Македонија
Алиу промовира нов модул за електронска евиденција на здравствени прегледи во областа на медицина на трудот
Министерот за здравство Азир Алиу на денешната прес-конференција го промовира новиот модул за електронска евиденција на здравствените прегледи во областа на медицина на трудот. Модулот е изработен од Управата за електронско здравство во соработка со Институт за медицина на трудот и со Здружението на лекарите специјалисти по медицина на трудот.
„Модулот овозможува електронска евиденција на здравствени прегледи што досега се спроведуваа исклучиво на хартија, со што се прави значителен исчекор кон целосна дигитализација на здравствените услуги во оваа област. Овој модул претставува значаен напредок во дигитализацијата и модернизација на здравствените системи, кој носи конкретни придобивки за сите граѓани, работодавци и здравствени работници во нашата држава. Во системот електронски се евидентираат здравствените прегледи за општа здравствена способност, за засновање работен однос, за здравствена и психофизичка способност за управување со моторно возило, трактор и работна машина, како и прегледи за здравствена состојба за поседување и носење оружје“, посочи Алиу.
Драгана Бислимовска од Институтот за медицина на трудот информира дека станува збор за прва електронска евиденција од ваков тип во националниот систем „Мој термин“, со која се овозможува електронски запис за издавање лекарски уверенија и следење анализи и податоци во реално време.
„На овој начин, конечно, ќе се овозможи интегрирање на дејноста медицина на трудот во системот ‘Мој термин’ преку регистрација на извршените здравствени прегледи, со што ќе се овозможи видливост и следење на нашите активности од областа на медицината на трудот. Особено е значајно што нас како лекари специјалисти по медицина на трудот ни се овозможува пристап до здравствените податоци за секое лице“, псочи Бислимовска.
Жаклина Чагороска од националниот електронски систем „Мој термин“ информира дека сите прегледи се вршат исклучиво во овластени здравствени установи, каде што лекарите се идентификуваат преку своја професионална лиценца или факсимил.
„Со секој преглед автоматски се креира посебен здравствен картон за овој тип на евиденција. Понатаму, системот автоматски генерира лекарски извештај, кој содржи медицинско мислење, идентификувани состојби, препораки за вработениот и за работодавецот, како и оценка на работната способност“, рече Чагороска.
Процесот на дигитализација ќе продолжи во следниот период со креирање портал за работодавците преку е-услуги за иницирање прегледи на вработените, интеграција во здравствените досиеја и прикажување во апликацијата „Мое здравје“, како и целосна дигитализација на документите и поврзување со институции преку интероперабилност, особено со Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за вработување“, најавија од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ обвини за операција за враќање на Груевски: Мицкоски е чувар на фотелјата, велат од партијата
СДСМ денеска на прес-конференција преку членката на Извршниот одбор, Симона Цветановски, обвини дека ВМРО-ДПМНЕ спроведува, како што рекоа, внимателно планирана операција за рехабилитација и враќање во земјата на поранешниот премиер Никола Груевски.
„Очигледни се напорите на ВМРО да го рехабилитираат и вратат во земјата осудениот бегалец Никола Груевски. Христијан Мицкоски е привремен чувар на фотелјата за вистинскиот газда на ВМРО. Станува збор за внимателно планирана операција која ги поткопува темелите на нашата правна држава“, рече таа.
Според неа, првиот сигнал е можната промена на политичките околности во Унгарија и губењето на, како што рече, политичкиот штит што му овозможувал заштита од екстрадиција.
Вториот чекор, според СДСМ, е укинувањето на потпретседателските позиции во ВМРО-ДПМНЕ, што Цветановски го оцени како стратешки потег за елиминирање на внатрешната конкуренција и подготовка на теренот за враќање на Груевски на чело на партијата.
Третиот елемент, како што посочи, е нападот врз предметите што ги водеше Специјалното јавно обвинителство и, според неа, обид за дискредитација на СЈО и пресудите поврзани со поранешниот премиер.
Како четврта точка, Цветановски ја наведе изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека ова му е последен мандат како претседател на партијата и дека нема да го менува статутот.
„Овие маневри не се само партиска игра. Тие се директен напад врз владеењето на правото“, истакна Цветановски, додавајќи дека, според СДСМ, се носат правосудни закони што не се во согласност со препораките на ЕУ и се вршат кадровски поставувања во обвинителството блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ засега нема реакција на овие ставови.
Македонија
„Сите сме под стрес“: сопругата на пејачот Даниел Кајмакоски разговараше со медиумите по киднапирањето
Сопругата на македонскиот пејач Даниел Кајмакоски, Марина, се огласи еден ден по неговото киднапирање .
Имено, ноќта меѓу сабота и недела пејачот бил киднапиран од двајца мажи во Белград, а со брза и ефикасна реакција на полицијата – поминал неповреден.
„Што да ви кажам, сите сме под стрес. Даниел сега е добро, се опоравува и е тука со нас, а што се однесува до целиот случај, не смееме ништо да зборуваме поради истрагата“ истакна сопругата на пејачот.
Сè е препуштено на адвокатот, а јас ги молам сите за разбирање – кратко изјави Марина за „Блиц“.
Во меѓувреме, соседите во Рума зборуваа за киднапирањето и што се случувало кобната ноќ.
Милка Ј., чие домаќинство се наоѓа во близина на местото каде што киднаперите го напуштиле возилото, откри детали од агонијата низ која поминала кога нејзиниот сопруг среде ноќ излегол да го провери имотот.
„Мојот сопруг ги слушна кучињата како силно лаат и излезе да ја провери шталата, за да се увери дека никој не се крие внатре. Јас му довикувам: „Каде одиш, ќе те удрат со нешто по глава и ќе те убијат!“ Се плашам, ние не сме оградени. Да сакале, можеле со нога да ја скршат вратата и стаклото. Фала му на Бога што не го направија тоа! Овде има четири напуштени куќи, можеле каде било да се сокријат, но полицијата сега го прегледа сето тоа – раскажува потресената Милка и додава дека полицајците пристигнале до нивната куќа рано наутро“, рече таа, а пренесе „Курир.рс“.
„Разговараа со мојот сопруг, го прашаа дали сме виделе сомнителни лица. Кога ги видов, прво помислив дека соседите тргнале на лов, затоа што видов пушки… дури подоцна сфативме што се случува“, додаде.
Кајмакоски беше киднапиран ноќта кон неделата од страна на две лица кои по настап во Белград присилно го внеле во своето возило. По полициската потера, и ударот на автомобилот во банкина, полицијата го пронајде Кајмакоски, додека киднаперите кои побегнале се’ уште не се најдени.
Македонија
Утре без вода делови од скопски Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( вторник ) -поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.(општина Карпош)

