онаа информација што вчера ја добив од Собранието, најверојатно, изборите ќе се распишат на крајот на следната недела. Сите оние процеси, како што се изборите и именувањата и слично, поради ограничувањата на законот, ќе бидат практично стопирани, така што од ноември ние ќе продолжиме со овој процес онаму каде што застанавме“, рече премиерот Мицкоски.
Нов обвинител нема да биде избран до ноември, дури и во случај Коцевски да си поднесе оставка.
„Ако се охрабри и даде оставка, повторно влегуваме во еден лавиринт, во кој ние не можеме да бираме поради ограничувањата што ги имаме. Ние можеме да избереме, но ќе биде спротивно на законот. Затоа таму има заменици, тие заменици ќе ја заменуваат работата на главниот обвините сѐ додека не биде избран нов. Истото ова важи и за другите институции, не само за јавниот обвинител, кои евентуално би останале без прв човек во оваа институција“, вели Мицкоски.
Со 71 глас „за“ пред три дена, по предлог на партијата Левица, Собранието му изгласа недоверба на државниот обвинител Љупчо Коцевски поради селективност во истрагата за пожарот во Кочани, политичко влијание во работата на Обвинителството, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство – Скопје и непостапување по службена должност за дивоградбите во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

