Македонија
Гром го предизвикал пожарот во велешката фабрика, велат од „Мирана“
Удар од гром е причината за пожарот што синоќа избувна во дел од производствениот погон на „Биокосмос“ во Велес, информираат од компанијата „Мирана“ преку официјално соопштение.
Од ударот се оштетени дел од просториите на „Биокосмос“ и, како што посочуваат од таму, тие привремено ќе бидат надвор од употреба додека не се санира штетата.
Фабриката „Мирана“, која се наоѓа во истиот индустриски комплекс, не била зафатена од пожарот и производствениот процес таму продолжува непречено.
Во пожарот нема повредени лица.
Центарот за управување со кризи претходно денес информира дека пожарот бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите на ЦУК, огнот зафатил магацински простор со фрижидери и канцеларии со документација, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево со мала до умерена облачност, викендот постудено со локални слаби врнежи од дожд и снег
Времето утре, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. По одделни котлини во утринските часови ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево и тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во деновите од викендот ќе преовладува променливо облачно и постудено време со локални слаби врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините.
Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање. Потоа до средината на следната седмица времето ќе биде стабилно и суво.
Македонија
Утре без вода дел од општина Центар
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( петок ) поради изведувзње на водоводен уличен дефект Ф200мм. на улица Димитар Чуповски 27 (позади гимназијата Јосип Брос Тито), со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Димитрие Чуповски и Мито Хаџивасилев Јасмин.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување на работните активности.(општина Центар)
Македонија
Претреси на повеќе локации поради сомнежи за даночна измама од поголеми размери
Од попладнево, под раководство на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), истражители од истото обвинителство, со асистенција на полициски службеници од МВР, вршат претреси на повеќе локации низ државата.
Како што наведува ОЈО ГОКК, се обезбедуваат лица осомничени за злосторничко здружување, перење пари, даночна измама и даночно затајување од поголеми размери. Oд она што досега е познато, вклучени се и вработени во Управата за јавни приходи.
Повеќе информации се најавени во текот на денот.

