Култура
Лазар Ристовски, лауреат на фестивалот „Преку езерото“: наградата „Мето Јовановски“ е значајна бидејќи носи име на еден голем актер
Лазар Ристовски, годинешниот лауреат на наградата „Мето Јовановски“, што ја доделува фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“, денеска на прес-конференција изрази благодарност за високотo признание и жалење што никогаш не работел на проект заедно со Мето Јовановски, чие име ја носи наградата што му ја додели фестивалот.
„Роден сум во Војводина, татко ми е од Мариово. Оваа награда е и голема и значајна бидејќи носи име на еден голем актер, Мето Јовановски, кого го познавав, со кој бев пријател, но никогаш не сум играл со него во ист проект. И жалам поради тоа. Почестен сум и среќен што сум во Македонија на овој мошне интересен и оригинално конципиран фестивал ‘Преку езерото’“, истакна лауреатот.
Во поглед на процесот на работа истакна дека секогаш го интересирал токму самиот процес, каде што секогаш давал сѐ од себе.
„Кога ќе дојде премиера, црвен килим, тука не се чувствувам пријатно и не се оптоварувам со тоа. Кога бев помлад – да, но како што поминував сѐ повеќе време во оваа работа, а еве веќе 50 години работам како актер, режисер и продуцент, сѐ она што доаѓа потоа не ме интересира“, рече Ристовски.
Вели дека во овие 50 години глумата била негов живот.
„Актерството е многу тешка професија, бидејќи наша алатка е нашето тело и нашата психа и разликата меѓу актерите се состои во тоа колку се храбри да ископаат во себе по својата психа. Оние кои се храбри да копаат подлабоко, пожестоко- тие се поголеми актери. Тоа не значи дека тоа ќе се види на нивните лица, некој глуми лесно, без оглед колку копал во себе и што се нашол. На некои актерски имиња тоа се гледа во смисла на напор и грч, има актери кои се потат, има некои кои лесно минуваат низ тоа… Јас сум некаде помеѓу- не се потев премногу, но доживував тежок процес, Во последно време малку глумам, но и немав некои понуди кои би ме мотивирале. Имав среќа да работам со некои што се светска елита и во театар и на филм, така што таквите актерски предизвици ги поминав, бидејќи актерот глуми најмногу за режисерот, тој му е огледало додека ја работи својата работа и во театар додека траат пробите, актерот со едно око гледа во режисерот како реагира“, раскажа Ристовски.
Првпат во животот ќе одржи мастер-клас токму на фестивалот „Преку езерото“ во Дојран.
„На фестивалот ќе одржам мастер-клас првпат во мојот живот. Никогаш не сум сакал никому да му солам памет или да држам предавања и затоа никогаш не сакав да бидам професор по глума. Јас како ученик и во основно, и во средно училиште, и на факултет никогаш целосно не им верував на професорите. Секогаш наоѓав некое поинакво мислење, секогаш бев критичен и често поради тоа ме бркаа од часовите. И сега јас како таков некому да давам памет не ми одеше и затоа не се занимавав со педагошка работа“, рече Ристовски.
Лазар Ристовски има одиграно повеќе од седумдесет улоги на филм и телевизија, во сите жанрови, на сите јазици на некогашната заедничка земја.
„Играше на српски, играше на англиски, на француски, на германски, a во филмот `Бело одело`, иако сите знаеме дека пишува `Не нагињи се кроз прозор`, тој висеше од надворешната страна на возот во движење се додека на сто јазици не кажа `Те сакам`! Во Македонија играше на македонски во филмовите `Јазол` и `Збогум на дваесеттиот век`. Но, она што е поважно е дека Лазар Ристовски во сите свои карактери играше со јазикот на љубовта, играше на јазикот на среќата, играше на јазикот на тагата, играше на јазикот на надежта, за сите разбирлив како универзален јазик на уметноста на филмот“.
Му благодрам на мајсторот на филмот Лазар Ристовски, кој со своето актерско, но и човечко достигнување, направи во светот на филмот соништата на илјадници деца, илјадници тинејџери, илјадници студенти, а подоцна илјадници филмаџии по овие балкански и медитерански светови на сонот да создаваат свет составен од приказни за тоа како се расте, како се живее, како се страда, како се љуби, и како се создава свет на идеали, свет на совршената причина да постоиме и да создаваме свои соништа во форма на подвижни слики! Нека му е честита наградата `Мето Јовановски` за високо актерско достигнување во уметноста на филмот“, рече на денешната прес-конференција Јани Бојаџи, директорот на фестивалот „Преку езерото“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.
Култура
Во Лондон доделени наградите БАФТА: „Една битка по друга“ прогласен за најдобар филм
Седумдесет и деветото доделување на наградите БАФТА се одржа синоќа во Лондон. За најдобар филм беше прогласен „Една битка по друга“ во режија на Пол Томас Андерсон, кој ја освои и наградата за најдобар режисер.
Иако наградите БАФТА за најдобар филм и најдобар режисер обично се делат помеѓу два одлични филма, овој пат обете награди ѝ припаднаа на акционата црна комедија.
Британецот Роберт Арамајо беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во филмот „Се колнам“.
Во категоријата за најдобар актер беа номинирани и Тимоти Шаламет за неговата улога во филмот „Грешници“ и Леонардо Дикаприо за „Една битка по друга“.
Како што се очекуваше и заслужено, Џеси Бакли беше прогласена за најдобра актерка за нејзината изведба на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“ во режија на Клое Жао.
Наградата БАФТА за најдобар спореден глумец му припадна на Шон Пен за неговата улога во „Една битка по друга“, додека наградата за најдобра споредна глумец ѝ припадна на Вунми Мосаку за нејзината улога во „Грешници“.
Најистакнат британски филм е „Хамнет“, додека наградата за најдобро сценарио му припадна на Рајан Куглер за филмот „Грешници“.
Најдобар филм прикажан на друг јазик е „Сентиментална вредност“, најдобар документарец е „Господин Никој против Путин“, додека „Зотрополис 2“ е најдобар анимиран филм.
Водител на 79-тото доделување на наградите БАФТА беше шкотскиот актер, водител и режисер Алан Каминг.

