Македонија
Драматичен финиш: ШК Алкалоид повторно шампион, ШК Мулти есенс непоразен до второто место!
Во трилер-завршница, која ги изненади и најголемите оптимисти, ШК Алкалоид во последното седмо коло од Екипното првенство на Македонија со нерешен резултат 3 : 3 успеа да стигне до својата 27. титула, сметано од 1992 година до денес, при што тринаесетта во низа.

Ждрепката сакаше најтрофејниот шаховски колектив на Македонија токму на крајот да игра со младите играчи кои потекнуваат од школата на Алкалоид, но мечот се претвори во можност за сензација, па само сталоженоста и квалитетот на играње под висок притисок им помогна на сениорите да успеат да се вратат во игра, откако резултатот беше 3 : 1 за ШК Мулти Есенс. Изненадувањето во мечот започна со триумфот на Кирил Николовски на шестата табла, кој го казни грубиот превид на ВМ Звонко Станојоски, по што следуваше и триумфот на втората табла, каде што ВМ Лука Дршаковиќ го надигра ВМ Велимир Ивиќ. Ремито на првата табла, ВМ Александар Инѓиќ против ВМ Леон Ливајиќ, не беше изненадување, но затоа на четвртата табла ИМ Емил Ристески се намачи за да дојде до реми со Стојан Велкоски. Во финишот ИМ Филип Панчевски го совлада Михаил Јорданов на третата табла, а ИМ Тони Лазов блесна во завршницата за да го израмни резултатот во мечот со победа над Матео Ефтовски.

Тоа донесе апсолутен триумф за овие два клуба на конечната табела од Шампионатот! ШК Алкалоид е прв со 13 бода (6 победи и еден нерешен меч), а ШК Мулти Есенс е втор со 12 бода (5 победи и два нерешени меча). И двете екипи останаа непоразени на Шампионатот.

– Со години наназад друг клуб беше наш ривал во борбата за првото место, па откако беше обезбедена таа победа во 4. коло, надвладеа оптимизмот дека работата е завршена. Во меѓувреме младинците од ШК Мулти Есенс играа сѐ подобро од меч во меч и стекнаа голема самодоверба. Тие имаа сѐ што ѝ е потребно на една екипа за успех и навистина ја направија борбата за титулата драматична. Уште еднаш се покажа дека титулите и рејтингот не играат сами, туку победите ги носат играчите кои ќе останат смирени и фокусирани во текот на целата партија и нема да направат грешки. Оваа титула на ШК Алкалоид се должи само на искуството на играчите, кои подобро се снајдоа во последните минути од мечот, додека за ШК Мулти Есенс ова второ место сигурен сум дека има вредност како да се први, бидејќи лани влегоа во елитното друштво и оваа година имаа цел да изборат опстанок, а се случи сензација – изјави ВМ Драган Јаќимовиќ, капитен на ШК Алкалоид.

За шампионскиот тим на Алкалоид, покрај интернационалците ВМ Александар Инѓиќ (актуелен Европски Шампион) и ВМ Велимир Ивиќ на првите две табли, настапија уште и ИМ Филип Панчевски, ИМ Емил Ристески, ИМ Тони Лазов и „велемајсторската гарда“ составена од ВМ Трајко Недев, ВМ Звонко Станојоски и ВМ Драгољуб Јаќимовиќ.

Целосната доминација на ШК Алкалоид на овогодинешните шампионати е комплетирана, со оглед дека претходно женскиот тим на ШК Алкалоид ја освои титулата кај дамите, каде што ИМ Лела Јавакишвили и ВМ Бела Котенашвили играа заедно со ЖИМ Габриела Коскоска, ЖФМ Моника Стојковска, ЖФМ Моника Жежовска и Леа Ефтовска.
Во освојувањето на второто место кај ШК Мулти Есенс учествуваа ВМ Леон Ливајиќ и ВМ Лука Драшковиќ, заедно со Михаил Јорданов, Теодор Јовановски, Стојан Велкоски, Матео Ефтовски, Кирил Николовски и Дино Табаковски. Сите момчиња кои денес се на возраст од дваесетина години од најрана возраст ја учат шаховската игра во јуниорската шаховска школа на Алкалоид!
Следен предизвик за ШК Алкалоид ќе биде новиот настап на Европскиот клупски куп, кој е на програмата од 18 до 26 октомври во Грција.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Македонија
Андоновски учесник на најголемиот светски конгрес за мобилни оператори – MWC26 во Барселона: во фокусот проектот „Роаминг како дома“
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска е во работна посета на Барселона, Шпанија каде учествува на MWC26 (Mobile World Congress) – најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди и дигитални решенија во светот.
Во рамки на својата посета, министерот се задржа на лобирање за принципот „роаминг како дома“, со цел понатамошно унапредување на условите за граѓаните и бизнисите преку намалување на трошоците за роаминг и приближување кон европските стандарди.
Министерот Андоновски беше дел од GSMA Ministerial Programme, каде се дискутираше за клучни политики и приоритети поврзани со поврзливоста, дигиталната инфраструктура, безбедноста и идните мрежни технологии.
„Ова е најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди во светот. Заедно со претставници на Влади и претставници на приватниот сектор, разговараме за прашањата кои најмногу ги засегаат нашите граѓани и корисниците, а тоа за нас секако е проектот „Роаминг како дома“ – што значи цени како дома за користење на мобилни услуги, СМС пораки и интернет било каде во Европската Унија. Можам да кажам дека од владите и од нашите меѓународни партнери добиваме голема поддршка за овој проект, но и разбирање од големите телеком оператори“, истакна Андоновски.
Министерот додаде: „Во текот на денот имав можност да се сретнам со мобилни оператори кои се присутни во Македонија, но и со бројни светски производители на опрема, даватели на облак (cloud) услуги, каде што разговаравме за најважните прашања кои во моментов го засегаат секторот на дигитализација: изградба на дата центри, вештачка интелигенција, сајбер безбедност и целосна дигитална трансформација на општеството.“

